ВКУПЕН БРОЈ НА ПРЕГЛЕДИ

19 March, 2015

За обликот и функцијата на хеленскиот театар

Покрај храмовите, грчките театри како јавни градби имале големо влијание врз културниот живот на граѓаните, а особено на уметниците. За време на Големите (градски) Дионисии, комедиографите и трагедиографите се напреварувале за освојување на ловоровиот венец и за стекнување на општа слава, додека глумците ја засмевале или расплакувале публиката, хорот пеел дитирамби (песни посветени на богот Дионис) или хорски лирски песни поврзани со главната тема во драмскиот текст. Театарот, покрај световната, имал и света функција. Пред жртвеникот на Дионис, кој се наоѓал во средиштето на орхестрата (игралиштето), свештеникот го изведувал жртвувањето на животното (јарец, коза), а потоа започнувала драмата. Така, од религијата се раѓа уметноста - театарската претстава и глумата.

Замислена претстава на античкиот театар
За време на првите празници посветени на Дионис, глумците и хорот биле една иста личност. Со текот на времето било дозволено само три актери да учествуваат во секоја драмска претстава. Подоцна, биле вклучени и статисти кои не влегувале во улоги, туку биле неми учесници кои само изведувале нешто пред сцената. Покрај глумците, во античката драма хорот бил еден од учесниците во драмскиот текст. Хорот ја сочинувал групата составена исклучиво од мажи кои пееле лирски песни и танцувале во орхестрата, кружен или полукружен под пред подиумот. Хорското пеење секогаш било придружувано со музички инструменти.

ОД КОИ ДЕЛОВИ Е СОСТАВЕН АНТИЧКИОТ ХЕЛЕНСКИ ТЕАТАР? 

Хеленскиот театар бил граден во висина, на накосени земјишта, најчесто на некој рид. Тој се состои од три главни елементи: скене, орхестра и театрон (или коилон).

Илустрација на хеленскиот театар со појаснувања
1. ТЕАТРОН
Театронот или коилонот бил аудиториумот на хеленскиот театар, односно место каде што гледачите седеле. Називот театрон (стгрч. θέατρον) значи гледалиште, но се нарекувал и коилон (стгрч. κοῖλον) што значи вдлабнатост, односно шуплини создадени меѓу седиштата скалесто поредени од приземјето кон врвот. Римјаните го имаат преведено овој елемент и го нарекуваат cavea што значи шуплина. Театронот е изграден во полукруг околу орхестрата. Поделен e во два дела: горна и долна дијазома. Дијазомата, која Римјаните ја нарекувале praecinctio, претставува рамна полукружна патека која ги раздвојува горните од долните седишта во театронот.
Геометриски нацрт на хеленскиот театар
Вообичаено, хеленските театри имале две дијазоми, но големите театри кои собирале повеќе публика можеле да имаат и три. Нивната функција била да се намали протокот на посетители со цел да се избегнат несаканите турканици. Подоцна, Хелените започнале со изградба на коилонот. Од V-тиот век пр. н.е. гледачите носеле со себе перничиња за да седат врз нив поради тврдата студена подлога која биле неудобна за седење и следење на драмите. Скалестите седишта во еден ограничен редослед се нарекувале керкиди (стгрч. κέρκις = клинец), додека Римјаните ги нарекувале cunei. Во времето на раниот театар, јавноста седела околу орхестрата на земја, врз тревна површина. Потоа Хелените поставиле дрвени штици кои, пак, подоцна биле заменети со архитектурно обликувани камени седишта керкиди за да бидат трајни и да му одолеат на забот на времето. Керкидите биле одвоени со климаци (стгрч. κλίμαξ) - скалила по кои се искачувала публиката во театарот. Предните седишта во полукруг среде орхестрата биле нарекувани проедрија и биле резервирани за челниците и свештениците. Најценетиот гледач во театарот бил свештеникот на богот Дионис Елевтериј (Дионис ослободителот), кој седел на добро изработено мермерно седиште со наслон.

Составни делови на хеленскиот театар
2. ОРХЕСТРА
Замислена претстава на театарот на Дионис Елевтериј
во Атина. Хорот пее и танцува среде орхестрата.
Долу во центарот се наоѓа кружна (или полукружна) рамна површина наречена орхестра (стгрч. ὀρχήστρα) што значи игралиште. Во класичниот период таа била кружна, а во хеленистичкиот преминала во облик на коњска потковица. Орхестрата е заоблен простор во кој танцувал и пеел хорот, но и место за вршење на жртвен обред. Римјаните орхестрата ја искористиле за разни спектакли и ја нарекувале харена. Кружниот облик носел магично значење бидејќи се сметало дека ги предизвикувал натприродните сили, така што неговото вградување во театарот служел за извршување на култните свечености во чест на божеството. Во центарот на орхестрата бил поставен жртвеникот на богот Дионис наречен тимеле кој во раните години на хеленскиот театар се користел за принесување на жртви во чест на Дионис пред започнување на драмската претстава, но подоцна станал подиум на кој стоел хороводецот наречен корифај. Првенствено орхестрата ја користеле глумците, но откако се повлекле во проскенионот, во неа бил вклучен хорот со неговите танци.

3. СКЕНЕ
Скенето (кај Римјаните scaena) како градба имала три влеза за глумците. Таа била насочена кон публиката, служела како заднина изградена во облик на украсена палата или храм. Подоцна, кога се развила сценографијата, на скенето биле поставувани насликани плочи кои го доловувале просторот каде што се одвивало драмското дејство од драмскиот текст. Скенето како место соодветствува на зборот сцена што го користиме за современите театри.

Римјаните ги граделе театрите налик на хеленските
со таа разлика што ги подигале и доуредувале
со поинакви архитектонски решенија. Римскиот театар
можел да се гради и на рамно земјиште, воопшто не
било потребно да се прилагодува на ридови или возвишенија.
Помеѓу сцената и седиштата, се наоѓале странични влезови наречени пародоси, една на левата, а друга на десната страна, од каде што навлегувале хорот и глумците за да настапат пред сцената. Оној кој влегувал од левиот пародос доаѓал од селата и од далечни места, додека оној кој влегувал од десниот пародос доаѓал од градот или од пристаништето.

Проскенионот, кај Римјаните proscaenium, во класичниот период претставувал подиум на којшто глумците го одигрувале драмското дејство. Тој бил приземјен пред орхестрата. Во хеленистичкиот период, градителите на театарот го издигнале проскенионот неколку метри над орхестрата. Рамната површина за глумците над проскенионот била наречена логејон (кај Римјаните pulpitum). Над проскенионот имало посебен подиум наречен теологејон на кој настапувале глумци кои одигрувале некој лик на божество.

Внатре во скенето биле поставени и вградени склопки кои се употребувале за време на изведувањето на драмската претстава за да впечатливо и невообичаено ја доловат приказната од драмскиот текст. Тоа биле аоремата, периактите и екиклемата.

Технологија на античкиот хеленски театар
а) Аорема или механе, препознатлива по латинската фраза deus ex machina (бог од машина). Аоремата бил еден вид на склопка во облик на кран за воздушно пренесување на глумците пред сцена кои одигрувале ликови на божества. Се користела во оној миг кога се јавувала потребата да се разреши заплетот од драмата, така што глумецот бил симнуван одозгора во костум на божество.

б) Периактите биле столбови вметнати во призма со три насликани страни кои се вртеле околу сопствената оска за да ја сменат заднината на сцената, односно местото каде што се одигрувало драмското дејство.

в) Екиклемата била дрвена платформа со тркалца за пренесување на телата на починатите драмските ликови. Екиклемата се туркала од челните врати на скенето за да се прикаже како некој драмски лик кој извршил самоубиство или бил убиен. Хелените ја почитувале уметноста и тие никогаш убиството или самоубиството не го прикажувале јавно, со симулација, туку во позадината. А потоа глумецот кој го глумел починатиот драмски лик го туркале на екиклемата пред јавноста.
Реконструкција на Одејонот на римскиот конзул Херод Атик подигнат
покрај падините на атинскиот Акропол во Атина. Имал дрвен покрив.

Повеќето првични грчки театри биле од отворен тип, изложени на надворешни услови. Но, во Атина на подножјето на Акропол се наоѓа театарот на Херод Атик познат како Одејон кој бил покриен со кровна конструкција, односно бил од затворен тип. Сите театри кои биле градени во затворена градежна конструкција се нарекувале одејони.

Реконструкција на Флавиевиот
амфитеатар во Рим наречен
Колосеум
Римјаните го преземаат хеленскиот облик на театарот, само што ја исклучуваат светата функција на обредно жртвување, а дури подоцна драмската уметност ја изобличуваат во боречка гладијаторска арена. Тие пронашле архитектонско решение како да ги подигаат
седиштата. Не им бил потребен рид за кревање на зданието. Римскиот театар, покрај полукружниот, добива и целосно затворен кружен облик наречен амфитеатар, така што оддава впечаток на нешто величествено како што е Флавиевиот амфитеатар Колосеумот во градот Рим. Римјаните ги украсуваат нивните театри со столбови, релјефи, скулптури и внесуваат уште многу нови елементи. Амфитеатрите како зданија претежно служеле за разонода на римската публика која особено уживала во набљудување на реални сцени на борби помеѓу робови и затвореници наречени гладијатори.

На видеата можете да проследите тридимензионална реконструкција на римскиот театар на Помпеј и на римскиот амфитеатар познат како Колосеум или Флавиев амфитеатар. И двата биле подигнати во градот Рим.
Видеата се во сопственост на компанијата за визуелни археолошки реконструкции Altair4 Multimedia.





ГАЛЕРИЈА НА ХЕЛЕНСКИ И РИМСКИ ТЕАТРИ


Електронски извори:

1. http://www.ancientgreece.com/s/Theatre/
2. http://simple.wikipedia.org/wiki/Greek_chorus
3. http://www.greektheatre.gr/constr.html
4. http://www2.cnr.edu/home/bmcmanus/tragedy_theater.html

No comments:

Post a Comment