ВКУПЕН БРОЈ НА ПРЕГЛЕДИ

04 February, 2015

Богот Дионис и неговиот култ во античка Хелада

Тој е бог на гроздоберот, производството на виното, веселбата и радосниот занес. Хелените го познавале, пред сè, како Дионис (ст.грч. Διόνυσος), а бил познат и под имињата епитети: Јакхо, Ѕагреј, Елефтериј, Сабаѕиј, Лиај и многу други. Во римската митологија го носи името Бакхо.

На оваа црвенофигурална ваза е претставен едноставен опис на богот Дионис. Облечен во долг набран машки хитон, овенчан со лозово венче, со пуштена долгонавеста црна брада и коса во кадрави плетеници, тој заносно танцува во свој ритам. Во десната рака држи рог за пиење на вино, додека во левата држи симболичен жезол наречен „тирс“ кој на врвот има протната шишарка.

Дионис со неговиот тијас. Тијасот е дружината на Дионис кои го следеле насекаде каде што тој се појавувал. Во тијасот учествувале жените Мајнади (едната лево, другата десно од Дионис) и сатирите, двата мажи десно и лево од Мајнадите. Сатирите, според верувањата на старите Хелени, биле шумски духови кои имале карактеристичен изглед. На оваа ваза се насликани вистински мажи кои го имитирале изгледот на сатирите со коњска опашка, јаречко лице и долга брада. Дионис е претставен седнат на почесен престол со кантар во раката полна со вино од која истекува виновата лоза. Вазата е атички црнофигурален кратер-псиктер. Изработен е околу 525 год. пр.н.е., широк 36.2 см, во дијаметар 40.5 см. На вазата е потпишан некој вазен сликар по име Антимен. Денес вазата се чува во музејот Лувр во Париз (Франција).

МИТОТ ЗА РАЃАЊЕТО НА ДИОНИС

Хелените особено му се восхитувале на митот за неговото раѓање, кое било чудесно според преданието. Ќерката на Кадмо, Семела, била неговата мајка, смртничка од човечкиот род, за разлика од таткото на Дионис, кој бил Ѕевс, семоќниот бог и врховниот управител на Олимп. Сопругата на Ѕевс, Хера, дознавајќи за оваа прељуба, се престорила во бабица и се здружила со Семела. Ја наговорила дека таткото на детето што го носи е богот Ѕевс и дека треба да го повика да се појави во сето обличје. Една вечер во нејзината куќа таа го повикала Ѕевс за да потврди дека е таткото на детето. Тој ја молел да се откаже од оваа намера, но бидејќи била упорна ѝ се појавил во вистинскиот божески лик. Ова било смртоносно за Семела, затоа што секој оној што ќе го види Ѕевс со сопствените очи, умира горејќи од пламенот што сјае и сија од неговото божествено тело. Додека ѝ горело телото од пламенот, Ѕевс го извадил недораснатиот Дионис од нејзината утроба и го сместил во неговото бедро, го зашил и затворил процепот, со цел да го спаси неродениот син. Потоа заминал на една планина и неколку месеци подоцна го родил, а потоа го предал на стариот сатир Папосилен и на шумските нимфи Ниси да го израснат и одгледаат во детството. Заради оваа добродетел, Нисите ги наградил воздигнувајќи ги и овекувајќи ги меѓу ѕвездите како Хејади.

На црвенофигуралната ваза (фотографија десно) Дионис е централен лик. Новороденчето излегува од бедрото на богот Ѕевс. Тој е претставен како бебенце кое носи венче од лозови лисја, ги пружа неговите раце за да биде земен во прегратки од страна на божицата која го помага пораѓањето. Ѕевс е наслонет на некој рид, го придржува царскиот жезол околу левата рака. Зад него стои богот Аполон, над него шумскиот бог Пан, а оној што одоздола набљудува нагоре е богот Хермес, кој очекува Дионис да се роди за да го прими и однесе на згрижување и чување кај Папосиленот и Нисијадите (шумските нимфи). Божицата ги испружила рацете за да го грабне Дионис. Се претпоставува дека божицата до Ѕевс е Хера, неговата сопруга, поради царскиот жезол што го таа го носи и дијадемата на нејзината глава. Таа сакала да го грабне бебето, бидејќи тоа е зачнато од љубовницата на Ѕевс, тебанската принцеза Семела.

Вид на ваза: килик (чинија) насликан во црнофигурален стил. Висината на киликот е 13.6 см во дијаметар од 30.5 см. Период: Насликана околу 540 год. пр. н.е. од страна на Ексекијас Тема: Богот Дионис држи кантар со вино во рака, прилегнат во пиратски кораб, додека едрото на бродот е целосно обраснато со винова лоза. Покрај коработ пливаат делфини. Делфините се преобразени пирати кои сакале да го опљачкаат Дионис кога влегол во коработ да патува. Откако им покажал дека е бог, претворајќи се во силен лав и рикајќи громогласно, пиратите се вџашиле и рипнале во морето да се спасат. Дионис ги престорил во делфини како казна. Оваа сцена е опишана во Химната за Дионис од поетот Хомер (стихови 35-53). Вазата се чува во Државната уметничка збирка на антиквитети (Staatliche Antikensammlungen) во Минхен, Германија.

ПАТЕШЕСТВИЈАТА НА ДИОНИС

Папосилен и малиот Дионис. Според митот за
раѓањето на Дионис, откако богот Ѕевс успеал да
го сокрие од гневот на Хера, тој им го предал на
нимфите Ниси да го одгледаат во детството. Исто
така, побарал и Папосиленот да се грижи за него
сè до неговото созревање.
Скулптурата е римска копија на загубен хеленски
оригинал. Изработена е од мермер и се смета
дека изворно ја извајал вајарот Лисип околу
310-300 год. пр. н.е. Денес се чува во Рим, во
Ватиканските музеи.
По созревањето, Дионис го открил одгледувањето на виновата лоза, а потоа и цедењето на драгоцениот сок од гроздовите зрна во вино, но љубоморната Хера го погодила со лудило и бес што го натерало да скита низ далечни земји во Стариот свет. Во Фригија, божицата Кибела го излекувала, го научила на свети обреди, а потоа тој заминал на далечен пат во Азија дури до Индија со цел да ги научи народите како да го одгледуваат грозјето и да произведуваат од него вино. По неговите макотрпни патешествија, се вратил назад во Хелада и ги повикувал луѓето да го обожуваат и да го следат. Некои хеленски кралеви не биле задоволни од намерата на Дионис да се постави меѓу боговите на Олимп, сметајќи дека кај младите може да создаде нескротливо лудило преку неговите учења за безгрижно живеење. Меѓутоа, покрај отпорот, Дионис постепено навлегува во животот на Хелените и го добива почесното место на олимпски бог.

ТИЈАСОТ НА ДИОНИС

Дионис е облечен во кожна носија од леопард, во едната рака држи кантар (античка чаша со големи рачки), рог или киликс (чинија со грозје), а во другата тирс, односно жезол кој на врвот имал поставена шишарка. Според преданието, тој живее во шумските лагови придружуван од страна на мистични суштества, Сатирите, Силенот и Мајнадите кои се неговиот тијас (дружина). За разлика од Дионис, тие имале смртна природа и биле во облик на луѓе со животински карактеристики. Сатирите имале изразено и озарено лице со мали рокчиња или увиени јаречки рогови, зашилени уши, коњска опашка и во некои случаи, наместо стапала, козји копита. Силенот е старец, водач на Сатирите, а Мајнадите се жени кои низ шумата испуштале гласни крици и се хранеле со свежо животинско месо.


Крунисувањето на Дионис
Дел од големиот мозаик од Тиздар, Тунис (Северна Африка).  На него се претставени крунисувањето на Дионис (лево), два сатири и една Мајнада кои на раце го придржуваат опијанетиот Силен. Силенот е старец и мудрец, предводник на сатирите и посветен следбеник на Дионис. Тие го носат да го прикачат на грбот на магарето кое рика. Фотографијата е во сопственост на Dennis Jarvis.

Театарот на Дионис „Одејон“ во Атина
Во стара Атина го нарекувале тетар на Дионис Елевтериј, бил еден од отворените и најстарите театри во Хелада. За време на Дионисиите во него се одржувале драмски натпревари. Хеленските театри биле подигани во широки димензии, особено водејќи сметка за акустичните својства, односно како треба да се изгради за да звукот на глумците и хорот одекнува до последните редови во гледалиштето каде што публиката ги следи претставите. Според сознанијата од древните писатели, овој театар собирал публика од 17.000 гледачи. Материјалните наоди во близината на театарот денес се дел од збирката на предмети и артефакти во музејот Акрополис кој е изграден во близина на тетарот, а се забележува и на фотографијата.

КУЛТОТ НА ДИОНИС

Култот што Хелените го создале и развивале спрема овој бог се состои од одгледувањето на грозјето, гроздоберот и производството на виното. На виното најчесто додавале и други состојки како мед, пчелин восок и разни зачини со цел да го зголемат вкусот и лековитото дејство. Од билките бил додаван отровниот бршлен, фикусот и шишарката што предизвикувале пијаност и заносни движења. Неговиот култ се празнувал за време на Големите и Малите Дионисии, но и на Ленаите. Празниците се одржувале за време на зимските месеци декември, јануари и кон крајот на мај, како навестување на пролетта, односно според Хелените, тогаш кога Дионис воскреснува, што се поврзува со неговото двојно раѓање од Семела и Ѕевс, но и со источните верувања во отелотворение (воскреснување по смртта, реинкарнација).

За време на празниците, луѓето се движеле во поворки од различен вид, му пееле дитирамби, посебни обредни песни во чест на овој бог, а потоа уживале во дејството на виното и занeсно танцувале. Исто така, во Атина, во театарот на Дионис (познат како Одејон), се одржувале организирани драмски натпревари. Дента се изведувале три драмски исполнувања, односно тројцата трагедиографи требале да изведат три трагедии и една сатирска игра пред публиката. Пред започнувањето на трагедијата, во орхестрата од театарот, каде што е жртвеникот, му се принесувала жртва на Дионис, коза или јарец, бидејќи драмската уметност тогаш била неодвоива од верските елементи. Победникот добивал ловоров венец и станувал мошне славен во неговото родно место и ширум Хелада.

No comments:

Post a Comment