Полека и стихијно навлегува во мојот двор со разнобојни насади, си седнува на столица, како неповикан гостин на гозба. Се послужува со принесената софра: со бокалот лимонада во кој исцедив лимони за здравје, пие ненаситно, а не ми изгледа нешто жеден; ја граба питата од јаболко со крутите прсти, во која ги исецкав резанките од набраните јаболка за моја наслада, и дроби со острите заби.
Откако се нахрани од слаткото без да праша, не му беше тоа доволно да се насити, та го сврте сопствениот поглед кон салатата од пиперки, краставици и домати, и почна да боде со вилушката непромислено, без да сопре, каснувајќи од мојот оброк кој ми дава сила за да го истуркам подарениот ден.
Кога ќе заврши неговата гозба, задоволно ме погледнува во очите и горко ми се насмевнува, а јас сум немоќен да го изгонам од дворот.
Соѕидав ограда од цврст мермерен камен, и поставив широка бронзена капија висока три метри. Се затворив целосно. Продорните зраци и топлината од сонцето го осветлуваа дворот само во една третина од денот. Зимите беа тешки, летата станаа неподносливи.
И покрај сите напори да го одвратам, тој ќе се прикрадеше молкум и ќе се ги испружеше неговите гладни раце врз трпезата. Јадеше ли јадеше, пиеше ли пиеше, а јас гледав, мислев, треперев, очајував, очите ми завируваа, некогаш и потседнував на студениот цемент заплетен во мислите, откривајќи вистина колку сум, всушност, немоќен и слаб.
Токму таа вистина отрезнува, исто како некој да ти плеснал силна шлаканица од која црвенилото ги разбудило мозочните клетки кои ти го отвориле светогледот. И така осознав дека секој лош потег, секоја тмурна мисла, секоја горчина во душата, секој неизоден пат, секој страшен предизвик, секоја излеана солза, секоја празнина и секакво црнило, стареењето и воздишките, и загубите на најблиските и ближните се неизоставен дел од мојата природа.
Во сите тие мугри каде што изгрева нова надеж, гостинот ми стана животен сопатник. Го поканив и во мојот дом кој макотрпно сум го градел. Заедно се будиме, еден спроти друг на трпезата јасно се гледаме и се храниме меѓусебно, тој мене ми пружа едно парче, јас нему. Како врви денот, ме држи цврсто за мојата рака и двајцата се движиме нешумно по животниот пат кој има криви патеки. Ми потшепнува колку сум несовршен, колку сум паднат, ранлив и минлив колку е мојот дом кревок и трошен. Ми дошепнува покажувајќи со прстот какви се минувачите кои ме среќаваат, колку се малечки, безначајни, кршливи, а веруваат дека имаат Дајдалови крилја кои ги носат до небесата. Ах, колку ли се наивни сега тие како што бев јас некогаш, сè додека не ја вдишат трагиката на постоењето со силната шлаканица.
Ноќе, кога се прибираме, заедно заспиваме гушнати еден до друг, очите понекогаш отворени гледаат кон голема космичка бездна, зашто се толку будни што веќе ни сон не ги крпи капаците.
Во една пригода, успокоен во темна и страшна тишина, тивко го прашав кое е името на мојот сопатник, тој ја навали главата под увцето, со благ глас и топла воздишка ми прошепоти: Патхос (Страдание)...
(од мој агол)
31.8.2020 год.
No comments:
Post a Comment