Месечарот

Доаѓа миризливо утро, се буди сино небо распослано со бели долгонавести облачиња, колку е магична таа глетка! Небесен сообраќај со бели соколи, грабливци, пловат како кајаци право кон изгревот на Сонцето.

Месечарот едвај ги отвора капаците да погледне низ прозорецот, се напрега да види појасно, но, слаткиот сон набргу го голта. Му почнува ритуалот: го вари утринското кафе барем малку да го расони, ги погледнува стрелките на часовникот, му преостанува уште некое време за да тргне на работа.

Го вклучува ТВ приемникот, има потреба од вести на денот. Потонат во перничето на фотелјата и зјапајќи во волшебната кутија почнува да прима дози на примамливи и страшни приказни кои му го запишуваат сценариото за денешната агенда. За доброто на сите, велат чуварите, треба да се наметне долг шал околу вратот и колку што може силно да се стега, зашто паѓаат невидливи снегулки од облачињата, имаат остри трнки и боцкаат таму каде што е меко, а убодот од замрзнатото шилче може да предизвика гушење.

За таа цел, месечарот носи посебен шал од шафран, сплетен во силиконски влакна со блескави рабови кои оддаваат впечаток на нешто отмено. Пред прагот на влезната врата, го вкрстува шалот и го стега до гркланот, поткашлува за миг, речиси мачно вдишува и зачекорува по патеката.

Врви по патеката и со полуотворени очи гледа пред себе месечари со стегнати шалови, стискаат и брзаат, кој лево, кој десно, па го вперува погледот кон небото прашувајќи се како тој невидлив непријател не му ги боде очите и усните, туку само мекиот епител на вратот. За миг се премислува и си вели во себе дека напразно се труди да одговори на прашањето, чуварите разбираат што е добро за него и околината.

Во светот на месечарот постои идеја која е вградена длабоку во свеста секогаш потсетувајќи го дека животот е најубав кога се слуша некој друг попаметен од него, дека спиењето е цел кон која треба да се стреми, дека е погубно целосното отворање на очните капаци зашто окото ја губи моќта на спознавањето штом вџашеното око ќе почне да гледа и да се чуди. Умот треба да спие, зашто ако се разбуди, тоа ќе му ја наруши здравствената состојба на месечарот, ќе почне да се тресе и да добива удари. Волшебната кутија дома знае што е најдобро за него, особено кога се врши далечинска медитација со трубата. Седиш и слушаш како труби со ниски и високи тонови и тогаш добиваш просветлување и си на вистинскиот пат, си ја спознал единствената можна вистина. Ако не се вклучиш во симфонијата на трубата, си забегал, постои такво мнение.

Движејќи се по патот здогледува толпа изгладнети луѓе со набрчкани веѓи и широко отворени усти кои громогласно му извикуваат, меѓутоа, тој некако не ги слуша добро, а и не може да ги разјасни тие бурни изрази на лицата. Ја крева главата горе и ги наѕира нивните кренати раце кои мавтаат со шалови и разголени вратови. Истиот миг сфаќа дека тие се изложени и дека наскоро ќе им се случи нешто непријатно, ја подотвора устата и почнува грубо да труби кон нив колку што му дозволуваат стегнатите гласни жици. Тоа е оној ист ритам на трубата, која како да осцилира низ нотната скала.

Си заминува и продолжува кон работното место раководител во Друштвото на угледни месечари. На влезот го исправува челото пред портирот и ја покажува полумесечината. Полумесечината на челото е доказ дека е достоен спијач заштитен од невидливиот непријател и може слободно да се упати на работното место. Низ просториите има праволиниска врвулица од негови соработници кои праќаат изнасилени насмевки со стегнати вратови и се слушаат звуците на трубата, де лево, де десно.

Застанува на чело на собирот и почнува со ниски тонови да труби, додека другите мавтаат со главите напред назад и 'рчат во слаткото месечарење. Тој знае дека е должен интензивно да работи во интерес на целата заедница, што повеќе спијачи толку поквалитетен живот за секој поединец. Главниот шеф, пак, кој ги раководи сите мора кутриот да зјапа со отворени очи и со издигнати уши да слуша сè, тој најмногу трпи, но, знае дека за чуварите на врвот е мошне важна состојбата на сонување кое треба да се следи додека поворката од месечари чекор по чекор мавтаат со главите напред назад, силно ги стегаат шаловите и само 'рчат, зашто воздухот од грлото не може струјно да излегува.

Тој иднината ја гледа во спасоносниот сон во кој еден сончев ден целосно ќе потоне и така угледно ќе го заврши животот каков што будните чувари го замислиле за доброто на сите преподобни спијачи.

(од мој агол)

1.12.2020 год.

No comments:

Post a Comment