Папирусот претставува материјал за пишување и оправдано е мислењето дека со преработката на египетската билка всушност почнува историјата на книгата. Вештината за изработка на папирусот ја изумиле старите Египќани уште околу 2000 год. п.н.е. и оттогаш папирусот наоѓа широка примена во другите цивилизации на стариот свет каде што писменоста почнала да се развива во полн ек.
Старите Хелени и Римјани вршеле трговска размена со старите Египќани за да имаат постојан увоз на папирусни листови, затоа што со развојот на писменоста започнува ерата на културно-историскиот подем на древните цивилизации во јужните делови на Европа. Називот папирус потекнува од речната мочуришна трска ciperus papyrus која растела во изобилство покрај наводнетиот брег на реката Нил во Египет. Зборот е египетски и во превод значи она од реката, а историчарот Херодот во своите историски записи го нарекува библос. Папирусот во антиката се задржал долго како и во средниот век, бил на цена, но подоцна во XII век бил потиснат од пергаментот.
Римскиот историчар Плиниј Помладиот ни оставил сознанија за техниката на изработка на папирусот. Стеблото на трската го сечеле во должина од 15 до 40 цм, а срцевината била расцепувана на тенки ленти со ширина од 2 до 3 цм. Лентите биле редени една до друга врз камена подлога во вертикален и хоризонтален распоред под прав агол. Потоа биле спојувани со лепило и мазнени со рамни камени орудија. Откако ќе се исушел на сонце, папирусот го добивал својот тенок облик и бил свиткуван во свиток (rotulus).







No comments:
Post a Comment