ВКУПЕН БРОЈ НА ПРЕГЛЕДИ

Прва тема - Класични јазици и историја на писменоста

Добре дојде!

Почнувајќи од оваа тема, можеш да ги разгледуваш или презентираш на наставен час дигиталните содржини кои ги изготвив за визуелно-впечатливо доживување на конкретните цели зацртани од Наставната програма по Класична култура. Концептот на учечко-поучувачкиот приод во дигиталните содржини е замислен според насоките на современата методологија и според потребите за настава во современиот XXI век.

Класична култура, врз основа на типолошка поделба на наставни предмети од Наставниот план за новоконцепциско основно образование, спаѓа во категорија на слободен изборен предмет. За овој наставен предмет, кој претходно фигурираше како изборен-задолжителен, блог-порталот на кој тековно се наоѓаш располага со богат корпус на отворени образовни ресурси чијашто база на разнообразни содржини им служеше и сè уште им служи на наставниците и на учениците за остварување на целите во и надвор од редовниот воспитно-образовен процес.

Наставата по Класична култура е посебна не само во поглед на содржините, туку и во поглед на стручната подготовка којашто треба да ја поседуваат реализаторите, како и во поглед на нивната педагошка способност да инспирираат млади поколенија за да им го насочат вниманието кон многубројните придобивки кои би ги стекнале од запознавањето со оваа наука. Од ова не треба да заклучиш дека изведувањето на настава по предметот би било предизвикувачко и сложено за тебе, или можеби дека би било несовладливо за младиот читател и слушател, напротив, заклучокот води кон просто-проширен одговор дека посебноста се врзува за интегративниот пристап кон древната култура на Хелените и Римјаните и дека бара умешност од наставникот таквата култура да им се приближи на млади личности од 11-12 години.

Со цел презентирањето на содржините да ти биде лесно, делотворно и интегративно, се потрудив, на начин каков што умеам и знам, врз основа на моето долгогодишното искуство во образованието, на дијапазонот на идеи и на творечките способности со кои располагам, на посветеноста и на љубовта кон класичната наука, а со посебно задоволство на внатрешната мотивација да вршам трансфер на знаења врз оние коишто трепетат пред гладта за нив или неочекувано се поттикнати од методологијата преку која се пренесуваат.

Пред да ти дадам напатствие за ракување со дигиталните содржини, би сакал уште нешто да потенцирам и појаснам во продолжение.

Со скратувањето на фондот на часови по предметот Класична култура, којшто со воведување на новиот концепт се преполови од 72 на 36 часа, во Наставната програма под мое авторство иззедов некои теми од старата Наставна програма по Класичната култура во европската цивилизација, кои првично беа шест, затоа што сметав дека за 36 часа не само што е невозможно да се опфатат сите области од развојот на древната култура, туку и дека е неблагодарно да се претрчуваат со оскудни сознанија и со тесен избор на работилници во распон од неколку часа по тематска целина, не земајќи ги предвид часовите за повторување, утврдување и проверка на стекнатите знаења и вештини. Слободниот изборен предмет се следи едно полугодие, прво или второ. Темите кои ги иззедов од вообичаениот редослед се следниве: III тема Митологија и верувања, изземен е сегментот верувања, но не и митологија, IV тема Секојдневие и приватен живот и VI тема Античко наследство во Македонија.

Не се водев од лично убедување дека овие теми се помалку важни во однос на останатите предвидени од новата Наставна програма по Класична култура, секоја област е еднакво значајна за изучување ако се прашувам самиот себеси. Логиката за избор на одредени области врз основа на којашто се потпирав беа конкретно плодовите од материјалните и духовните добра на древните Хелени и Римјани кои непосредно се огледуваат во нивните јазици, писменоста, книжевноста, митолошката граѓа, градежните и уметничките дострели.

Четирите тематски целини опфатени по новата Наставна програма се следниве:

I. Класични јазици и историја на писменоста (8 часа);
II. Класична книжевност (8 часа);
III. Класична митологија (10 часа);
IV. Класична архитектура и уметност (10 часа).

Тематските содржини можеш да ги преземеш на следната врска, притисни тука.

Имај предвид дека некои од поставените дигитални содржини ќе бидат од изземените области кои не се предвидени по Наставната програма во мое авторство. За тоа постојат две причини:

Првата причина се наставните програми објавени од Бирото за развој на образованието од други автори кои ги предвиделе тие области за реализација. Несомнено, ако наставните планови ги изготвуваш врз некоја од нив, пожелно е да имаш корпус на кој ќе се повикаш, којшто Mythos го нуди безрезервно.

Втората причина се сеопфатноста и достапноста до отворени образовни ресурси кои, повторно, Mythos претходно ги има обработено и ги нуди за наставникот и за ученикот. 

Секако, на наставникот му е дадена слободата за изразување на личната креативност во изнаоѓање на нови, свежи и попривлечни идеи од оние што ги нуди Mythos, а богатството се состои токму во споделување и размената на идеите. Образовните корпуси треба да бидат достапни за секого во секое време преку системите за електронска комуникација.

Ми се чини дека секој прилог во образованието преку Mythos е дополнителен прилог кон класичната наука. Те охрабрувам, доколку си ентусијастичен наставник и сметаш дека можеш да придонесуваш со свежи идеи, твоите прилози да ги објавуваш на сопствен домејн како образовен портал или, пак, ако немаш креирано, добредојден си соработката да ја оствариш со мене на Mythos. Се разбира, креативниот труд ќе биде означен како твое авторско дело.

Напатствие:

Сите делови од содржините се движат со ползување на долниот алатник. Притискајќи на стрелката надесно напредуваш во слајдовите или ги додаваш деловите од слајдот, додека притискајќи на стрелката налево се враќаш во прегледаните слајдови или ги одземаш деловите од слајдот.

Ако притиснеш на копчето во облик на квадрат со испрекинати линии, го увеличуваш размерот на дигиталната содржина.

По желба, врската до дигиталната содржина можеш да ја споделиш некому за да му покажеш што учиш и нему да му го олесниш изучувањето на Класичната култура. Можеш дигиталната содржина да ја споделиш и на некоја друштвена мрежа (Фејсбук, Екс...), така што со твојата препорака ми помагаш во промовирање на блог-порталот Mythos и на класичната култура. Копчето за споделување се наоѓа на десната страна на алатникот, обележано со црвена стрелка, а изборниот назив за споделување е напишан на англиски јазик Share, обоен во жолт обележувач.

Содржините ти се бесплатни за употреба, така што секоја добра намера да го препорачаш Mythos како отворен образовен ресурс е скапоцен прилог кон класичната наука. Ја имаш мојата неизмерна благодарност!

ПРЕПОРАКА ОД АВТОРОТ:

Ако твојот прелистувач не го прикажува изворниот македонскиот фонт SkolaSansCnOffc на кој се изготвени презентациите вчитувајќи некој друг системски фонт како замена, тогаш задолжително ти препорачувам да ги преземеш и инсталираш четирите формати на твојот компјутер за да избегнеш изместувања од рамки и погрешна големина кои се јавуваат како последица на вчитан системски фонт.

Фонтот SkolaSansCnOffc е авторски во сопственост на македонскиот типограф Ласко Џуроски. Преземи ги сите четири формати за инсталирање.

Редовен: SkolaSansCnOffc-Regular

Редовен-накосен: SkolaSansCnOffc-RegularItalic

Задебелен: SkolaSansCnOffc-Bold

Задебелен-накосен: SkolaSansCnOffc-BoldItalic

Неколку првични содржини се изготвени во фонтот SkolaSerifCnOffc. Преземи ја спакуваната zip-датотека на следната врска SkolaSerifCnOffc, отпакувај ги сите четири формати и инсталирај ги на твојот компјутер.

Откако ќе заврши целиот процес на инсталирање, престартувај го прелистувачот за да провериш дали се вчитува новиот фонт во дигиталните содржини или, ако нема промена во форматот на фонтот, престартувај го системот.

КЛАСИЧНИ ЈАЗИЦИ И ИСТОРИЈА НА ПИСМЕНОСТА

1. Поделба на светските јазици во групи и семејства (преземи PDF датотека)


2. Класични јазици - старогрчки и латински (преземи PDF датотека)


3. Писма (преземи PDF датотека)


4. Писменост (преземи PDF датотека)


5. Грцизми, латинизми и интернационализми (преземи PDF датотека)


6. Латински поговорки, фрази и цитати (преземи PDF датотека)

No comments:

Post a Comment