Minister VS magister

Час по семантика на често употребувани латинизми „министер“ и „магистер“ кои кај нас го загубиле основното значење, за жал:

1. Minister е секој оној што му служи на некој уважен. Поврзете го зборот со она зборче minus, на латински јазик „помало“ или „помалку важно“, па дури и суперлативот minimus „најмал“. Така, пресликајте ја смислата на латинизмот „министер“. Оттаму произлегол и модерниот глагол „минимизира“ што сите знаете што значи.

Етимологија: прото-индоевропски корен *meyh₁- (мал) и споредбена наставка * teros (нешто по квалитет поинакво наспроти другото). И тука, во етимолошка смисла, значењето е „помал, помалку важен наспроти другите“. 

Значи, одговорот е дека секој министер кој и да е, всушност, е никој друг туку „слуга“. Значи тој треба да служи. Кому? Па на народот, на мене, на тебе што читаш. Владата има свои министерства или државни установи кои треба да им служат на граѓаните. Значи, тие постојат за нас, ние сме нивната ЦЕЛ, а не тие сами за себе.

Заклучок: Министерствата постојат ЗА НАС, а не ние за нив. Министерот постои ЗА НАС, а не ние за него. Ако министерството или министерот не е во дослух со НАС, граѓаните на општеството, тогаш, смислата на нивното постоење е промашена.

Министерствата се административна структура која треба да нѐ слуша за сѐ што ни недостига и треба правовремено да интервенира, оти нели е „послуга“ и никако не треба да се поставува од положба на наредбодавател.

Ако имаме чувство дека министерството е наредбодавател, а не служител, значи нешто не е во ред со демократскиот систем, треба да се преиспитаме и ние, а најмногу тие, мислам „бирократските служители“ на чело со главниот слуга како целина.

2. Magister. Овој збор за старите Римјани значел многу, некој ценет, уважен, чинител, кој треба да се праша, кој има вредност, кој промислува оти го има тоа во себе со ученоста. Значи, magister е ништо друго до - учител. Ете, најуважените луѓе во времето на стариот Рим биле учителите или оние што се „поголеми“ од оние „помалите“. Мислам дека се разбираме.

Во денешна смисла, учители се сите оние стручњаци кои знаат, промислуваат, кои треба да се прашаат и чијшто збор тежи, цврст е, не може да се разбие. Не мислам конкретно на магистрите по звање, туку на вистински учители, зналци, непоткупливи, кои не одработуваат туѓи бирократски агенди, туку оние учени од кои умот се отвора и прави промени во мене, во тебе.

Значи стручњаци, не „експертутки“, да се разбереме. Овие последните одработуваат за кеш и се симболика за „технократи“, а овие првите работат искчучиво поради вистината како цел сама по себе. Разликувајте ги. И обете се еден ист вид - магистри, само со дијаметрално поставени цели. Некои, пак, се номинално учители во кои нема знаење, а такви денес ги има многу и жалам заради тоа. 

Етимологија: прото-индоевропски корен *m̥ǵh₂- (голем), атематска наставка за споредување *-is (нулти степен < *-yós) и дополнителна споредбена наставка * teros како засилување на коренот. Во превод: мошне поголем, т.е. поважен наспроти некој друг. Оттаму имаме безброј изведенки: мајстор, маестро, мајор и др. Дури и Исуса неговите слуги и следбениците Го нарекувале „рави“ (учителе), затоа што знаеле дека Тој е важен, од Него очекувале одговори.

Врз основа на произнесеното можеме да разбереме дека во едно општество најважни се учителите, а не служителите. Да не ме разберат погрешно моите колеги и училишниот технички персонал кој работи во училиштата, ова не се однесува за нив како класични учители предавачи или класични хигиеничари или технички мајстори за поправки.

Моето размислување опфаќа поширока, глобална слика, онаа на која некогаш почивале и успевале древните цивилизации запазувајќи ја вредноста на тие одредени фигури кои биле чинители и нивниот збор бил закономерен. Многу современи држави се придржуваат на тие начела, затоа и се успешни и лесно ги надминуваат кризните состојби.

Заклучок:

Што сакам да речам со ова?

Ако сакаме да успееме и да изградиме убава правична и здрава држава, треба повеќе да им се даваме можност на учените луѓе да зборуваат, отколку на оние што се помалку важни, министрите. За ниедно прашање не смеат министрите да одлучуваат во свое име или да се поставуваат како чинител, фактор, туку за сѐ нешто треба да се консултираат со учените и не смеат да носат никаква одлука освен ако таа не е во полза на СИТЕ НАС, на општеството. 

И треба да имаме двонасочна комуникација со државните установи кои ни служат (министерствата), затоа што ние граѓаните сме производната снага која ги движи и државата и општеството. Според тоа, за сѐ нешто треба да бидеме прашани пред да се носат какви било решенија одозгора.

Ако решенијата одозгора пристигнуваат без стручен преглед и согласност на мнозинството, таквиот систем по сѐ изгледа се самоодржува и приличи на некаква деспотија или тиранократија.

Часот е завршен. Се надевам дека она што научивме ќе направи некаква промена во вас.

6.6.2020 год.

No comments:

Post a Comment