ВКУПЕН БРОЈ НА ПРЕГЛЕДИ

17 February, 2017

За изгледот и функцијата на римските бањи наречени терми

АНТИЧКИТЕ БАЊИ КАКО МЕСТО ЗА РАЗНИ ДРУЖБЕНИ АКТИВНОСТИ

Старите Римјани имале обичај секојдневно да одат во јавните бањи каде што не само што се капеле за одржување на чистота на телото, туку и се рекреирале во различни спортски, забавни и интелектуални активности. Додека за нас капењето претставува приватна работа, односно се одвива најчество во домовите во затворен простор, за старите Римјани капењето било неизоставен дел од општествениот живот.


КАКВИ ВИДОВИ НА БАЊИ СЕ ГРАДЕЛЕ ВО АНТИКАТА И КАКО СЕ ОРГАНИЗИРАЛ ЖИВОТОТ ВО НИВ?

Постоеле приватни и јавни бањи. Приватните ги викале balneae, по површина биле помали, а јавните ги викале thermae, кои биле далеку поголеми. Влезот се плаќал по разумна цена, дури и слободниот граѓанин во римското општество можел да си го приушти задоволството да ужива во бањите. Во времето на Римската Република бањите биле организирани на тој начин што имало посебен посебен влез за мажи и жени, а можеле да ги посетуваат од утро до вечер. Во времето на Римското Царство, овој обичај се сменил, жените заминувале на капење рано наутро па сè до 15.00 ч. напладне, а мажите од 15.00 ч. до затворањето, по што се враќале дома за вечера. Интересен податок во врска со цената е тоа што жените плаќале поскапо од мажите за влез. Додека жените плаќале 1 ас (1 бакарна монета), мажите плаќале ½ ас.

РЕКРЕАТИВНИ АКТИВНОСТИ ПРЕД КАПЕЊЕ


При влегување во римските бањи првата просторија се викала аподитериум. Тоа било место за соблекување. Таму имало ниши за оставање на личната облека, обувките, стригилот и маслиновото масло. Побогатите Римјани доаѓале со куќен роб капсариус кој имал должност да ги чува личните предмети на господарот, додека сиромашните граѓани плаќале чувар за оваа работа, затоа што бањите биле прочуени места каде што демнееле секакви улични крадци и натрапници. По соблекувањето се мачкале со маслиново масло, вежбале, трчале и се рекреирале во разни спортски активности. Најчесто надвор од бањите имало гимназиум каде што се вршеле разни телесни вежби.

КАКО СЕ ОДВИВАЛО КАПЕЊЕТО ВО БАЊИТЕ? ПОДЕЛБА НА ПРОСТОРИИ.

Пресек на римска бања со простории за капење.
ТЕПИДАРИУМ

По вежбањето, потта, нечистотијата и маслото од телото ги истривале со стригил, свиено метално орудие. Потоа, по обичај, влегувале во тепидариум, просторија во која биле зaгреани ѕидовите и подот за да го привикнат телото на потопли простории со пареа кои следуваат по тепидариумот. Некои простории имале базени со топла вода и ниши за складирање на облеката и предметите. Тепидариумот бил најукрасен во поглед на внатрешната орнаментика. Подот и ѕидот биле декорирани со прекрасни мозаици, а не изостануваат и скулптуралните украси. Граѓаните се релаксирале и телото го мачкале со миризливи масла. Мачкањето го вршеле и ангажирани робови наречени унктори (лат. unctor - кој намачкува, кој истрива со масло) или алипти (лат. aliptes од стгрч. ἀλείπτης) честопати пред капење во топлиот базен или по капењето во студениот базен. Во некои бањи имало посебно изградени простории за ова наречени дестриктариуми или ункториуми.

ОДРЖУВАЊЕ НА ХИГИЕНА - МАЧКАЊЕ И ЧИСТЕЊЕ.

Неколку илјада години, Хелените, Римјаните, па дури старите Хиндуси, имале долга традиција на одржување на хигиена на телото со отстранување на мртвите кожни клетки, освежување на кожата и подобрување на циркулацијата на крвта.

Маслиновото масло и некои други есенцијални масла имаат својство да ја подмладат и потхранат кожата, да ѝ пружат еластичност и влажност. Меѓутоа, со употреба на стригилот, кожата не само што се прочистувала од валканоста, туку и се отстранувал мртвиот слој на клетки од кожата и отровите кои ги исфрлала.


По долгото капење или вежбање, се нанесува маслиново масло врз кожата, а потоа со стригилот нежно се истриваат мртвите клетки од површината на кожата оставајќи ја чист и освежена.

Наместо крпа за бришење, често се користел стригилот, затоа што во ткаенината можело да останат бактерии и мртвите клетки, а стригилот лесто се прочистувал со млаз од вода.

Стригилите вообичаено ги изработувале од метали како што е бронзата.

КАЛДАРИУМ

Откако телото ќе се стопли и ќе се навикне на температурата во тепидариумот, капачите влегувале во калдариум. Таму водата е врела, а воздухот мошне загреан. Покрај бањата со врела вода, во истата просторија на другата страна имало и кружна када (лабрум) со ладна вода за разладување на лицето и вратот. По ова, влегувале  повторно назад во тепидариумот и на крајот капењето завршувало во фригидариум со потопување на телото во ладна бања. Покрај сите овие простории, во некои полуксузни бањи имало и соба лаконикум која се користела за масажа и препотување. Бидејќи целосно била зафатена со топла пареа, многу наликувала на денешните современи сауни.

Замислен приказ на општествениот живот во машкиот тепидариум.
Римјаните се рекреалирале во топлите базени, долгите
разговори со пријателите и исцелителните масажи кои
ги вршеле робовите.
Римјаните уживале во философски разговори, посетувале библиотеки, купувале храна и пијалаци од тезгаџиите, шетале во надворешната градина споена со комплексот, слушале литературни читања и сл. Сите овие забавни и релаксирачки активности биле дел од животот во бањите. Бидејќи римските бањи површински биле големи колку еден фудбалски терен, нивната внатрешност била украсувана во сите детали. Таванот бил куполест и на одредена висина, подот и ѕидовите биле мозаично украсени, со мермерни столбови и плочки, а чешмите биле правени од сребро.

КАКО СЕ ЗАГРЕВАЛА ВОДАТА, ПОДОТ И ЅИДОТ ВНАТРЕ ВО КОМПЛЕКСОТ НА БАЊИ?

Робовите ги загревале бањите преку печка од тули наречена праефурниум од каде што топлиот воздухот навлегувал во хипокаустумот, подземен простор со редоследно распоредени столпчиња од тули. Освен што се загревал подот и водата, се загревале и ѕидовите преку посебни канали. Калдариумот и лаконикумот биле градени близу печката.

РИМЈАНИТЕ КОРИСТЕЛЕ ИСКЛУЧИВО ЈАВНИ НУЖНИЦИ (ЛАТРИНИ)

Јавен нужник (латрина) во близина на форумот во
Остија, пристаниште покрај утоката на реката Тибар
Во комплексот на римските бањи најчесто имало и простран јавен нужник наречен латрина каде што водата постојано истекувала, а овој римски изум било одлично решение за задоволување на санитарните потреби на граѓаните во периодот на стариот Рим. Покрај седлата имало и прачка со наметнат сунѓер за забришување.

Електронски извори:

1. http://www.vroma.org/~bmcmanus/baths.html

No comments:

Post a Comment