Драмата е најсложениот книжевен род што се развил во античката книжевност по лириката и епиката. Во драмскиот текст се среќаваат епски и лирски елементи, додека на сцена при изведба на драмскиот текст била застапена музичката и танцовата уметност. Од уметничките книжевни родови единствено драмата е чист изум на старите Хелени што настанал под влијание на култот кон богот Дионис, тракиско божество на виното, веселбата и гроздоберот.
Од каде потекнува зборот драма?

Зборот драма води потекло од старогрчката именка drama (стгрч. δράμα = дејство, чин) изведена од глаголот drao што значи правам, чинам, дејствувам. Овој книжевен род го добил називот драма поради тоа што драмскиот текст што го пишувале поетите не служел за читање во приватен простор, како што тоа денес се прави, туку исклучиво за изведба во театар. Драмскиот текст е, всушност, сценарио за глумците и хорот. Глумците имале задача да ги оживеат ликовите од текстот, односно да ја остварат улогата на ликовите, додека хорот ја имал улогата да отпее некоја лирска песна поврзана со темата што се обработува во драмата.
На сликата е претставен Дионис со сатирите. На овој киликс (античка чинија) е прикажан богот Дионис како свири на китара додека сатирите во заносен танц му пеат дитирамби, хорски обредни песни за негово востоличување. Зад ликовите се забележуваат лозови разграноци како симболика на Дионисовата теофанија. Киликсот е изработен во црвенофигурален стил околу 480 год. пр.н.е. од страна на сликарот Бригос.

Изведба на трагедијата Агамемнон од хеленскиот драмски поет Ајсхил од страна на студентите од државниот универзитет Сагино Вели (САД) во духот на античката драма со костимирани ликови и театарски маски. Оваа драма Ајсхил ја претставил пред хеленската публика во Атина во 458 год. пр.н.е. Во неа се одигруваат настаните по тројанската војна кога врховниот ахајски водач Агамемнон се враќа во неговото кралство Арг. Жена му Клитајмнестра за тоа време додека мажот ѝ е отсутен врши прељуба со љубовникот Ајгист поради гневот и тагата нанесени од жртвувањето на нејзината ќерка Ифигенија. Имено, за да пловат по мирните морски води, Ифигенија, ќерката на Агамемнон и Клитајмнестра, требала да се жртвува на жртвеникот на божицата Артемида. Трагедијата завршува кога Клитајмнестра ќе го убие Агаменон со нож во коритото додека се капел фрлајќи мрежна прекривка за да не може да се брани. Смртта на Агамемнон ќе ја освети неговиот син Орест со убивање на Клитајмнестра и нејзиниот љубовник.
Кои составни делови го сочинуваат античкиот драмски текст?
Античкиот драмски текст е составен од дијалог и лирска песна. Дијалогот го исполнуваат драмските лица или глумците на сцена во театар, додека лирската песна ја исполнува хорот. Хорот е присутен само во хеленските драми, додека во римските го нема бидејќи е исфрлен, што останало така и во подоцнежните драмски текстови сè до денес. Лирската песна што ја исполнува хорот во драмскиот текст е веројатно остаток од дитирамбите - хорските обредни песни што старите Хелени му ги посветувале на Дионис додека ги изведувале неговите свечености. Драмскиот текст, за разлика од современата драма, се пишувал во стихови бидејќи самиот книжевен род е уметнички, значи му припаѓа на уметничкото книжевно творештво. Глумците на сцена дијалогот го воделе со потпевнување, токму поради неговата стихувана композиција чиишто корени се наоѓаат во хорското пеење.
Кој ги составувал античките драмски текстови за изведба во театар?
Во антиката, драмите ги составувале и пишувале драмските поети или драматичари. Според видот на драмата што ја пишуваат, тие се делат на трагедиографи и комедиографи. Трагедиографите се драмски поети кои пишувале трагедии, додека комедиографите пишувале комедии.
Еден од најзачуваните антички хеленски театри.
Се наоѓа во близина на античкиот град Епидаур во Пелопонес, Грција.
Како старите Хелени ги доживувале драмата и театарот?
 |
| Театарот на Дионис во Атина (реконструкција) |
Според поимањето на старите Хелени, во животот постојано се случуваат драми. Во секоја човечка заедница се одвива некаква драма, таа ги прикажува сите аспекти од човековото постоење, како што се раѓањето, смртта, страдањето, радоста, бракот, жетвата, битката и др. Она што треба да се знае е дека во театрите во Хелада драмските претстави не биле културно доживување како што тоа ние го чувствуваме денес, туку тие имале едно многу подлабоко и посуштинско значење за нив. Театарот за старите Хелени бил светилиште каде што присутната публика седи за да набљудува верски обреди, за да му изрази почест на богот Дионис, оној врз основа на чијшто култ се развила драмата. Пред започнување на драмската претстава се извршувал чин на жртвопринесување, свештеникот со неговите помошници со жртвен нож колел коза, така што со пролевање на крвта му се укажувала чест на божеството пред кое сите му се клањале и молеле.
Кој е богот Дионис и зошто е значаен за драмската уметност?
 |
Уметничка претстава на
богот Дионис со грозје.
Автор: Klarissa Delos Angeles |
Како што е спомнато погоре, старите Хелени ја развиле драмата благодарејќи на култот спрема богот Дионис. Ова тракиско божество се смета за заштитник на винарството, покровител на драмската и танцовата уметност. Хелените верувале дека богот Дионис умира со настапувањето на зимата, а оживува со доаѓањето на пролетта. Напролет, во чест на враќањето на Дионис биле празнувани Големите Дионисии во Атина, тоа биле свечености во кои се изведувале драмските натпревари и биле мошне посетувани од Хелените кои доаѓале од сите краишта на Хелада и Мала Азија. Театарското здание настанало во една обредна игра на сатири (шумски духови) кои му пееле обредна песна на Дионис наречена дитирамб.
Сатир, шумски дух, следбеник на богот Дионис Во реалноста, мажите се преоблекувале во сатири носејќи коњска опашка, коњски уши и козја маска на лицето. Песната ја исполнувал хор од мажи и момчиња кои свиреле на авлос околу жртвеникот на божеството. За да го почестат и да му угодат, му принесувале крвна жртва – коза. Постепено, овој мистичен ритуал се развива во спектакл во којшто танцот, пеењето и глумењето го добиваат своето почесно место. Хеленскиот поет Теспид пишувал дитирамби и првиот ја воведува трагиката, па затоа се смета за татко на трагедијата.
Кои драмски видови се развиле во античката драма и какви теми обработуваат тие?
Развој на комедијата
Трагедија е најстариот драмски вид кој се развил од дитирамбите, песни посветени на богот Дионис. Прочуени претставници на трагедијата се Ајсхил, Софокле и Еврипид.
 |
| Театарски маски |
Трагедијата во буквален превод претставува козја песна (стгрч. tragós – коза, стгрч. odé – песна). Иако се знае дека трагедијата преставува драмски текст со тажна содржина, козата најверојатно се однесува на обредната жртва која му се принесувала на Дионис за време на заносниот танц на сатирите. Трагедиите биле исполнувани на орхестрата и на сцена од театарот. Хорот и глумците го воделе драмското дејство. Глумците најчесто носеле маски на лицето за да им овозможат на оддалечените гледачи да ги забележат нивните изрази на лицето, дали се весели или тажни, за да се соживуваат со емоционалната состојба на драмскиот лик, но и поради разните драмските ликови кои ги претставувале (богови, херои, суштества). Меѓу прочуените хеленски трагедиографи биле Ајсхил, Софокле и Еврипид.
Ајсхил (525-456 год. пр.н.е.)
|
| Ајсхил - Капитолски музеи |
Ајсхил е „таткото на трагедијата“ кој за првпат воведува втор актер на сцена. Хелените го паметат по огромното внимание кон кореографијата, костумите и застрашувачките маски. Се вели дека на премиерата на Евмениди, појавата на хорот на Ериниите била толку страшна што децата во публиката паѓале во несвест. До денес се сочувани седум негови дела, меѓу кои грандиозната трилогија Орестија и симболот на човечкиот пркос, Прикованиот Прометеј.
Покрај реквизитите, Ајсхил е заслужен и за воведувањето на котурните – чевли со високи потпетици кои на актерите им давале натчовечка висина, правејќи ги да изгледаат како вистински херои и богови пред публиката во огромните театри.
Софокле (496-405 год. пр.н.е.)
|
| Софокле - King's College |
Софокле го вовел третиот актер и ја зголемил улогата на дијалогот. Напишал 123 драмски дела, но само седум стигнале до нас во целина. Неговите трагедии, како Кралот Ојдип и Антигона, се сметаат за врв на класичната драмска уметност. Скулптурата што го претставува денес е дело на Константин Дауш, изработено како верна копија на античкиот хеленски оригинал.
За разлика од Ајсхил кој ги сликал луѓето какви што треба да бидат, Софокле изјавил дека тој ги слика луѓето какви што навистина се. Неговиот фокус е врз трагичниот избор на поединецот кој се соочува со моќните сили на судбината. Тој го задржува достоинството дури и во страдањето.
Еврипид (480-406 год. пр.н.е.)
|
| Еврипид - Musei Vaticani |
Последниот од големата тројка трагедиографи, Еврипид, ги симнал хероите на земјата и психолошки ги соголил. Тој ја вовел подвижната направа „Deus ex machina“ за разрешување на комплицираните заплети преку божествена интервенција. Од неговите 90 драми, сочувани се 18, меѓу кои Медеа, Бакхи и единствената целосна сатирска игра Киклоп. Неговата биста денес се чува во Ватиканските музеи во Рим.
Еврипид се смета за првиот модерен драматург бидејќи прв почнал да ги истражува внатрешните конфликти и лудилото на своите ликови. Неговите женски ликови, како Медеа, се претставени со изразена емоционална длабочина и комплексност што била невидена дотогаш во антиката.
Развој на комедијата
Комедијата внесува весела содржина и комични ситуации. Меѓу најпознатите комедиографи бил Аристофан, а подоцна Менандар, додека во Рим особено се истакнале Плаут и Терентиј.
Аристофан (448-380 год. пр.н.е.)
|
| Аристофан Атињанинот |
Познат како „убавецот“, Аристофан бил мајстор на острата политичка сатира. Преку неговите 11 сочувани комедии (од вкупно 24), тој безмилосно ги исмевал атинските политичари и општествените слабости. Неговиот јазик бил суров и вулгарен со единствена цел – да ја изнасмее публиката до солзи. Насловите како Облаци, Птици и Лисистрата остануваат сведоштво за неговиот генијален хумор.
Аристофан живеел во времето на најголемата слобода на говорот во Атина наречена паресија (parrhesia), па затоа не се плашел да ги нарече политичарите со погрдни имиња дури и кога биле присутни во првите редови на театарот. Неговата комедија била гласното социјално огледало на градот.
Менандар (342-291 год. пр.н.е.)
|
| Менандар - Музеј во Ефес |
Менандар е главен претставник на новата атичка комедија. Наместо политика, неговиот хумор се фокусира на секојдневните семејни ситуации, вљубени момчиња и родителски грижи. Неговата единствена целосно зачувана драма, Намќор, ни открива еден поромантичен и поблаг пристап кон комичното. Бистата на Менандар денес се чува во Археолошкиот музеј во Ефес.
Иако со векови бил познат само преку цитати, Менандар е всушност „таткото“ на она што денес го нарекуваме ситуациска комедија или sitcom. Неговите типични ликови како што се строгиот татко или лукавиот слуга станале архетипови кои преку Рим стигнале до Молиер и модерната телевизија.
Плаут (254-184 год. пр.н.е.)
|
| Плаут - Liber Chronicarum (1493) |
Тит Макиј Плаут е великанот на римската комедија. Потекнувал од сиромашно семејство и работел во мелница пред неговите драми да го освојат Рим. Неговите ликови, особено итрите робови кои им помагаат на вљубените господари, станале инспирација дури и за Шејкспир. Варон потврдил 21 негово дело како автентично, збирка позната како Fabulae Varonianae.
Јазикот на Плаут, т.н. архаичен латински, е жив, полн со кованици, алитерации и игри со зборови. Тој ја создал врската помеѓу атинската софистицираност и римскиот народен дух, правејќи ја театарската уметност достапна за сите слоеви на римското општество.
Терентиј (184-159 год. пр.н.е.)
|
| Терентиј - Codex Vaticanus |
Публиј Терентиј Афер, роден во Картагина како роб, го добил името од својот сенатор-добротвор. Познат е по хуманистичкиот цитат: „Homo sum, humani nihil a me alienum puto“. Неговите шест сочувани комедии се одликуваат со елегантен јазик и се лесни за читање, дури и за современата публика, бидејќи се фокусираат на општочовечките вредности.
Стилот на Терентиј е толку чист и правилен, што во текот на средниот век и ренесансата неговите драми биле основниот учебник по кој младите го учеле латинскиот јазик. Тој не барал смеа по секоја цена, туку човечка емпатија и морална поука.
Книжевни извори:
1. В. Димовска-Јањатова, В. Томовска, Класичната култура во европската цивилизација, Графички Центар ДООЕЛ, Скопје, 2010
2. J. Boardman, J. Griffin, O. Murray, The Oxford History of the Classical World, Oxford University Press, Oxford, 1986, 134-159
Електронски извори:
http://hr.wikipedia.org
No comments:
Post a Comment