Memento mori!

Овој латински израз влече корени уште од времето на Римската Република.

Имено, врховните воени заповедници по успешниот триумфален поход се враќале во Рим со високи државни признанија и почести. Уживале посебен углед затоа што воената победа во тоа време се сметала за придонес кон државата од највисок вид, а често и како врв на кариерата што можел да ја достигне еден воен заповедник.


Прочуените свечености кои се приредувале во нивна чест биле толку помпезни што римскиот Сенат, кој стравувал славата на заповедниците да не предизвика чувство на супериорност во однос на другите и желба за наметнување на апсолутизам, се потрудил да ги држи под контрола нивните апетити.

Како успевале сенаторите во тоа? Многу едноставно, но, мошне досетливо.

Додека воениот заповедник на бојна кочија марширал по патот на почеста низ Рим придружуван со овации и славопојки од Римјаните, зад кочијата седел роб, кој повремено му дошепнувал „Memento mori!“ или „Сети се дека ќе умреш!“ потсетувајќи го дека славата и заслугите се нешто привремено, додека смртта е неизбежна дури и за оние што се на врвот на сопствената моќ и кариера.

Симболиката на оваа изјава ја среќаваме кај човечкиот череп, песочниот часовник, догорената свеќа, со кои се укажува на конечноста на животот во овој облик кој нам ни е познат од раѓањето.

Смртта отсекогаш била инспирација за уметниците, поетите, философите (стоицизам), мистиците, зачетниците на разни видови религиозни убедувања и митови. Таа е spiritus movens, двигател на сите човекови талкања и борби, поттикнувач на промени, преобликувања и подобрувања.

Животот е ѓердан на кој се нанижани скапоцени камења, додека смртта е врзувката која го затвора кругот.

Она што носиме со себе по ова искуство на земјата се само плодовите со кои сме ја хранеле душата која е вечна.

Некој можеби ќе праша кои се тие плодови, каде да ги набави за да си ја нахрани душата и да ѝ обезбеди сигурен пат понатаму. Тие плодови никнуваат во нашето срце, таму земјата е ровка и плодна.

Ако простиш некому и си олесниш себеси, изникнува еден румен цвет. Ако нахраниш гладна уста или помогнеш на испружена рака го купуваш Небесното Царство зашто многумина го продаваат на улица. Ако пружиш помош со збор, совет, некаква услуга, во твоето срце изникнува детелина. Душата се радува на овие плодови и на Небото под кое тие блескаат од личотија.

Направи си градина во твоето срце. Секој ќе се воодушевува на пријатната миризба и на разнобојната убавина што си ја засадил во неа. Таа никогаш не угинува, ги надживува овоземниот луксуз, славата и удопствата.

(од мој агол)

19.6.2021 год.

No comments:

Post a Comment