ВКУПЕН БРОЈ НА ПРЕГЛЕДИ

13 December, 2014

За античкото говорништво


Покрај уметничките книжевни родови, епиката, лириката и драмата, кои биле пишувани во стихови, во Хелада се развиле и прозните книжевни родови, меѓу кои позначајно место има говорништвото. Говорништвото претставува книжевна дејност на составување говори (или беседи) кои се читаат јавно во посебни пригоди со цел да се убедат присутните слушатели.


Солон
При крајот на VII век пр.н.е. во Атина, сиромашните граѓани или демосот добиваат поголеми права за учество во јавниот политички живот. Претходно со Атина управувале само еупатридите, угледните семејства. Ова им го овозможил државникот и законодавецот Солон (стгрч. Σόλων, околу 638 – 558 год. пр.н.е.), кој се смета за татко на атинската демократија.

Тој донел закони со кои ги поништил долговите на сиромашните граѓани, го укинал должничкото ропство со мерка наречена сисахтеја и им овозможил да учествуваат и да гласаат во атинското собрание, главно средиште за управување со државата.

Во една прилика Солон пред јавноста прочитал една лирска песна преку којашто ги повикува неговите сограѓани, Атињаните, да се оттргнат од беззаконието и вршењето на злочин и неправда.

Еве една строфа од таа песна сочувана во фрагменти:


(Размислувајте: Според советот од песната, која била еден вид говор, Солон ги советувал Атињаните своето богатство да го најдат во самите себе, во чесноста, праведноста, искреноста, умешноста, љубовта кои се најголеми доблести, додека парите сами по себе не се богатство, нив секој ги зема и разменува од ден на ден, тие не стојат цврсто на едно место)

Демостен
Автор: Jean Jules Antoine
Lecomte Du Nouy
Така постепено, со развојот на атинската демократија се создава и потребата на граѓаните јавно да говорат и да расправаат по одредени важни прашања во Собранието, во судницата и во други пригоди. Секој што сакал да држи јавен говор, да ги убедува Атињаните во некоја одлука, предлог или мисла, требал да ја научи вештината на јавно говорење.

Со говорништвото се занимавале само мажите, а на жените им била забранета оваа дејност. Секое момче кое ќе наполни 18 години добивало можност да учествува во Собранието како претставник. Меѓутоа, иако претставниците на Собранието имале право да држат говори, секој од нив не бил внимателно слушан. За да се привлече вниманието, треба да се познава вештината на јавно говорење и убедување со говор, да се учи реторика. Корените на реториката се јавуваат кај софистите.

Во периодот на атинската демократија (V век пр.н.е.) се појавиле и патувачки учители наречени софисти (ст.грч. σοφίζω – мудрувам) коишто наплаќале за нивната работа. Ги учеле младите како да држат солиден и квалитетен говор пред јавноста, како да пишуваат говорнички текстови (политички, судски или свечени) и како да го бранат своето мислење. Тврделе дека вештиот говорник, за да дојде до некоја цел, треба да го накити својот говор, да влијае врз умот и срцата на слушателите и така да ги придобие за себе. Тие своите предавања ги држеле во приватни домови или на јавни места. Меѓу прочуените софисти се истакнал Горгија, првиот софист во Атина, кој откако дошол како пратеник во 427 год. пр.н.е. од Леонтина (во долна Италија, порано била хеленска колонија) и се истакнал со својот украсен говор, станал мошне прочуен и баран учител меѓу богатите Атињани кои му нуделе голема парична сума за да ги поучува нивните синови на оваа вештина. Покрај Горгија, меѓу познатите софисти биле и Протагора, Продик, Хипија и Исократ. Исократ (стгрч. Ἰσοκράτης, 436-338 год. пр.н.е.), се занимавал исклучиво со реторика, односно бил учител по говорништво, а никогаш јавно не настапувал да држи одреден вид говор. Го основал првото реторско училиште. Фотографијата на која е претставена статуата на Исократ е поставена во Версајската градина на големиот Версајски дворец во Франција. Ја изработил францускиот вајар Жан Дедје.

Со една реченица, да се биде вешт и влијателен говорник бил единствениот пат во тоа време за да некој стане државник, законодавец, војсководец и да приграби моќ, слава и богатство за себе. За разлика од оние што учеле како да држат говор, атинскиот државник Перикле бил природно надарен говорник кој не ја изучувал реториката. Историографот Диодор Сикулски вели  дека Перикле ги преовладувал сите свои сограѓани во вештината на јавно говорење. Хеленските писатели толку го величале што му ја додавале придавката „олимписки“ тврдејќи дека „го држел Ѕевсовото оружје, громот“, додека ги држел своите говори пред Атињаните. Римскиот историчар Квинтилијан вели дека Перикле темелно ги спремал своите говори и секогаш пред да излезе нешто до проговори пред јавноста се упатувал во храм и се молел на хеленските богови да не изговори некој погрешен збор. На фотографијата е прикажана биста на атинскиот водач Перикле која се чува во музејот Пио-Клементино во Ватикан (Рим, Италија). Бистата е римска копија на загубен хеленски оригинал од 430 год. пр.н.е. Според пишаните извори, ова биста ја изработил хеленскиот вајар Ктесила. На постаментот на класичниот грчки јазик пишува Περικλῆς Ξανθίππου Ἀθηναῖος односно Перикле Атињанинот, синот на Ксантип.


Сликата (лево) под наслов Периклева доба е насликана од страна на историскиот сликар Филип Фон Фолц во 1853 год.

Во неа е прикажан атинскиот водач Перикле како држи посмртен говор во 490 год. пр.н.е. во чест на загинатите атински војници во една од битките кои се одиграле за време на пелопонеските војни. Но, со овој говор не им била изразена честа само на загинатите војници. Великиот поборник на демократијата говорел и за полисот Атина со пофални реченици во прилог на демократскиот систем што постоел во неа. Говорот што го држел Перикле пред Атињаните бил составен од страна на историчарот Тукидид во неговото дело Историја на пелопонеската војна кое денес се смета како основен извор на информации за научниците кои се занимаваат со истражување на античката историја.

Хеленскиот философ Аристотел во своето дело Реторика ги поделил јавните говори на следните видови, според пригодата за која се наменети:

1. Политички (советодавни) говори

2. Судски говори

3. Свечени (пофални) говори

Политичките говори (стгрч. γένος συμβουλευτικόν или δημαγωγικόν) биле најпопуларни во антиката, па и денес. Тие се одржувале во Собранието во Атина, во Сенатот во Рим или, пак, пред војската. Во овие говори говорникот ги поттикнувал присутните граѓани да направат или да прифатат нешто за што ќе ги убеди дека е полезно, корисно за сите, или пак ги одвраќал од нешто за што ќе ги убеди дека е штетно за сите. Значи говорникот дава совет за нешто што смета дека е штетно и треба да се отфрли или нешто што смета дека е корисно и треба да се прифати. Тие совети се однесувале на државните трошоци и приходи, војната, мирот и одбраната на државата.

Судските говори (стгрч. γένος δικανικόν) се воделе во судовите, а целта на говорникот била да ги убеди оние што судат дека некое сторено дело е праведно или неправедно со цел да одбрани некого или да го обвини. Овие говори особено се воделе според пишаните и непишаните закони, односно ако некое дело е неправедно (кражба, убиство, измама, клевета, безбожништво) говорникот го обвинувал, а го бранел делото за кое сметал дека е праведно.

Свечените говори (стгрч. γένος ἐπιδεικτικόν или πανηγυρικόν) се одржувале во разни пригоди: празници, собири, културни настани.  Говорникот го одржувал говорот со цел нешто да пофали или да куди, убедувајќи ги присутните граѓани дека нешто е чесно или пак дека нешто е срамно. Најчесто со овие говори се пофалувала доблеста на некој човек: праведноста, дарежливоста, мудроста, храброста, великодушноста, чесноста.

Како писатели на говори (логографи) во хеленското општество се истакнале Лисија, Демостен и Исократ, а откако говорништвото ќе стане популарно и во Рим, меѓу повлијателните римски говорници се докажал Кикерон, кој бил и философ.

Демостен

Демостен (стгрч. Δημοσθένης, 384-322 год. пр.н.е.), најславниот говорник и државник од Атина.

Бил логограф, писател на говори, а еден од неговите најпрочуени говори е Третиот говор против Филип во којшто ја искажува големата омраза спрема власта на Филип Втори Македонски и продорот на македонската војска во хеленските колонии во рамките на Македонското Кралство.

Скулптурата на Демостен е римска копија на хеленскиот оригинал од Полиеукт (околу 280 год. пр. н.е.). Римската копија е изработена во периодот меѓу 384-322 год. н.е. и се чува во Новата глиптотека на Карлсберг (Ny Carlsberg Glyptotek) во Копенхаген, Данска.

Марк Тулиј Кикерон

Марк Тулиј Кикерон (лат. Marcus Tullius Cicero, 3 јануари, 106 год. пр.н.е. –7 декември, 43 год. пр.н.е.), бил еден од најпознатите и најистакнатите римски говорници, а се занимавал и со пишување на говорнички и философски текстови.

Прекарот „Кикерон“ го добива од латинската именка „cicer“, во превод наут или леблебија, поради засекот што го имал на неговиот нос. Имено, неговите предци имале карактеристичен засек на носот како што го има мозолчето на леблебијата, како што ни пренесува историчарот Плутарх. Но, поголема е веројатноста прекарот да води потекло од продажбата на овие мешункасти плодови, кои биле трговско занимање на неговото семејство. Кикерон не сакал да го менува прекарот кога влегол во политичкиот живот на Рим сметајќи дека истиот поскоро ќе му донесе слава одошто потсмев.

Според Плутарх, Кикерон бил одличен ученик, неговите постигнувања во областа на образованието бргу се расчуле низ целиот град Рим. Тој ја љубел поезијата, не заостанувајќи во другите општествени дисциплини.

Toj бил воодушевен од хеленската култура, така што неговата последна желба била да биде погребан во Хелада. Ги почитувал и читал старите хеленски философи од времето на Платон и творел во духот на хеленската философска мисла.


Толковник на непознати поими и изрази:

Демос (стгрч. δῆμος) – селани, занаетчии и трговци кои го сочинувале сиромашниот слој во Атина.

Еупатриди (стгрч. εὐπατρίδες) – тие се аристократи, владеачки семејства, од угледни татковци кои живееле далеку во минатото. Се верувало дека нивниот род води потекло од хеленските богови.

Логографи – писатели на говорнички текстови.

Реторика (стгрч. ῥητορικὴ τέχνη) – е збир од правила за држење на убав говор, односно со каков говор најдобро ќе се придобие слушателот и ќе се убеди во нешто. Кога оној што ја изучува реториката ќе почне да држи јавни говори се вели дека се занимава со говорништво, ги научил правилата на убаво и убедливо говорење.

Сеисахтеја
(стгрч. σείω = тресам и ἀχθός = товар) - биле збир од законски радикални мерки со кои се укинале сите долгови, должниците биле ослободени од должничкото ропство, земјата била конфискувана, така што личната слобода повеќе не можела да биде врзана под синџирот на долгот. Овие законски реформи биле уведени од страна на Солон и во 594 год. стапиле на сила во Атина. Солон стекнал исклучителна моќ и граѓанска доверба за да ги направи овие стопански промени.

Книжевни извори:

1. В. Димовска-Јањатова, В. Томовска, Класичната култура во европската цивилизација, Графички Центар ДООЕЛ, Скопје, 2010
2. Quintilianus, Institutiones, XII, 9

Електронски извори:
1. http://myancientworld.tumblr.com/post/8136818167/the-age-of-pericles-by-philipp-von-foltz-1853
2. http://www.cordula.ws/authors/cicero.html

No comments:

Post a Comment