ДОБРЕ ДОЈДЕ!

Почитуван посетителу,

Се наоѓаш на блогерски веб-портал Mythos кој безрезервно и со посебно задоволство ти ги отвора портите кон далечното античко минато на европските народи. На твоето патешествие со мелодиите на древноста и со внимателно одбрани и впечатливи илустрации ќе те запознава со материјалните и духовните блага на нашите далечни европски предци.

УВОД ВО КЛАСИЧНАТА КУЛТУРА

Во вистинска смисла на зборот древните жители на Европа биле бележити творци на секакви дела, изумители на секакви откритија, вечни мечтатели, досетливи мудреци, божествено вдахновени мистици и бестрашни, непоколебливи, па дури и безмилосни освојувачи со робовладетелска жар. Од виртуозната рака на нивниот гениј и со митскиот ум со кој биле настроени да го набљудуваат животот и постоењето на битието, натрупале ризница од благодети од кои нивните потомците се инспирирале од замирањето на старовековната европска цивилизација и не престануваат да се инспирираат до денешен ден.

Ние, по род Македонци, и останатите народи кои живеат во Македонија, и сите преостанати европски народи кои ја изучуваат и ја истакнуваат важноста од негувањето на класичната култура, се сметаме за непосредни наследници на нашите далечни изумрени предци, во културолошко-историска, па дури и во биолошка смисла земајќи ги предвид генетските законитости на биолошка промешаност во долговековниот период исполнет со демографски поместувања.

Овој образовен блог е наменет за сите љубители и почитувачи на духовното и материјалното творештво на старите Хелени и Римјани, како и на општествено-историските услови во кои се развивале и созревале овие древни европски култури. Република Македонија е составен дел од нив, вклучително и од древната Македонија, во кој се вмрежувале многу народи со нивните етнографски и културолошки особености оставајќи печат во духот на времето низ творештвото, верувањата и технолошкиот напредок.

Тоа спознание, лишено од менталните пранги на деструктивните политики за разнебитување, раздвојување, за автохтоност, етничка исклучивост и за сеење на омраза меѓу европските народи, пружа во еднаква мера восхит и должност со страст и ревност да ја негуваме богатата оставина на предците и да ја пренесуваме вообличена во нешто приемчиво, дофатливо, привлечно и поттикнувачко за потомците.

Современата технологија недвосмислено ми придава можност духот на времето да го предавам на начин сетилно привлечен, вдахновувачки и поттикнувачки за младата публика која учи, расте и се развива, но, се надевам, и за возрасната, која повремено би се навраќала на неговите благодети и со задоволство би се потсетувала и насладувала со нив.

КОЈА Е ЦЕЛНАТА ГРУПА НА MYTHOS?

Пред сè, блог-порталот Mythos содржински ја покрива Наставната програма по стариот предмет Класичната култура во европската цивилизација во VI-то одделение од деветгодишното основно образование бидејќи неговиот фокус се учениците кои ја следат наставата по овој предмет.

Покрај образовните содржини предвидени за Класичната култура, блог-порталот задолжително ги опфаќа дигиталните содржини за наставниот предмет Латински јазик во средно гимназиско образование и во здравствената и земјоделско-ветеринарната струка каде што овој класичен јазик се изучува како задолжителен предмет.

Со проширувањето на полето на интерес, Mythos прераснува не само во дигитално истражувачко средиште за ученици и студенти, туку и refugium sui generis за многубројни ревносни палеофили и ентусијасти кои не ѝ припаѓаат на потесната струка.

ПРОМЕНИ СО КОНЦЕПЦИЈАТА ЗА ОСНОВНО ОБРАЗОВАНИЕ

Преку Концепцијата за основно образование промовирана во 2020-тата година, предметот опстанува со статусот слободен изборен предмет за прво или за второ полугодие со 36 часа неделен фонд и ја губи додавката „во европската цивилизација“. Званично, од 2023-тата во новиот учебен циклус, се препознава по називот Класична култура вбројувајќи се со другите изборни предмети од подрачјето „продлабочување на знаењата од задолжителната настава“. Според Нормативот за наставен кадар, наставата по Класична култура ја изведува наставник со завршени Класични студии кој се стекнал со звање дипломиран класичар или дипломиран класичен филолог.

ОТВОРЕНИ ОБРАЗОВНИ РЕСУРСИ НА БЛОГ-ПОРТАЛОТ MYTHOS

Како извор на податоци блог-порталот им служи на наставниците за да ги осмислуваат методско-дидактичките компоненти во наставното планирање со методологија соодветно да одговори на барањата на Концепцијата за основно образование. На учениците им нуди посебна можност да црпат сознанија во поширок контекст со интерактивни и визуелно-податливи сегменти од Наставната програма по Класична култура и практично да ги применуваат сознанијата во амбиент кој им прилега на возраста и на когнитивните можности на учениците.

Сите образовни ресурси се изготвени и објавени pro bono publico со напомена дека треба да се употребуваат во форматот во кој се произведени од авторот и ако се употребуваат како извор за нови творечки дела од друг автор на недвосмислен начин да му се придаде признание на изворниот автор. За тоа можеш да прочиташ на страницата Што треба да знаеш пред да ги употребуваш материјалите на блогот MythosMK?.

КАКО ДА СЕ СНАОЃАШ СО СОДРЖИНИТЕ?

Користи го главното мени на врвот за да ги пронаоѓаш насловите, содржините, врските и некои други информации кои ти се потребни. Страничниот блок е предвиден за насловите на написите кои обработуваат некои теми, но и за други компоненти кои авторот смета дека можат да му бидат важни и неопходни на посетителот. Средишниот блок е предвиден за прикажување на написите и на страниците на блог-порталот. 

КОЈА Е МИСИЈАТА НА БЛОГ-ПОРТАЛОТ MYTHOS?

Приближувањето на класичната наука кон интересите на учениците и љубителите на антиката и истакнувањето на богатото културно и материјално античко наследство запазено во територијални рамки на Македонија и во останатиот свет, претставуваат основна задача и мисија на овој блог.


КОЈА Е ВИЗИЈАTA НА БЛОГ-ПОРТАЛОТ MYTHOS?

За тоа како оваа духовна ризница ќе биде пренесена и претставена пред идните поколенија, зависи од самите нас, од нашите напори и желби, посветеноста и ентусијазмот, од нашите познавања и стремежи, со цел да ги инспирираме младите да копаат низ минатото, да ги бараат почетоците, да ги споредуваат и поврзуваат современите и античките вредности, мисли, творби и облици, да ја бараат смислата на постоењето, да ги следат текот и развојот на религиозните правци, учења и практики, да ја будат сопствената фантазија, да се запознаат со разни културолошко-социолошки парадигми различни од современите и со вредносните системи чии корени досегаат до далечното човеково минато.

И НА КРАЈОТ, НАКРАТКО, ЗА ЗНАЧЕЊЕТО НА КЛАСИЧНАТА КУЛТУРА

Класичната култура претставува камен-темелник на современата европска цивилизација, мотив и инспирација за европските и светските поети, уметници, архитекти, научници и мислители.

Ти благодарам за твоето внимание!