Биолошки робот

Има кожа, меѓутоа не е вештачка, нема метален оклоп. Носи коски во екстремитетите, во телото и има компактен череп. Коските не се од синтетички или полусинтетички материјал, засновани се на јаглеродни атоми; околу 50% од коскената маса содржи јаглерод, останативе отпаѓаат на органски материјали и околу 10-20% вода.

Во черепот на биолошкиот робот е сместена мозочна маса која е поделена на три слоја мозок: рептилски комплекс, лимбичен систем (палеокортекс или палеопалиум) и неокортекс (неопалиум). Мозочната функција се одвива преку електрични имулси низ синапсите за да може биолошкиот робот да рационализира.

За разлика од човекот, биолошкиот робот нема емпатија, не се солидаризира, чувствата и емоциите му се исклучени, иако може на прв поглед да покажува лични изрази на радост, насмевка, тага, сочувство, вознемиреност и др. Рептилскиот церебрален комплекс е лежиштето на неговото ладно функционирање.

Синтагмата „ладно функционирање“ означува употреба на умот за просто преживување без осет за некоја виша општа цел, без осет за присуство, потреба, грижа, разбирање, помагање и сл. на некој друг. Роботот нема осет, тој е навиен да исполни одредена задача која си ја задал самиот, или, пак, ако е составен механизам на некое широко тело, организација, компанија, власт, да исполнува задачи или агенди безосетно и беспоговорно. Неговите потези се програмирани и се манифестираат преку притискање на одредени копчиња, кодови кои се вршат под контрола на некоја повисока сила.

Тој нема морална автономија. Значи, ако му зададете задача да земе една палка во раце и му зададете наредба да удри по тело врз човек, ќе го стори тоа по автоматизам затоа што добил такви инструкции. Не се поставува прашање дали е тоа добро или зло. Нема таков алгоритам.

Често, овие роботи се подобни за некои високи функции каде што се даваат бесмислени, несоодветни, противуставни, противдржавни, противнародни решенија, мерки, укази, правила и друг тип на регулативи. Ако му дадете на човек да спроведе некоја несоодветна одлука врз група на луѓе или население, бидејќи поседува морална автономија којашто произлегува од неокортикалниот мозочен систем, веднаш ќе почне да дава отпор или ќе се повлече. Човечкиот мозок има „аларм“ дека нешто не е во ред или се коси со здравиот разум или е погубно за група луѓе, население, државниот мир.

За таа цел, мошне е важно на биолошките роботи да не им се дозволуваат тие позиции, за да не упропастат и држава и население во глобални рамки. Нивната фигура е површна марионета со вештачка насмевка како привид на нормално, скоцкани во системски одела, префинети манири, оквалификувани во одредена област. Оставаат впечаток на ученост, а одлуките секогаш се спротивни на очекувањата, најчесто себични, погрешни, противнародни, па дури и опасни по живот!

Не треба да се подлегнува на нивната речитост, насмевка, харизма, тоа е само симулакрум на нормалноста, затоа што во нивниот ум не постои осет, а ни срам, а и не гледаат добро. Нивниот програм ги мотивира секогаш да си угодуваат себеси или на некој друг од хиерархијата.

Пред да имаш очекувања од некого, осигурај се да не е биолошки робот.

31.8.2021 год.

No comments:

Post a Comment