Нов прилагоден учебник по Класична култура

Овој учебник претставува монохроматска компилација од дигиталните содржини распоредени по теми кои се обработуваат од Наставната програма по Класична култура. Тој е незваничен, изработен по лична иницијатива со љубов и внимание од авторот за неговите ученици, но и за наставниците кои се соочуваат со недостиг од технички средства какви што се СМАРТ-таблата, компјутерот и останатата компјутерска галантерија и со тоа целосно лишени од можноста квалитетно и делотворно да им ја доближат природата и значењето на слободниот изборен предмет. Економичниот монохроматски дизајн е намерен за да се заштедат печатарско мастило и парични средства и, главната причина, за да се стави фокус на она што треба да се учи, разбере, забележи, дискутира и одработи.

Со оглед на тоа што Наставната програма по Класична култура е објавена од Бирото за развој на образованието и земајќи ги предвид содржините и работните материјали кои во Наставната програма се поврзуваат со ресурсите на овој блог-портал, сметам дека ова помагало може да им биде од полза на учениците за брз пристап до материјата која се обработува, така што рефлексијата од учењето би требало да им биде поизразена, попродуктивна и поинспиративна одошто во случаи кога не постои никакво помагало.

Стручното лице советник Ирена Борисовска од Секторот за развој на воспитно-образовниот систем и развој на стандарди, наставни планови и програми во рамки на Бирото за развој на образованието од Скопје го има разгледано Барањето со број 03-673/1 од 27.11.2024 година од ООУ „11 Октомври“ - Куманово поврзано со давањето на стручното мислење за примена на овој учебник и го има дадено следното стручно мислење во Одговорот заведен со бр. 08-1408/1 од 29.11.2024 година:


Се заклучува општо дека за слободните изборни предмети наставникот има слобода да избира и лично да изготвува наставен материјал соодветен на тематиката и во согласност со потребите на учениците за ефективно реализирање на наставата и дека БРО не треба да дава мислење.

Секој наставник донесува лично решение за употреба на овој учебник како неопходност за учениците. Наставникот или образовната установа го печати учебникот во форматот во кој е изработен и може да го употребува во последователните учебни години за сите ученици кои го избрале слободниот изборен предмет Класична култура.

Врз основа на Одговорот на Барањето од БРО напоменувам дека:
- авторот го употребува називот „учебник“ со намера да посочи дека предвидените содржини се составени во целовита книга која продолжително ќе им служи како извор на податоци во тек на првото или второто полугодие;

- авторот не го употребува називот „учебник“ во званична смисла која подлежи на правни регулативи, затоа што за слободните изборни предмети не е предвидена употреба на званично учебникарско помагало;

- авторот не го употребува називот „автор“ во правна смисла која подлежи на правни регулативи, затоа што авторскиот влог ги содржи во најголем обем личните сознанија врз основа на неговата стручна подготовка, неговите способности и ИКТ вештини, во помал, меѓутоа, не помалку значителен, обем - влогот од авторите на претходниот званичен учебник по Класичната култура во европската цивилизација, кој е вон употреба, и илустративните елементи од базенот на Creative Commons и од други електронски извори на интернет;

- авторот не презема одговорност за примена на учебникот во образовни цели за тоа каков исход ќе предизвикаат содржините кои се изучуваат, без оглед на тоа што во сопствената пракса не забележал историја на негативни психолошки реакции и состојби кај учениците;

- учебникот е изработен по сопствена иницијатива за да ги задоволи потребите на наставниците и учениците во услови во кои нема или не е предвидено никакво помагало;

- учебникот сè уште не поминал некаков конкурс за учебници објавен од Педагошката служба на Бирото за развој на образованието во соработка со Центарот за стручно образование и обука (чл. 12, ст. 1-2 од Законот за учебници за основно и средно образование), иако е изготвен врз основа на Наставната програма по Класична култура од ист автор, освен одговорот на советникот Ирена Борисовска од Секторот за развој на воспитно-образовниот систем и развој на стандарди, наставни планови и програми наведен во горниот дел од страницата;

- неговата употреба во воспитно-образовната работа е лично решение на наставникот во соработка со училиштето, што значи дека одговорноста ја сносат тој и училиштето, односно правниот субјект, а не авторот;

- авторот не инсистира, ниту на кој и да е друг начин не наметнува задолжителна обврска и не го претпоставува учебникот како неопходност и исклучивост во однос на другите материјали кои ги изготвуваат наставниците, тој нема ингеренции и не е привилегиран да одлучува по тоа прашање.

За повеќе информации отвори ја следната врска на тема Што треба да знаеш пред да ги употребуваш материјалите на блогот MythosMK?.

Притисни на сликата за преземање на учебникот!

No comments:

Post a Comment