ВКУПЕН БРОЈ НА ПРЕГЛЕДИ

15 September, 2014

Генеалошка класификација на светските јазици

Што подразбираме под изразот генеалошка класификација?

Ајде да ги објасниме овие зборови!

Генеалошка во себе содржи грчки збор genos што значи род, потекло, сој, додека зборот класификација потекнува од латинскиот збор classis што значи ред, односно подразбира некакво подредување, редење, распоредување. Кога ќе ги поврземе овие два збора од латинско и старогрчко потекло ќе го добиеме следново - распоредување или редење по потекло. Значи ако лекцијата гласи генеалошка класификација на јазици, тогаш од преводот подразбираме дека станува збор за распоредување на јазиците по потекло.

Истражувачите на светските јазици забележале дека многу зборови во одделни јазици биле слични при изговор или пишување, така што навлегувајќи длабоко во структурата на тие одделни јазици дошле до заклучок дека тие биле сродни, слични по своето потекло. За да полесно ја разбереме сродноста на јазиците, да ги погледаме следниве примери:

Зборот „мајка“ во повеќе јазици (стари и современи) што имаат заедничко потекло се јавува во разни облици.

Современи јазици: на германски mutter, на англиски mother, на холандски moeder, на дански moder, на француски mère, на италијански madre, на шпански madre, на португалски mae, на хиндустански ma и др.

Стари јазици: на санскрит matar, на староперсиски mathir, на старогрчки meter, на латински mater, на старословенски мати и др.

Како што може да се забележи, во сите овие јазици иако ги зборуваат многу различни народи од светот, постојат сличности во изговор. Истражувачите потврдиле дека овие јазици имаат заедничко потекло и дека припаѓаат на некои јазични семејства. Така, решиле да ги распоредат овие јазици по нивното заедничко потекло.

Издвоиле 4 групи на јазични семејства, а тие се следниве:

1. Индоевропска група;
2.  Урало-алтајска група;
3. Семитско-хамитска група;
4. Кавкаска група.


Во индоевропската група спаѓаат јазици на кои зборува 46% од населението во светот. Од таа причина, детално ќе ја разгледаме само индоевропската група. Македонскиот јазик спаѓа во едно од јазичните семејства на индоевропската група.

Да прочитаме сега кои јазични семејства постојат во индоевропската група:

*Јазиците што се подвлечени се сметаат за стари и изумрени, односно веќе не се користат во пишан или говорен облик или можеби само на одредени локации или од одредена група на луѓе. Латинскиот јазик, на пример, сè уште се користи службено само во папската држава Ватикан во Рим (Италија).

а) Индиско семејство на кое му припаѓаат следниве јазици: хиндустански, персиски, бенгалски, пенџапски, гуџаратски, ромски, пашту, санскрит и многу други.
б) Иранско семејство: персиски, авганистански, курдски, таџикистански и др.
в) Балтичко семејство: литвански, летонски и старопруски јазик.
г) Словенското семејство е поделено на три гранки: источна, западна и јужна.
  • Источнословенска гранка: руски, украински и белоруски јазик.
  • Западнословенска гранка: чешки, словачки и полски јазик.
  • Јужнословенска гранка: српски, хрватски, бошњачки, македонски, словенечки, бугарски и старословенски јазик.
д) Германско семејство: стариот готски, исландски, дански, шведски, холандски, норвешки, англиски, германски, бургундски, фламански и јазикот јидиш на кој зборуваат Евреите во Израел, Европа и САД.
ѓ) Келтско семејство: ирски, шкотски, велшки, галски и бретонски јазик.
е) Италско семејство: латински, оско-умбриски, венетски, фаликиски.
ж) Романско семејство. Во ова семејство припаѓаат јазици што се развиле од говорен латински јазик, а тоа се следниве: италијански, шпански, португалски, француски, романски и каталонски.

Албанскиот, ерменскиот и сите облици на грчкиот јазик немаат свое семејство, тие се изданок од индоевропското стебло на јазици. За најстар јазик од индоевропската група се смета изумрениот санскрит, додека старогрчкиот бележи повеќе од 35 века постоење, но се разбира не е најстариот јазик на европскиот континент.


Важно е да се запомни дека класичните јазици - старогрчкиот и латинскиот јазик, спаѓаат во индоевропското јазично семејство и ја содржат лексичката основа* во речникот на многу европски јазици. Голем фонд на зборови и изрази од латинско и грчко потекло се користат во секојдневниот и во деловниот јазик, во медицината, правото, земјоделието, новинарството, културата и уметноста, информатиката, астрономијата, технологијата и во разни други научни и општествени гранки во кои дејствува човекот.   

Занимливости:
Јазикот јидиш е од понов датум, создаден во источна Германија. Евреите кои биле печалбари во Германија говорејќи на сопствениот еврејски јазик почнале да собираат туѓи зборови од други јазици, најмногу од германскиот. Подоцна, откако бил збогатен со многу германски зборови, а сè почесто се користел во секојдневна употреба, тој се издвоил како посебен јазик на еврејскиот народ. Инаку, еврејскиот јазик припаѓа во семитско-хамитската група на јазични семејства.

* основа за поимите и изразите што се употребуваат во науката, уметноста и книжевноста.

No comments:

Post a Comment