Сонот

Таков е животот. Изминува секој миг затоа што часовникот отчукува. Го носи своето бреме во минатото. Се губи, исчезнува зад хоризонтот и заминува во заборав. Како ситни и крупни камења кои се тркалаат и шумат по текот на плитка река и се влеваат во длабочината на водопадот, така и животот ги турка сите маки, неволји, страданија, болки, заедно со радоста и сјајот, во падот на заборавот. Трагите што остануваат зад нив се нашите сеќавања.

Сепак, човек сум. Не можам да се соочам со заборавот. Заборавот е мојот непријател, тој наговестува крај и исчезнување. Благодарение на сеќавањата јас - знам, тие се нераскинливо ткиво на моето битие, јасно огледало на моето лице.

Во бремето сошиено од сеќавањата се сокриени многу драги луѓе кои неповратно се загубени, некои оставени, некои заминати во вечноста.
Како да ја разберам минливоста на животот во таа двојна полнота каде што наизменично се испреплетени радоста и маката, болката и сласта, страданието и задоволството?
Каква смисла има текстурата од емоции за која секој човек е способен да испише една книга раскажувајќи за себе? Има некоја тајна во неа, неодгатлива за овој век.

Мечтаам за сплотеност, за мир, за радост, за човечност, за разбирање, за почит.
Сонувам живот без заборав, таков каде што секоја драга неповторлива личност, секој мил незаборавен настан, секое пријатно чувство нема да избледи со трепкањето на окото, туку ќе биде соединет во една неодминлива бесконечност. Тивко шепоти таа желба од моето срце барајќи ја вечноста. Веројатно длабоку во себе знам дека целта на моето постоење треба да се слее во некоја бесконечност, безвременост со надеж дека исцртаната фигура на мојата самосвест нема да биде заборавена заедно со сеќавањата, нема да пропадне далеку зад страшната бездна.

Можеби...за да не исчезне, за да не се заборави, за да не биде проголтана во длабочината на мрачното студенило на ноќта, треба да засвети како светулка.

Така е, нели? Треба да свети, треба да дава блесок, а од блесокот да извира топлина. Значи јас, но и ти, треба да се осветиме во зимската ноќ, да просветлуваме нечии срца и да ги топлиме. Тоа може да се направи со збор, со некаква постапка или со убава мисла. Лесно е.

И тогаш, во таа темница некој ќе го почувствува нашиот блесок, ќе му затреперат очите, лицето ќе му се озари, а телото затопли, па ќе почне да се топи како лед во раните мугри од сончевите зраци и ќе се раскрили како врабец од гнездо во полет кон ноќта. Нема да застане летајќи, небото ќе го преземе во своја закрила и ќе засвети како светулка заедно со мене и со тебе.

Во тоа заедништво од светулки, тивко и трпеливо, ќе се воплотиме во преубаво сонце засекогаш изгонувајќи ја страшната ноќ, а сеќавањата ќе бидат воскреснати во призракот на иднината каде што нема да постои ниту заборав, ниту исчезнување.

Мојот сон ќе го завршам со овие стихови во пресрет на новогодишната ноќ:
„Вие сте светлината на светот. Не може да се сокрие град што се наоѓа на врв планина. Ниту пак светило се пали и клава под поклоп, туку на свеќник и им свети на сите в куќи. Така треба да свети пред луѓето и вашата светлина, за да ги видат вашите добри дела и да Го прослават вашиот Отец небесен.”

(Свето евангелие според Матеј, 5:14-19)

(од мој агол)

29.12.2021 год.

No comments:

Post a Comment