Шепотот на една божица

Стои на висок постамент во музејот Лувр во Париз, донесена од далечниот остров Самотрака во Егејското Море.

Ника (стгрч. Νίκη - победа), олицетворение на жена богинка која секогаш носи победа, гордо исправено и ревносно исчекорена напред, не се предава.

Ќерка е на титанот Палант (стгрч. Πάλλας - устремител на оружје) и на подземната река Стига (стгрч. Στύξ - омраза). Старите Римјани ја нарекувале Викторија (лат. Victoria - победа). Во уметноста на старите Хелени била прикажувана како придружничка на богот Ѕевс, на богот Ареј и на божицата Атена, кои поради нивната воинствена природа биле тесно поврзувани со победите и освојувањата. Ника ги овенчувала со ловоров венец победниците на атлетските, поетските и драмските натпревари.

Со Ѕевс учествувала во титаномахијата (борбата со титаните), помогната од татко ѝ Палант и дедото Океан. Го поддржала Ѕевса во симнувањето на татка му Крон од претстолот. Откако Ѕевс го зазел местото на татко му и станал врховен олимпски бог, Ника ја востоличил како божица придружничка во пантеонскиот небесен совет. Оттогаш, таа им помагала на сите што биле смели, ревносни, со натпреварувачки дух, сеедно дали се тоа боговите или луѓето.

Според хеленскиот патеписец Павсанија, божицата Атена го носела епитетот Ника со што била поистоветена со нејзините атрибути. Скулптурата на Ника на ридот Акропол била без крилја, затоа што атинскиот вајар не сакал „победата“ да одлета подалеку и да ги остави Атињаните на немилост на непријателите.

Иако на Ника ѝ недостасуваат рацете и главата, таа уште предизвикува восхит. Откриена е на 15-ти април во 1863 година од францускиот намесник во Адријанопол (денешен Одрин, Турција) Шарл Шампуазо (франц. Charles Champoiseau). Поточно, со дозвола на тогашниот султан, вршел археолошки ископувања во Самотрака. Еден грчки копач ја открил и извикал кон Шарл: „Господине, открив жена!“. Скулптурата била во фрагменти распослани околу Светилиштето на големите богови. Фрагментите, односно парчињата коишта биле разградени од фигурата, се нормална појава, затоа што во антиката вајарите првично ги работеле фрагментите, а потоа ги спојувале во целина со извесни доработки. Иако не е познат авторот на оваа хеленистичка скулптура, постои претпоставка дека е некој вајар од училиштето на Праксител или на Лисип, а можно е авторот да бил вајарот Евтихид.

По откритието, намесникот побарал од султанот дозвола да ја пренесе фрагментираната скулптура во Франција за реставрација. Била пренесена преку поморски воен кораб и на 11-ти мај 1864 година Ника пристигнала во дворецот Лувр. За време на преносот таа била оштетена, меѓутоа, сепак реставраторите успеале да ја вратат „во форма“. Ја изложиле како експонат без прамецот на кој била изработена во хеленизмот. Подоцна, еден австриски археолог при испитувањата на ос. Самотрака забележал дека деловите кои Шарл сметал дека не се базата на која била поставена скулптурата, всушност, биле изоставениот прамец на коработ. Откако бил испратен за Франција, Ника конечно застанала врз него во сиот сјај каква што била некогаш во минатото.

Скулптурата била нарачана од Родјаните во II век пр. н.е. со цел изразување на благодарност до олимпските богови за успешно совладаната поморска битка.

Ника е така претставена, летајќи се спушта на прамецот на коработ, раскрилена и видлива оддалеку. Нејзината улога била да ја прогласи победата громогласно, со десната рака испружена напред во која веројатно држела ловоров венец, а која пак, за жал, е неповратно загубена.

По големината е монументална, 3.28 метри, изработена од чист пароски мермер, за разлика од прамецот кој е изработен од сив родоски мермер. 

Анализите од 2014-тата година укажуваат дека Ника била делумно бојадисана.

Иако во 1999-та година граѓаните на ос. Самотрака испратиле апел до владата на Република Грција за репатријација на скулптурата на нејзиното изворно место, потфатот поминал неуспешно. Грчката влада во 2013-тата година испратила повторно барање до Франција за дозвола за репатријација, меѓутоа, одговорот бил одречен.

Кога ја гледам Ника како радосно и свечено стапнала на прамецот на победата, истовремено се раѓа чувството дека таа сака слободно да полета, раскрилена со тие испружени и нежни перја кои ги пече силното егејско сонце. Кога ќе го погледнам пеплосот, тој фин женски фустан, како се протега од рамениците паѓајќи во издаденоста на бујните гради, стегнат со ремен над половината, се лелее на ветрот во набори толку јасно, живописно, реалистично претставени, со една нога напред во победа, околу којашто надколеница тие набори густо се превиткуваат отсликувајќи една живост, ведрина, непокор на човечката снага да ја земе во прегратка иднината и слободата во свои раце и да одлета во небесата.

Толку е симболична и мистична Ника, така што не се доволни зборови да го опишат полетот низ кој таа молскавично одблеснува и повикува на победа и слава, а ги надминува сите временски бариери, вечно шепотејќи ни дека борбата за слобода е единствениот призрак кон светлината.


No comments:

Post a Comment