ВКУПЕН БРОЈ НА ПРЕГЛЕДИ

06 March, 2015

За обликот и функцијата на хеленскиот храм

Не само што успеале во областа на писменоста и културата да изградат развиена цивилизација, Хелените и Римјаните успеале во времето на класичната епоха да воздигнат и прекрасни градби со неверојатна мајсторска прецизност. Нивните дострели во архитектурата и ден денес говорат за вештата рака на старите градители, особено за ингениозниот ум на архитектите и вајарите.

КОЈА Е РАЗЛИКАТА ПОМЕЃУ АНТИЧКИТЕ И СОВРЕМЕНИТЕ ХРАМОВИ?

Модел на храмот на Афаја (Ајгина) со дорски столбови.
Се чува во Глиптотеката во Минхен (Германија).
Повеќето храмови денес се користат како молитвени домови, за редовно славење и величање на единечниот бог со цел зацврстување на верата и примање на духовно спокојство. Во античка Хелада храмовите не биле користени за овие цели. Тие биле замислени како живеалишта на боговите и божиците кои ја заштитувале и одржувале заедницата. Она што било најважно за античките народи е задоволувањето на потребите на божеството. Зошто? Затоа што тие управувале со природните сили - со сонцето и дождот, кои ги одржување посевите или со ветровите, кои ги придвижувале нивните кораби.

Иако претежно благонаклонети, боговите знаеле да бидат и каприциозни, т.е. инаетливи, и честопати се свртувале против заедницата. Според тоа, во интерес на секого било боговите да се чувствуваат опуштено и задоволено. Нивните домови биле величествени и најукрасени и секогаш опремени со послуга - свештеници и помошници - кои водат сметка за сите нивни потреби. Тие примале дневни подароци во храна и пијалоци, но примале и дел од жетвата на посевите и дел од профитите од какви било трговски и воени дејности.

КАКО Е ПРЕТСТАВЕНО БОЖЕСТВОТО ВО ХРАМОВИТЕ?

Реконструкција на идолот на божицата
Атена Партенос во храмот Партенон
на атинскиот Акропол (Грција). Се чува
во Кралскиот музеј на Онтарио (Канада).
Божеството во античките храмови речиси секогаш е претставувано преку идолот. Кога станува збор за хеленски и римски храмови, идолот е скулптура во извесна големина со човечки лик сместен во внатрешната просторија на храмот, бидејќи според древните верувања луѓето биле создадени од боговите според образот на боговите.

Првично, идолот го изработувале од дрво, но подоцна, со текот на годините, дрвото го замениле трајни и скапоцени материјали како што се каменот и бронзата. Од каменот најчесто се употребувал белиот мермер. Меѓутоа, како еден од најскапоцените материјали за обликување на култните скулптури (идоли) бил хриселефантинот, односно комбинацијата од злато и слонова коска. Величествените скулптури на Ѕевс од Олимпија или на Атена Партенос во Атина биле изработени од хриселефантинот и уште во тоа време предизвикувале стравопочит и воодушевување кај Хелените и Римјаните. Скулптурата на Ѕевс од Олимпија го сметале за едно од седумте чуда на стариот свет.

Секој храм во антиката бил посветуван на еден одделен бог, но имало и примери на храмови кои биле посветувани на сите богови, особено на олимпските, зашто тие биле владетели над светот, луѓето, животните и над сите останати второстепени божества. Таквите храмови ги нарекувале пантеони.

НА КОИ МЕСТА СЕ ГРАДЕЛЕ ХРАМОВИТЕ ВО АНТИКАТА?

Минијатурна реконструкција на храмот на божицата
Артемида од Ефес (Турција) познат како Артемисион.
Во стариот век важел за едно од старите светски чуда.
Местоположбата на храмот често зависела од функцијата и одликите на самото божество, иако предност имале оние подрачја кои оддавале некаква природна тајновитост.
Планинските врвови биле често свети за богот Ѕевс, владетел на небото и временските прилики. Кладенците како природни извори на слатка вода биле реткост во Хелада и затоа уживале култен статус. Истото се однесува и на пештерите каде што често се развивале разни култови кон одредени божества. Нимфите, пак, женски божества налик на словенските самовили, биле жителки и чуварки на изворите и пештерите.

Артемида уживала да лови низ селските појаси и горите, подалеку од цивилизацијата, така што нејзините храмови биле градени во близина на селските населби покрај кладенци. Богот Асклепиј, чуварот на здравјето и исцелителот на болестите, „барал“ да му се градат храмови во близина на изворска вода, која била основна состојка во лекување.

Реконструкција на фасадата на храмот на Афаја
(Ајгина). Остатоците на овој храм денес се меѓу
најдобро зачуваните примероци од сакралната
хеленска архитектура.
Меѓутоа, понекогаш природните стихии го означувале светото место за изградба на храмот. Ударот на громот го означувал светиот простор на богот Ѕевс. За Посејдон постои мит дека со тризабецот удрил на ридот Акропол. Таму Атињаните му подигнале храм во негова чест. Божицата Атена насадила маслинка на Акропол, така што откако била признаена и прифатена од Атињаните како заштитничка, токму на рамницата на ридот Акропол ѝ подигнале прекрасен храм. Хефајст, пак, богот на коварството и занаетите, имал сопствен храм покрај ковачките работилници и леарниците. Храмот на богот Аполон во Делфи бил изграден по негова волја, како што пренесува митската приказна. Имено, откако ја совладал змијата Питон, се востановил во Делфи и себеси си го посветил местото. Од таа причина Делфијците чувствувале потреба да му подигнат храм и пророчиште во негова чест. 

ЗОШТО ПРОСТОРОТ ОКОЛУ ХРАМОТ БИЛ СМЕТАН ЗА НЕШТО СВЕТО?

Светиот простор околу храмот се нарекувал теменос. Зборот произлегува од старогрчкиот глагол τέμνειν што значи сече, отсекува, односно се мисли на простор што е отсечен или одвоен од нешто. Теменосот е парцела од земјата која е посветена на некое божество, таму каде што се наоѓа неговиот дом - храмот. Храмот Хелените го нарекувале τὸ ἱερόν (хиерон) или во едноставен превод светото кое заедно со теменосот го сочинуваат светилиштето. Значи храмот е градба, а теменосот е светиот простор каде што храмот е изграден. Како што човекот поседува имот кој никој не може да му го оттуѓува, така и божеството има имот кој притоа народот му го посветува. Античките народи верувале дека боговите од Олимп сакале да се вселат меѓу луѓето, да дејствуваат во нивна непосредна близина, па затоа изградбата на храмови била клучна за мирот, заштитата и благосостојбата на целокупната заедница.

ШТО Е АСИЛОН?

Врз основа на  религиските убедувања на старите Хелени и Римјани, секој можел да влезе во рамките на теменосот, но треба да биде многу внимателен бидејќи тоа е имот на божеството и постојат некои строги правила. Богобојазливоста на овие народи му обезбедувала целовитост на светилиштето, така што секој оној што ќе влезе во теменосот веднаш станувал заштитен под негова закрила, се стекнувал со нешто што се вика асилон. Асилонот е божествена заштита за секој кој бара засолниште покрај храмот. Називот води потекло од старогрчкиот глагол συλᾶν значи краде, оттуѓува, но со додавање на претставката „а“ се гради именка τὸ ἄσυλον со значење на место што е неотуѓиво и не може да се пљачкосува. Не биле заштитени само светиите како што се скапоцените заветни дарови, туку и луѓето што ќе влезат во просторот. Никој не смеел сосила да ги извлекува од таму. Тие се под закрила на божеството. Дури и ако е некој непријател во прашање, тој е заштитен, може само со изгладнување да се откаже од прибежиштето и да се предаде, меѓутоа во никој случај не смеел сосила да се извлекува, секаков престап е навредлив за божеството. Отуѓувањето на предметите и луѓето од теменосот се сметало за највисок граѓански и верски злочин. Во атинскиот суд им се одредувала строга казна на злострониците, а што е уште пострашно, по престапот ги следела казна од страна на разгневеното божество.

Во трагедијата Хераклиди (стих 260) од хеленскиот трагедиограф Еврипид ликот Демофон вели вака:

ἅπασι κοινὸν ῥῦμα δαιμόνων ἕδρα“
Светилиштата на боговите се заедничка одбрана за сите

КОИ БИЛЕ СВЕТИТЕ ЗАКОНИ НА СВЕТИЛИШТЕТО?

На мажите, жените и децата им бил отворен пристапот во светиот простор околу храмот наречен теменос. Ова правило не важело само под еден услов - доколку луѓето се нечисти. Оние кои не биле обредно прочистени им било забрането да влезат во чие било светилиште во античкиот хеленски свет. Под нечистотија се подразбирала валканоста на телото која важела за оние што го посетувале храмот по сексуален однос, за зачнатите жени и за жените родилки, за мажите кои потчиниле убиство надвор од војната. Жените родилки се сметале за нечисти до три дена, додека зачнатите жени морале да чекаат подолго време. Мажите кои биле вклучени во воени дејства немале таква забрана. Мажите и жените кои присуствувале на погреб или биле во присуство на покојникот, исто така, имале забрана да присуствуваат на верските обреди пред храмот. Точно е дека сексуалниот однос, породувањето и присуството на погреби биле нормален дел од животот на секој човек во морална смисла, но тие во верска смисла го валкале телото, што било навредливо за божеството.

Перирантерион - фонтана
за измивање на телото пред
влегување во светилиште
За тоа време додека траела состојбата со нечистотијата поединците биле исклучени од верската заедница. Доколку нечистата личност се наоѓа пред лицето на храмот, според верувањата, божеството нема да присуствува во неговиот дом, така што сите молитви и жртвувања ќе бидат залудни. Нечистотијата е поскоро состојба на телото, отколку на душата и таа може да се пренесува. Отстранувањето на нечистотијата може да се изврши преку обредно прочистување што го овозможувала водата. Сексуалниот чин, породувањето и убиствата се физички дејства, тие се видливи во поглед на нечистотијата, но погребите се сметаат за нечисти во поглед на смртта. Смртта е несфатлива за небесните богови, тие се вечни, постојано живи, така што секакво умирање за нив е нешто навредливо и треба да се избегнува. Исклучивост од ова свето правило било само жртвувањето.

Особено опасно за заедницата било нечистите дејства да се случат во внатрешноста на храмот. Сите престапници можеле да бидат убиени како казна. Во времето на атинскиот тиранин Пејсистрат во VI-тиот век пр. н.е., од островот Делос сите гробови биле отстранети од ридовите кои биле свртени кон теменосот на храмот на богот Аполон, за да не го навредат божеството. Оние што биле пред умирање или жените што допрва требале да се породат итно биле отстранувани од Делос на соседните острови за да не го извалкаат светиот остров со нечистотијата на раѓањето и умирањето.

Секој Хелен чувствувал потреба да биде чист во присуство на неговиот бог, така што се капел или измивал со водата. Кога се пролевало виното во чест на боговите, вршителот на овој обред задолжително требало да ги измие рацете за да му бидат услишани молитвите. Пред портите на светилиштата Хелените поставувале камени бокали со чиста вода наречени перирантериони (в. слика горе) за заплискување и за измивање на телото на верникот како симболичен чин на обредно прочистување. Со него се прочистувала само насобраната нечистотија од денот, но не можело да се прочисти телото на убиецот или на жената родилка кои се сметале за нечисти и неподготвени за молитва и обредни свечености.

КАКВА БИЛА ФУНКЦИЈАТА НА ЖРТВЕНИЦИТЕ ПРЕД ХРАМОВИТЕ?

Жртвеник на богот Ѕевс
од Пергам (реконструкција
)
Жртвениците служеле за принесување на жртвите кон божеството. Тие се физичка точка каде што човекот се поврзува со божественото и се суштествениот облик на изразување на побожноста кај Хелените. Доколку божеството имало жртвеник, тогаш неговиот култ бил составен дел од древната хеленска религија. Во спротивно, доколку божеството немало жртвеник, тогаш тоа не го уживало култниот статус, бидејќи ниту му се принесувале жртви, ниту му се испраќале молитви, ниту, пак, му се посветувале заветни дарови како знак за неговото постоење. Тоа божество било само творба во народното усно и книжевно творештво. Сепак, некои олицетворени божества како што се Ејрена (мир) и Агата Тиха (добра судбина) во IV-тиот век се стекнале со култен статус, така што од едноставни книжевни фигури на божества преминале во религијата како божици кои биле обожавани со посветени жртвеници. Исто така, и кај Римјаните божицата Фортуна (среќа) уживала култен статус, а нејзиниот лик бил претставуван антропоморфно, т.е. во човечки облик.

Дел од жртвеникот на богот Ѕевс од Пергам. Денес се чува
во Пергамскиот музеј во Берлин (Германија).

Жртвениците биле градени во разни облици. Некои претставувале обични отвори во земјата посветувани на хтонските (земските) божества за кои се верувало дека живеат под земјата. Во нив се пролевала бескрвна жртва како водата, млекото и медот за да можат да ги примат под слоевите на земјата. Небесните олимпски богови жртвите ги примале кон небото, па затоа жртвениците се граделе на повисоки места и на врвот требало да бидат рамни. Обликот на жртвениците бил вообичаено правоаголен, но го изработувале и во четвртест и цилиндричен облик. Жртвеникот на Ѕевс од Немеја, на пример, имал правоаголна структура во должина од 41.5 метри и во широчина од 2.42 метри, додека жртвеникот на Ѕевс од Олимпија бил кружен во обем од 38.1 метар и во висина од 6.7 метри. Сепак, овие облици претставуват исклучок поради нивните невообичаени димензии.

Илустрација на римски жртвеник наречен
Ara Pacis Augustae (Жртвеник на Августовиот мир)
Со оглед на тоа што небесните богови суштествуваат на небото, жртвите требале да бидат положени на видливо место на отворено, не на затворено покриени со нешто или изградени внатре во храмот. Жртвениците во храмот биле реткост.

Ara Pacis Auguastaе (Жртвеник на Августовиот мир).
Изработен во мермер се чува во Музејот на жртвеникот
на мирот во Рим (Италија).
Тие биле насочени кон истокот. Свештениците кои ја принесуваат жртвата стоеле на западната страна од жртвеникот со чело свртено кон исток. Жртвата се принесувала претпладне, често в зори, така што додека ги вршел обредите свештеникот повремено го свртувал погледот кон изгрејсонцето.

pic name pic name pic name

Жртвениците ги изработувале од камени блокови, но и од варовнички карпи. Врз ѕидната површина се врежувало името на божеството на кое му е посветено. Ако некој сака да принесе жртва во чест на божицата Атена, а притоа жртвата ја принесе на жртвеникот на Посејдон, тогаш ниту еден од боговите нема да возврати на молитвата. Свештениците ги заштитувале жртвениците во долгонавеста метална подлога бидејќи под влијание на пепелта и пламенот се зачадувале жртвениците.

КОЈ Е НАЈСТАРИОТ ЗАЧУВАН ПРИМЕРОК НА ХЕЛЕНСКИ ХРАМ? 

Теракотен модел на храмот
на Хера наречен Херајон. Пример
за тоа како изгледале првите
хеленски храмови.
Најстарите зачувани остатоци на хеленскиот храм датираат од геометрискиот (1050 - 700 год. пр. н.е.) и ориентализирачкиот период (700 - 600 год. пр. н.е.). Првично, тој бил во облик на куќичка. Не постојат археолошки остатоци кои јасно ќе посведочат, но затоа постои зачуван заветен дар посветен на божицата Хера во Арг кој приближно гради претстава за тоа како изгледале храмовите во подалечниот период. Станува збор за теракотен модел на храмот на Хера од Перахора наречен Херајон (в. слика) од VIII век пр. н.е., кој приличи на дрвена колиба или куќичка од ќерпич со триаголен покрив. Има два отвори, на влезот и над надвратникот, со два столба на фасадата, украсен е на сите страни. Оваа куќа подоцна ќе стане наос, внатрешната просторија на храмот. Научниците сметаат дека обликот е преземен од дизајнот на микенската раскошна куќа - мегарон, но подоцна е архитектонски усовршуван сè до обликувањето на класичниот хеленски храм со столбови.
Микенска палата наречена мегарон. Археолозите
сметаат дека планот на мегаронот бил урнек
по кој се проицирале првите хеленски храмови.

Најстарите храмови го имале
обликот на куќички со трем
Во Еретрија, антички полис на ос. Евбоја во Хелада откриени се темели од храмот на Аполон Дафнефорос (Аполон ловороносецот). Храмот е многу стар, датира од геометрискиот период (1050 - 700 год. пр. н.е.). Она што археолозите откриле во длабоките словени на самиот храм се темелите на уште подоцнежен храм, за кој се претпоставува дека е еден од најстарите храмови посветени на богот Аполон. Подигнат во четвртест облик, наликува на мала куќичка со трем која ја држат два дрвени столба.

ОД КОИ ДЕЛОВИ Е СОСТАВЕН ХЕЛЕНСКИОТ ХРАМ?

На прв поглед би рекле дека храмот е составен од редица на столбови и греди. Сепак, доколку убаво ги истражиме сите составни делови, ќе увидиме дека дизајнот на храмот е мошне сложен поради тоа што античките архитекти постојано го усовршувале, изменувале и надградувале. Грижата за обликот на храмот не била само по налог на властодршците, туку лична цел и света должност на секој граѓанин да се изгради и украси живеалиштето на божеството колку што е можно поубаво и поблескаво, бидејќи неговата помош и заштита би била од непроценлива вредност за сите.

Она што плени во величието на храмот на прв поглед се разновидните украси, боите и редицата на слобови наречена колонада. Столбовите ја отсликуваат севишноста, цврстината, моќта и вечноста на небесните владетели.

Врз основа на обликот во кој се моделирани, столбовите се делат на три стила или видови: ДОРСКИ СТИЛ, ЈОНСКИ СТИЛ И КОРИНТСКИ СТИЛ.



ТРИ ВИДА НА СТОЛБОВИ

За да се запознаеме подробно со нивниот облик и историја, ќе ги разгледаме одделно во следниве редови:

Дорски стил на столб
Дорскиот стил на столб е еден од најстарите видови со наједноставен облик, но е помасивен и потежот од јонските и коринтските видови на столбови. Затоа, античките историчари честопати овој вид го поврзувале со снагата и машкоста. Со оглед на тоа што дорските столбови се сметаат за носачи на голема тежина, античките градители ги вградувале во приземјето на градбите, а од првиот кат погоре ги вградувале јонтските и коринтските столбови.

Дорскиот столб е измислен во западното дорско подрачје на античка Хелада околу VI-иот век пр. н.е. Во архитектурата се применувал сè до 100-тата година пр. н.е. Римјаните го видоизмениле столбот во нивната архитектура од кој настанале римско дорскиот и тосканскиот стил.
Ентаза во дорските
столбови

Она што е карактеристично за дорскиот стил е отсуството на основа. Столбот директно удира врз подлогата на која е поставен. Телото на столбот се проширува кон дното, затоа што според античките градители, доколку се набљудуваат столбовите од далеку, ако не се проширени, тогаш се создава оптичка илузија дека се вовлекуваат кон храмот како да се искривени. Мајсторите на античката архитектура за овој пропуст пронашле решение со постапно пополнување на волуменот на столбот кон дното. Оваа техника во архитектурата е позната како ентаза.

На врвот на столбот има капител или глава. Главата не е украсена со резбарија, туку е составена од абакус (четвртеста плочка) и ехинус (заоблено перниче) на кој се припојува телото на столбот.

Столбот од врвот до дното има линеарни вдлабнатини или шуплини кои служат како украс. Овие гравури (праволиниски резби) не се некој посебен изум, туку тие се остаток од некогашните храмови чиишто носачи ги заменувале дрвата. Дрвата имаат жлебови однадвор, така што со уведување на мермерот во светото градителство, архитектите го имитирале дрвениот столб. Сите столбови не биле жлебани, меѓутоа тие биле во многу мал број.

Јонскиот стил на столб е измислен во областа Јонија во Мала Азија. Во антиката Јонија ја населувале Јонците кои го користеле јонскиот дијалект од старогрчкиот јазик. За прв пат столбот е вграден во архитектурата некаде во средината на VI-тиот век пр. н.е.

Јонски стил на столб
Тој се одликува со истенчено жлебено тело и украсен капител на чиј врв е поставен украс во облик на папирус со волути или свијоци, додека меѓу волутите има украсни во дезен на јајце и пикадо. Римскиот историчар Витрувиј овој столб го споредувал со женската става, затоа што е тенок во однос на „машкиот“ дорски столб. Свијоците на капителот можеби се имитација на спиралите на школките или на животинските рогови. Столбот стои цврсто на основа од набиени дискови. Античките писатели изумот на овој столб му го припишуваат на архитектот и вајарот Каликрат (448-421 год. пр. н.е.). Еден од најстарите храмови што ги има овие носечки столбови е малиот храм на Атена Нике, божицата на слободата, кој и ден денес стои на влезот во атинскиот Акропол.

Коринтски стил на столб
Коринтскиот стил на столб е еден од најсложените и најраскошните видови. Се претпоставува дека неговиот изумител е Калимах, кој го обликувал во Атина, додека името му го доделил по градот Коринт. Во Хелада се употребувал ретко, само на кружните храмови наречени толоси, но затоа, пак, во стариот Рим овој столб бил еден од најзастапените во римската архитектура, така што Римјаните се обиделе и да го комбинираат со другите видови. Римскиот Пантеон (храмот посветени на сите олимпски богови) и Колосеумот (Флавиевиот амфитеатар за гладијаторски борби) се очигледни примероци за примената на коринтските столбови во архитектурата.

Капителот на столбот е украсен со дворедно издадени акантусови и палмини лисја, како и цветови расцутени под папирусните свиоци. На средината на абакусот, т.е. на четвртестата плоча која стои на врвот, се додавал цветен украс наречен флерон. И овие столбови биле жлебени со праволиниски шуплини.

Сите три вида на столбови се изработувани низ вековите со извесни дополнувања. Биле користени во времето на ренесансата, барокот и неокласицистичките стилови на XVIII-тиот век, како и во XIX-тиот и XX-тиот век. Сè уште може да се забележи нивната примена денес, особено кога се однесува за јавни градби (институции), но не е исклучена и примената во приватните домови.

СОСТАВНИ ДЕЛОВИ НА ХЕЛЕНСКИОТ ХРАМ

Хеленскиот храм е составен од следните делови кои се посочени во илустрациите со појаснувања на нивните функции:

Пресек на типичен хеленски храм
со посочувања на составните делови

1. Стереобат
Цврста камена подлога скалесто поставена од земјата до врвот. Во архитектурата е позната како крепидома или подиум и на неа е положен храмот.
2. Стилобат
Цврста камена подлога на која удираат столбовите. Столобатот е горната видлива подлога која може да биде во правоаголен, четвртест или кружен облик.
3. Стилови или столбови
Тие се носачи на гредите на храмот. Редицата столбови наредени еден по друг се нарекува колонада. Столбовите се јавуваат во три вида: дорски, јонски и коринтски.
4. Архитрав
Греда која лежи на капителите на столбовите позната уште и како епистил. Често е неукрасена.
5. Фриз
Венец на храмот. Хоризонтален појас над архитравот и покривниот венец (корнис) кој бил украсен со орнаментика и релјефи, па дури и исполнет со епиграфски текстови (натписи).
6. Метопи и триглифи
Плочите што биле исполнети со бојадисани релјефи и скулптури се нарекуваат метопи, додека трите вертикални шуплини распоредени меѓу нив се нарекуваат триглифи.
7. Корнис
Завршен дел од гредата кој е истакнат од рамната површина и има украсна и заштитна функција. Ги заштитува долните делови на храмот од врнежи.
8. Тимпанон
Триаголен простор над корнисот кој навлегува во внатрешност. Во овој дел биле поставувани групните скулптури како бележит украс на фасадата и на заднината на храмот.
9. Акротерион
Постамент над храмот на кој биле поставувани цветни или фигурални облици кои имаат естетска (украсна) намена.
10. Анти
Столбови кои се прилепени на наосот, т.е. ѕидот на храмот. Антите биле неизоставен елемент од старата света архитектура во преткласичниот период.
11. Пронаос
Трем пред влезот во храмот кој го оградуваат столбови.
12. Наос
Внатрешна просторија на храмот каде што се наоѓа идолот на божеството. Ова просторија е интимна и само на свештениците им било дозволувано да го одржуваат.
13. Адитон
Соба зад наосот која се смета како светија над светиите и за која постои забрана за влегување. Називот ἄδυτον на старогрчки јазик значи (место) во кое не треба да се влегува. Во него се чувале заветните дарови кои ги оставиле луѓето како израз на благодарност кон божеството заради заштитата и благосостојбата. Но, покрај заветните дарови, се чувале и светиите - култните фигури кои се израз на божественото присуство. 
14. Опистодом
Заднински трем на храмот кој понекогаш служел и како спореден влез. Сепак, не е точно разјаснето каква функција вршел во храмовите кои имале правоаголни димензии.
15. Идол
Величествена скулптура која го претставува божеството и неговото присуство во храмот. Идолот првично се изработувал од дрво, но подоцна Хелените и Римјаните го изработувале од мермер. Некои вајари, меѓу кои бил прочуениот Фидија од Атина, изработувале идоли од најскапоцени материјали, како што е хриселефантинот. Хриселефантинот е комбинација од злато и слонова коса.

ТИПОЛОШКА ПОДЕЛБА НА ХРАМОВИТЕ


Хелените ги граделе храмовите во разни димензии. Нивните типови имаат посебни имиња. Погледнете ја сликата долу за да ги видите разновидните димензии во кои се осмислувале и граделе античките храмови.

Поделба на храмовите според тип


ГАЛЕРИЈА НА ХЕЛЕНСКИ И РИМСКИ ХРАМОВИ 







Толковник на непознати поими и изрази:


Ингениозен (лат. ingeniosus) – духовито смислен, остроумен, досетлив, пронаоѓачки, надарен, талентиран.

Архитектура (стгрч. ἀρχιτέκτων, ἀρχι- „главен“ и τέκτων „ѕидар, градител“) – е вештина на изработување нацрти и обликување на градби, а се смета за уметност и наука.

Скулптура (лат. sculpo – делкам, длабам) – фигура на божество, суштество или човек која може да биде во мали (фигурина) и во големи димензии (монументална). Скулптурата почесто се вајала во мермер, но не изостануваат и примери во слонова коска, бронза, злато.

Партенон (стгрч. Παρθενών) – храмот посветен на божица Атена, која не била мажена како богинка. Ја нарекуваат и Атена Партенос, Атена девицата.

Сакрален (лат. sacer – свет) – нешто свето, а не земско, она што му припаѓа на божествениот свет.

Книжевни извори:

1.Callie Williams, Kim Sexton, Development of Gendered Space: The Archaic and Classical Greek Temple, Inquiry, Vol 7, 2006
2. Jon D. Mikalson, Ancient Greek Religion (SE), John Wiley & Sons, 2011

Електронски извори:

1. http://architecture.about.com/
2. http://www.odysseyadventures.ca/articles/greektemple/greek_temple.htm
3. http://www.radford.edu/rbarris/schoolofathens/greekarchitecturestudy.html
4. http://odysseus.culture.gr/h/2/eh251.jsp?obj_id=1689

1 comment: