Практичен прирачник за изучување и разбирање на медицинска терминологија

Почитуван млад истражувачу и ученику,

Овој прирачник не е само збирка на правила. Тој е создаден за тебе, за оној којшто сака да зачекори посигурно во светот на медицината и природните науки. Пред тебе немаш уште една книга за учење напамет, туку жив инструмент што ќе те научи како да го разбереш, а не само механички да го препознаеш јазикот на лекарите.

Ова е твојот мост помеѓу средношколската клупа и амфитеатрите на медицинските, стоматолошките или фармацевтските факултети. Но, дури и ако сè уште го бараш својот пат, овој текст ќе ти ја осветли логиката зад стручниот медицински јазик.

Што откриваме заедно низ овие страници?

Прво, ќе го совладаме живиот изговор. Не те учам на „мртов“ јазик, туку на оној што секојдневно одекнува во болниците и лабораториите. Ќе научиш каде се крие нагласокот и како правилно да го изговориш секој поим или израз, дури и кога пред себе имаш непознат збор.

Чекор по чекор, ќе ја дешифрираме архитектурата на зборовите. Ќе научиш кога се пишува голема буква, како гласи суштинското име на лекот наспроти неговиот трговски превез, како да ги разликуваш гласовите и каде да нагласуваш во богатиот фундус на латински и латинизирани грчки зборови.

Во срцето на Прирачникот те чека Концизен речник, а тоа е дестилирано знаење. Тука не се натрупани илјадници зборови, туку се избрани оние клучните кои се однесуваат на хуманата анатомија, на нарушувањата на здравјето, на процесите, на лекарствата, терапиите и билките.

Како да го употребуваш Прирачникот?

Ова не е помагало кое треба да го претрчаш. Тоа е патека по која треба внимателно да одиш, чекор по чекор, и да се навраќаш назад за да се потсетуваш на заборавеното. Како ќе го постигнеш успехот?

Работи со Прирачникот. Читај со молив во рака, запишувај секаква мисла во Commentarius Meus и запечати ги твоите сознанија во Adnotatio diei.

Преслушувај се. Вежбај го изговорот гласно, нека зборот стане дел од тебе, затоа што те чекаат обврски каде што познавањето на вокабуларот ќе ти биде показател на професионализмот.

Поврзувај. Гледај го поимот низ логиката на твоето тело и предметите и појавите од реалноста. Анатомските делови, па дури и процесите и нарушувањата на човечкото здравје се изградени низ набљудување на природата и материјалната култура од древните луѓе, во нив резонира симфонијата на една поврзана метонимија. Лопатчестата коска на грбот на човекот е наречена spatŭla затоа што приличи на лопатките од материјалното творештво со кои се ѕидани тврдините на древните наоѓалишта, живеалиштата и паметниците.

Овој Прирачник од тебе не бара совршенство во учењето, туку скромна љубопитност и трпение. Ако му го дадеш твоето време, тој ќе ти врати со самодоверба.

Што всушност добиваш од него?

Го добиваш јазикот. А кога го владееш јазикот, ги свиваш решетките на стравот. Можеш да прашуваш, да учиш и да напредуваш без страв од непознати зборови. Латинскиот е јазик на редот, на прецизноста, на науката и на убавината на пишаниот збор. Со него е испреплетен и стариот грчки, кој е латинизиран, за да му биде разбирлив на студентот, идниот лекар и специјалистот.

Да не заборавам, ќе научиш дека медицината не е само сува терминологија. Таа е одговорност, грижа и човечност. Каде и да те однесе патот понатаму, овие страници нека бидат твојот цврст темел.

Долу можеш да го разлистуваш како книжуле во секоја пригода од каков било уред.

No comments:

Post a Comment