Клучот

Сакам да те ослободам, да те вивнам во облаците, да те носам и да те научам да летиш, а јас да бидам зад тебе, кормиларот. Ако имаш страв, придржи се за мене, цврсто.

Секоја жива плот чекори кон небото, расте кон небесниот свод, сè што постои успехот го гради во височините.

Така и ние, како две половини, пред да се искачуваме со радост, треба да поставиме темели цврсто вгнездени во земјата, тие ќе ни го осигураат патот нагоре. Вечноста на камените темели ќе нè поврзува засекогаш, дури и кога Љубовта ќе нè преобрази во Нејзиното живеалиште.

Поставувајќи цигла по цигла, малтер врз малтер, секоја степеница за мене ќе биде поднослива, а за тебе мачна, поради товарот на илузиите кои светот ти ги всадил. Но, јас ќе те ослободам од нив, зашто овој дом што ќе го соѕидам, ништо нема да ти наметне, тоа што ќе излегува од тебе, ќе бидеш само ти и твоето срце.

Борба се одвива во тебе, секојдневна борба, се ломат остри копја, од една страна е стариот широк пат кој ти го поплочиле оние околу тебе, а од другата новиот тесен пат што од кал и песок го градам јас за тебе.

Тоа што си ти, врзано е во пранги, не може да лета, временски венее, и како што се суши, ти го гаси блесокот на очите. Но, ти ветувам, јас ќе влезам во тебе и ќе ги разбијам тие пранги, ќе ги изгонам илузиите кои од тебе направиле заробеник.

Мислите твои, врзани во клупче, ќе ги разврзам и ќе ги дувнам да одлетаат среде брановите. Дозволи ми да пловам по морето на твоите мисли и да ги испреплетам со моите желби и чувства, да направам неразврзлива плетеница на која крајот не може да ѝ се дофати.

Ако ми допуштиш да ја отклучам душата, во царството на твоите мисли ќе подигнам престол. И тогаш, никој не ќе може да те освојува, да те отуѓува и да те менува.

Сега отвори го ковчежето на желбите, нека ги населуваат мислите, веќе нема кој да ги затвора, да ги прекорува, да ги изгонува. Додека тие пловат како кајчиња езерски во разновидни бои, трепериш, зашто старото неизбежно пука, а новото громогласно се раѓа.

Стравот те обзема, неизвесноста ти краде воздишки, мислите се збркани. Не стравувај, пловиме заедно низ промените, кои се мачни, но просветлувачки.

Плотта ти е извајана со возвишенија и длабочини, пошумени простори, пусти и суви долови, испупчени цветови на два обраснати рида и бездна во која не продира сончева светлина. Ќе те усовршам во полнота ако ми дозволиш да прелетам како сокол врз пространствата.

Сенката на моите крилја ќе ти донесе блесок во очите и сласт во душата. Го имам клучот кој ќе ги отвори твоите плотни рајски порти, само предај се целосно за да подигнам и таму сопствен престол. Царството ќе биде наш свет на кој ние безгранично ќе му се насладуваме. Тој свет ќе приличи на облик, како едно тело, со обвивка нанижана од бели бисери.

(нешто од мој агол)

28.5.2020 год.

No comments:

Post a Comment