ЗА АВТОРОТ

ЗА МЕНЕ НА ДОЛГО И ШИРОКО

Јас сум Ненад Начковски, класичен филолог по звање и наставник по латински јазик и по класична култура од Куманово, со повеќе од две децении посветеност на образованието и на културното наследство. Се сметам себеси за палеофил со философска љубопитност и со естетска глад, за љубител на древната уметност, на природата, на археолошките наоѓалишта и за истражувач на тајните на матрицата и на човечкото постоење преку читање, проучување, разговор и синергија со луѓе истомисленици и медитирање. 

КОИ СЕ МОИТЕ ИНТЕРЕСИ?

Моите интереси опфаќаат истражување на античката уметност и архитектура, митолошките наративи, духовните и есотеричните теми, како и современите прашања за културата и технологијата. Секој мој проект е обид да изградам мост помеѓу минатото и сегашноста, и да ја поттикнам љубопитноста и духовниот раст во заедницата во којашто живеам, комуницирам, работам и творам.

КОЈА Е МОЈАТА ПРОФЕСИОНАЛНА МИСИЈА?

Мојата професионална мисија е да ја приближам духовната и материјалната култура на старите Хелени и Римјани до современиот читател, ентусијастот за антиката и, секако, до младите ученици и студенти, преку написи, креативни лекции, дигитални содржини и отворени образовни ресурси. Верувам дека знаењето треба да биде отворено и споделено, додека, пак, образованието живо и креативно.

Покрај професионалната работа, се занимавам и со уредување на овој блог-портал MythosMK и на истоимениот ЈуТјуб-канал, каде што ги поврзувам митологијата, филозофијата, духовноста и уметноста во достапни и инспиративни материјали.

КАДЕ ЗАВРШИВ ФОРМАЛНО ОБРАЗОВАНИЕ?

Од 1992 до 1996 год. завршив основно образование во ОУ „Крсте П. Мисирков“  Куманово;

Од 1996 до 2000 год. завршив средно образование во СОУ Гимназија „Гоце Делчев“  Куманово;

Од 2001 до 2006 год. завршив додипломски студии на Институтот за класични студии на Филозофскиот факултет во Скопје во рамки на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и се стекнав со звање дипломиран класичен филолог.

ШТО ИМАМ ОД РАБОТНО ИСКУСТВО?

2001 год. работев како компјутерски менаџер и техничар во локална телевизиска станица „ТВ Нова“ во Куманово;

2002 год. работев како привремен асистент во Агенцијата за вработување во Куманово;

2007 год. работев како пописничар за попишување на земјоделски имот во подрачјето на Младо Нагоричане;

2007 год. волонтирав во ромска невладина организација „Иднина“ во Куманово;

Од 2008 год. до денес работам како наставник по класична култура во ООУ „11 Октомври“  Куманово;

Од 2022 до денес работам како наставник по латински јазик во СОУ Гимназија „Гоце Делчев“  Куманово и во ОСТУ „Наце Буѓони“  Куманово.

ДОПОЛНИТЕЛНИ ПРОФЕСИОНАЛНИ УСОВРШУВАЊА

Постојано трагам по нови методи за подобрување на образовниот процес преку учество на меѓународни и домашни конференции.

Меѓународни искуства: Учествував во проектот „Dive-In-Dialogue“ за инклузија преку дијалог во Атина (2023) и Барселона (2022), каде што разменував искуства со наставници за имплементација на дијалошки собири во училиштата.

Научен придонес: Активно учествував во научниот конзорциум Res Classicae — Hodie et in futuro на Филозофскиот факултет во Скопје (2022 година), каде што понудив критички пристап кон учебникот по класична култура.

Дигитализација: На првата Едуконференција во Струга (2015 год.), каде што го добив признанието НајООР наставник, говорев за важноста на создавањето и споделувањето на отворени образовни ресурси преку разновидни дигитални облици кои на младите поколенија им се блиски, разбирливи и прифатливи.

ДИГИТАЛЕН ПРИДОНЕС И ВЕШТИНИ

Верувам дека технологијата е само алатка која треба да ѝ служи на духовноста и знаењето и треба да биде во раце на доблесни луѓе кои имаат желба да го преобразат светот во пријатно, просветлено и безбедно место за живот.

Mythos: Од 2013-тата година го уредувам блог-порталот како оаза за истражување на античката култура во Европа, онаа на која се зачетници старите Хелени и Римјани. Од 2020-тата создавам и видео-содржини на ЈуТјуб-каналот Mythos за ученици кои ја следат Наставната програма по класична култура за шесто одделение, за којашто Програма имам сопствен авторски удел и ја применувам во наставата.

Учебник и Прирачник: Автор сум на две книжевни дела: пилот-верзија на Нов прилагоден учебник по класична култура, дизајниран да биде практичен и бесплатен за сите ученици од шесто одделение и за потребите на наставниците и бесплатно прво издание на Практичен прирачник за изучување и разбирање на медицинска терминологија за учениците од гимназиски училишта кои профилираат во здравствените и природонаучните струки. Двете дела се објавени на блог-порталот

Технички компетенции: Моите дигитални вештини се оценети како напредни во областите на дигиталната писменост, на графичко дизајнирање, на решавање проблеми и во полето на безбедноста на податоци. Често користам алатки како Adobe Photoshop, Canva, OBS Studio, канцеларискиот пакет на Microsoft, за да ги осмислувам визуелни содржини на блог-порталот.

ШТО МЕ ИНСПИРИРА И ИСПОЛНУВА?

Личниот развој е нераскинливиот дел од моето секојдневие.

Палеофилија и уметност: Се насладувам кога ги толкувам античките уметнички стилови и облици и кога ги посетувам и се поврзувам со археолошките наоѓалишта. Со задоволство читам книги и енциклопедии во кои е опфатена античката уметност и архитектура. За мене, посетата на музети е вонвременско искуство, излез од реалноста, поглед кон вистината и минатото на еден синестетички начин.

Истражување на непознатото: Ме фасцинираат есотеричните знаења, религиозните, философските и современите научно-технолошки концепти за битието, уфолошките нарации и докази поврзани со животот во вселената и теоретските претпоставки за повеќедимензионалноста.

Комуникација: Разговори за длабоки теми кои задираат во сржта на човечкото постоење отсекогаш ме привлекувале. Омилени прашања за дискусија ми се целосно онтолошки: Кој ја раководи матрицата која нè окружува? Што се наоѓа зад нејзиниот вел? Која е смислата на нашето втелотворение на планетата Земја?

ВНАТРЕШНА ПАТЕКА: СВЕТЛИНА, ДУХ И ДРЕВНИ КОДОВИ

Според моите согледувања, животот не е само низа од датуми, професионални успеси, патувања, материјално-консумеристички тежнеења и инстанти-формули за секој предизвик, туку едно будно патување кон самоспознавањето. Се сметам себеси за светлосен работник кој верува во сојузот помеѓу телото, душата и Изворот. Животна мисија ми е да ги освестувам програмите од матрицата, да насочувам на будење, да предавам знаење преку искажаниот и пишаниот збор, да поттикнувам на споделување, на помагање, на преобразба, на обединување и на пружање на љубов. 

Палеофилија како духовна алатка: Љубовта кон античката уметност и архитектура не е само професионална, туку длабоко лична. Ги анализирам и интерпретирам уметничките дострели на древните луѓе истражувајќи ги археолошките наоѓалишта и посетувајќи ги музеите, за да ги дешифрирам кодовите на мудроста и на човечката доблест оставени во наследство од старите цивилизации.

Есотерични и космички кодирања: Љубопитност се протега и во сферите на есотеричните знаења. Верувам дека човештвото, уште од мугрите на цивилизацијата, е во вечна потрага по својата бесмртност и по неговото космичко потекло. Преку проучување на античките извори, трагам по вистината за нашето постоење.

Пишувањето како чин на будење: Ме исполнува и остварува пишувањето на текстови низ социјалните медиуми со кои се обидувам да ја обликувам јавната свест придонесувајќи за духовниот раст на заедницата. Речиси секој напис е обид да инспирирам промена и да понудам критички пристап кон наметнатите наративи и неосвестени програмирани однесувања.

Мир во движење и тишина: Преку пешањето во природата, медитацијата и тивкото созерцување во кое не постои време ја зајакнувам мојата духовна, ментална и телесна хигиена. Во таа тишина, каде што секоја клетка од телото комуницира со светлината, го наоѓам потребниот оптимизам и енергија за моето творештво.

И она што често го споменувам...аха, матрицата!

ШТО Е МАТРИЦАТА?

Многумина ме прашуваат зошто во моите написи често ја споменувам. За мене, таа не е само филмска метафора, туку една длабоко философска и егзистенцијална реалност.

Зборот матрица води потекло од латинскиот збор matrix, што првично означувало „материца“ или „матица“ или во преносно значење — „извор“. Но, низ вековите, оваа материца од којашто се очекувало да се роди слободниот човечки дух, се преобликувала во систем на програми, норми и симулации кои го обликуваат нашето размислување уште од раѓањето.
Станувајќи густа самоавтоматизирана структура, нејзиното функционирање ја загубило смислата да му помага на човекот да се оствари не само како телесно битие, туку и како духовно, не само интелектуално. 

Одразите на матрицата се откриваат во неколку слоеви опишани во книги, преданија и присутни во симулациите на секојдневието:

Платоновата пештера: Првиот запишан концепт за матрицата — состојба во која човештвото гледа само сенки на ѕидот и ги прифаќа за единствена реалност.

Велот на Маја: Древните ведски преданија зборуваат за симулацијата што нè спречува да ја видиме меѓусебната поврзаност на сите нешта.

Современиот консумеризам и дигитална контрола: Потрошувачкиот систем кој нè учи дека телото е само машина врз која немаме контрола, наместо да нè учи дека е интелегентниот сојузник на човековиот дух. Консумеризмот го претвора човекот во заробеник на симулакрумите (вештачките претстави на матрицата) и поклоник на симулациите оддалечувајќи го од неговата онтолошка природа. Дигиталниот идентитет е уште една алатка на матрицата да нè задржи во егзистенцијален и ментален кафез.

Зошто ја проблематизирам?

Мојата работа на блогот, улогата наставник по латински јазик и по класична култура, и општо односот кон светот и кон оние со коишто општам, претставува, всушност, прометејски обид да понудам механизми за дешифрирање на матрицата. Преку изучувањето на античката мудрост, митологијата, старите јазици и есотеричните знаења, верувам дека учиме како повторно да ги поврземе нашето тело и дух во една хармонична целина која одбива да биде запчаник за функционирање на наметнатите програми.

Будењето од матрицата започнува со прашањето „Зошто?“. Во тој миг престануваме да бидеме обични набљудувачи и се преобразуваме во дејствителни творци на сопствената светлина.

Мојот пат е постојано навраќање кон изворите — за да ја разберам иднината и да ја осветлам сегашноста.

No comments:

Post a Comment