Називот епика води потекло од старогрчкиот збор epos (ст.грч. ἔπος) што изворно значи збор, а во поширока смисла означува беседа или јуначка приказна.
Епиката е книжевна дејност на составување на епови или епски песни во кои се раскажуваат различни херојски подвизи на боговите, полубоговите и луѓето. Писателите на епските песни се нарекуваат епски поети. Основното обележје на епиката е раскажувањето или нарација, според кое таа се разликува од другите книжевни родови. Во далечното минато, пред пронаоѓањето на писмото, епиката била дел од усната книжевна традиција, односно епските песни биле пеени од колено на колено за да не западнат во заборав. Основната содржина на епот е митот, односно некоја митска приказна. Затоа во епските песни најчесто се спомнуваат боговите, митските суштества, чудовиштата, полубоговите, бидејќи тие произлегле од митовите.
Хеленските и римските епски поети ги величаат јунаштвото и славата како најголеми човечки вредности. Меѓу најпознатите хеленски поети се Хомер со еповите „Илијада“ и „Одисеја“ и Хесиод со „Теогонија“ и „Дела и дни“. Од римските најпознати се Вергилиј со епот „Ајнеида“ и Овидиј со „Метаморфози“.
Хомер е еден од најстарите епски поети прочуен по долгите епски песни „Илијада“ и „Одисеја“ за кои се смета дека ги составил околу VIII век пр.н.е., а текстот за првпат бил запишан на папирус во VI век пр.н.е. Насловот „Илијада“ се однесува на градот Илион, другото име за Троја. Поетот не ја раскажува историјата на градот Троја, ниту ја прераскажува Тројанската војна, туку ги раскажува настаните што се случиле пред градот Троја во десеттата година од војната. Овој еп се нарекува херојски. Првото пеење на „Илијада“ започнува со следните стихови:
„Гневот, божице, спеј го на Ахила, синот Пелеев,
пустиот гнев што им задал н’Ахајците безбројни бољки“
(Хомер, Илијада, 1-2, во превод на д-р М.Д. Петрушевски)
Статуа на Калиопа, муза на епската поезија, изработена од францускиот вајар Жак Oгустен Пажу. Се чува во Националната галерија на уметност во Вашингтон, САД |
Како што може да се забележи, поетот за да твори се обраќа на некоја божица за помош којашто треба да му даде вдахновение. Тоа е божицата Калиопа, муза на епиката. Калопа е ќерка на Мнемосина, божицата на сеќавањето, па оттука таа ги знае настаните од минатото и му помага на поетот да се потсети на таа прочуена војна што се одиграла покрај ѕидините на градот Троја. Кога поетот се обраќа до божеството за да добие „моќ на уметничко творење“, таа особеност се вика инвокација (повикување). И во другите епски дела се среќава инвокацијата:
наскитал откога г’урнал тројанското градиште свето“
(Хомер, Одисеја, 1-2, во превод на д-р М.Д.Петрушевски)
Во епот „Одисеја“ се раскажува за 10-годишните патувања на јунакот Одисеј по егејското море по завршувањето на Тројанската војна. Одисеј претрпел многу маки и страдања додека успее да се врати назад во неговото кралство на островот Итака каде веќе 20 години го чекаат неговата жена Пенелопа и пораснатиот син Телемах. Овој еп се нарекува авантуристички.
Во антиката, епските песни биле јавно пеени или читани, затоа што нивната намена имала културолошко значење, ја поттикнувало храброста и моралот кај луѓето кои постојано биле под воени напади и неизвесен живот. Дури и македонскиот цар Александар Македонски се восхитувал на херојството на Ахил, Одисеј, Хектор, Ајант уживајќи во читањето на Хомеровиот еп „Илијада“. Хеленскиот мислител Аристотел му ја подарил книгата за да го бодри и да му го крева воениот морал во престојните походи што му следеле.
Тројанецот Ајнеј и неговиот татко. Ајнеј го зел в раце неговиот татко Анхис за да побегнат од опожарената Троја за која повеќе немало надежи за спас. Покрај нив од лево е божицата Венера, жената на Анхис, а мајка на Ајнеј. Од десно се забележува богот Амор како придружник на Венера. Oва е една драматична сцена од Вергилиевиот еп „Ајнеида“ насликана од сликарот Симон Вуе во техника масло на платно околу XVII-тиот век.
Денес сликата се чува во Музејот на уметност во Сан Диего, САД.
Хомер |
Хесиод |
Биста на епскиот поет Хомер, се чува во Британскиот музеј во Лондон. Таа е римска копија на хеленистичкиот оригинал кој е загубен. Потекнува од 2 век пр.н.е., а пронајдена е во античкиот локалитет Бајај во Италија. Се смета дека римските вајари направиле копија на оригиналната биста што се чувала во големата библиотека во Пергам, Мала Азија (денешна Турција).
П. Вергилиј Марон |
П. Овидиј Насон |
Римска мермерна биста на римскиот епски поет Вергилиј (лат. Publius Vergilius Maro), 70 год. пр. н.е. - 19 год. пр. н.е. Бистата се наоѓа во Неапол, Италија, покрај гробот Вергилиј. Вајарот на бистата го претставил младешки изглед на поетот.
No comments:
Post a Comment