Заедно со старогрчкиот и староиндискиот, латинскиот се вбројува како еден од клучните јазиците втемелени во индоевропското фундаментално ткиво со структура која е блиска до реконструираниот прото-индоевропски супстрат. Поимот „прото-индоевропски“ е научна кованица од XIX-тиот век како географска одредница за ширење на јазичната група низ Европа, Средниот Исток и Индискиот Потконтинент во периодот пред и по второто илјадалетие од старата ера.
Да не звучи мојата горна констатација лабаво, морам да признаам дека во стариот свет постоеле и мноштво на други јазици приближно значајни и влијателни врз одредена примитивна или развиена култура како што тоа биле првично споменатите. Иако научниот свет има изграден консензус по прашањето за староста, сепак, не треба да се занемари претпоставката дека пред појавата на пишаните споменици сигурно имало слоеви на наречја врз основа на кои се надоградувала структурата на прото-индоевропскиот прајазик.
Речиси едно илјадалетие, низ период помеѓу стариот и новиот век, почнува неговото проширување и наметнување надвор од границите на Апенините, заедно со писмото. Подоцна, во средновековието, под влијание на романските говори, се намалува усната форма на латинскиот наспроти пишаната. Сепак, за волја на вистината, „чистата“ важела како јазик на учената аристократија и на научната фела за разлика од „нечистата“ (sermo vulgāris vel lingua Romāna), на која општел обичниот народ (средната класа, работниците, слугите) уште во периодот на класичниот Рим.
Токму од таа народна форма се изродиле романските јазици како францускиот, шпанскиот, португалскиот, италијанскиот, говори на простите народни маси за да подоцна добијат свое место под сонцето, признаени како одделни национални јазици, единствените денешни живи претставници на sermo vulgāris. Романските јазици, преку книжевната норма со која ја ширеле писменоста во Европа и пошироко, непосредно го пренеле влијанието на латинизмите во речникот на останатите соседни јазици. Во периодот на Ренесансата, неговата говорна и пишана норма конечно изумира, макар што продолжува традицијата на изучувањето низ училиштата и академските установи. Ренесансните писатели, поети и уметници го „препораѓаат“ класичниот латински, буквално убивајќи ја средновековната вулгарна форма и страсно будејќи ја славата на загубената возвишена античка убавина, во облиците, во говорот и во пишаниот збор.
Класичниот латински има јасна структура, речиси строго определени фонетски правила, ригиден падежен систем со синкретизиран аблатив, сложена морфо-синтакса, усогласена артикулација во класичниот изговор. Таа потреба да постои ред и дисциплина кај старите Римјани е пресликана во духот на нивниот јазик.
Ќе си дадам свое признание дека токму овој јазик ми ја разбуди љубовта кон древните јазици, ми помогна и да ја разберам темелно, студиозно, сеопфатно и граматиката на мојот мајчин јазик, македонскиот. Фазата на илуминација блесна уште во средношколските денови, кога имав 15 години. Тогаш, не само што ми се отворија пространствата при изучување на кој и да е јазик, туку ми се разбуди и вештината за проникнување во другите науки коишто своето спознајно ткиво го ткајат преку грко-латинската терминологија и тоа, мошне вешто, прецизно, измазнето, предизвикувајќи восхит и зачуденост, истовремено.
Да не навлегувам во истражувања кои укажуваат на предностите од изучувањето на јазикот кај помладите поколенија, надвор од онаа саможивна материјалистичко-прагматична логика (каква полза имам од еден мртов јазик? што би работел, каде би го употребил?), оние што го изучувале и ја процениле неговата бесценетост за когнитивниот развој на младиот ум добро ги процениле благодетите, кои се поскоро духовни отколку материјалистички, и не би се дрзнале да ги наведуваат младите „да ги газат бисерите фрлени пред нив“ (margarītas ante porcos).
Корифеите на латинскиот денес, единствени негови кустоси и темелни познавачи се класичните филолози, aves rarae (ретки птици). Не постои друг, ниту е благодарно и праведно овој бисер да му се предаде за чување и обучување на некој друг без lex artis.
Класичната наука е хуманистичкиот стожер, светилник во темницата со која сме опкружени, излез од траорниот континуум, насушен леб во време на духовна глад и морална сиромаштија. Тој светилник, за среќа, уште опстанува, одекнува од минатото, пробива со зраците низ окоравените крлушки на технолошко-виртуелниот змеј.
Ентусијазмот кон древните јазици ме воздигна повисоко, ме постави меѓу ѕвездите, но, не за моја слава и вообразеност, туку за наслада на тајните што ми се откриваат, за задоволство кога тие „сакраменти“ ги споделуваш со драги или млади луѓе кои сакаат да слушаат, да научат нешто, преумувајќи заедно со мене во непресушна наслада.
(од мој агол)
15.12.2022 год.

No comments:
Post a Comment