Сисифов труд

 Сисиф бил син на тесалскиот крал Ајол и на неговата сопруга Ајнарета. Тој имал и брат по име Салмонеј. Неговиот татко Ајол, бил, всушност, родоначелник на хеленското племе Ајолци. Кралицата Ајнарета, покрај Салмонеј и Сисиф, родила уште многу синови и ќерки, Кретеј, Атамант, Дејон, Магнет, Периереј, Канака, Алкиона, Пејсидика, Калика и Перимеда.

Митовите ни раскажуваат дека Сисиф станал првиот владетел на Ефира, односно на градот Коринт како што подоцна го добил ова име. Тој го подигнал градот, а жителите на градот почнале чудесно да се раѓаат никнувајќи како печурките од земјата.

За жал, не бил пожелен владетел меѓу сопствениот народ. Многу бил расипан, особено лукав и подмолен. Му дале признание само за развојот на коринтската трговија и поморство.

По смртта на татко му Ајол, според законот за наследување на престолот, престолонаследникот требал да биде Сисиф. Меѓутоа, неговиот брат Салмонеј, со насилство му го зел почесното место за да биде владетел на Коринт.

Сисиф одлучил да му се одмазди. Заминал во Делфи да се советува со пророчицата Питија за тоа како да си го врати назад неговото право на владеење. Питија му го претскажала следново: „Изроди деца со ќерката на брат ти, тие деца ќе те осветат!“.

Сисиф се додворувал на Тира и убедувајќи ја дека е неговата вистинска љубов, ја зачнал и таа му родила две деца. Меѓутоа, откако дознала дека љубовта е лажна, од јад ги убила сопствените деца. Мртвите деца Сисиф ги покажал на плоштадот во Лариса и лажно го обвинил брат му Салмонеј за родосквернавење. По ова, Салмонеј бил изгонет од Коринт и на негово место како владетел стапил Сисиф.

Откако станал крал на Коринт, Сисиф не се откажал од својата лукавост и расипаност. Еден ден, од акрокоринт, тврдината во градот, го здогледал Ѕевс преобразувајќи се во орел како ја грабнал нимфата Ајгина носејќи ја на едно островче близу Атика. Тој ја вљубил Ајгина и таа му го родила Ајак, кој подоцна станал крал на тој остров. Ова што го видел Сисиф лукаво го искористил. Таткото на нимфата, Асоп, кој бил речен бог, ја барал насекаде својата ќерка. Кога го прашал Сисиф дали ја видел некаде, Сисиф му одговорил дека знае каде се наоѓа, меѓутоа, пред да му го открие местото, побарал од него една услуга. Имено, сакал од тврдината да протекува кладенец. Речниот бог Асоп го избил кладенецот и тој минувал покрај храмот на божицата Афродита, каде што биле поставени скулптури на божицата со оружје на боговите Хелиј и Ерот како стрелци. Тогаш, Сисиф му открил каде се наоѓа неговата ќерка.

Ѕевс едвај се извлекол од осветата на речниот бог Асоп, но, откако дознал дека оваа божествена тајна ја открил кралот Сисиф, му наредил на брат му Хад, бог на подземниот свет, веднаш да му го одземе животот и да го казни во вечни маки во најдлабоката точка на пеколот наречена Тартар. Хад го испратил Танат (смртта) да го грабне и да го донесе во подземниот свет. Меѓутоа, кога Танат тропнал во дворецот на кралот Сисиф, тој знаел што го чека. Сисиф му покажал синџири на Танат и го прашал дали знае како се користат. Танат за миг заборавил на неговата задача и ги испробал синџирите на себе. Сисиф го опковал и го оставил заробен во дворецот. Така, смртта била заробена и ѝ било оневозможено да одзема животи.

За тоа време никој не умирал, дури ниту оние обезглавени или искасапени без делови на телото. Ѕевс му наредил на неговиот син, богот Арес, да ги разбие синџирите на Танат. Откако го ослободил, Танат тргнал во потера по Сисиф, го нашол и го однел во подземниот свет.

Но, Сисиф бил многу лукав. Тој знаел дека кога тогаш, го чека смртта. Затоа, на неговата сопруга Меропа ѝ наредил да не го закопа неговото тело, ниту пак да се труди да изврши какви било погребни обичаи.

Откако го однеле во подземното царство на богот Хад и на божицата Персефона, Сисиф се обратил на Персефона со следните зборови: „Пушти ме да се вратам во горниот свет, да им заповедам да ме закопаат како доликува на моето тело и да им се осветам што ме запоставиле. Моето место не е тука, треба да бидам од другата страна на реката Стига. Ќе се вратам за три дена.“ Персефона го ослободила за освета и за богоугоден погреб, но, откако Сисиф се вратил во светлото на денот, веќе не размислувал да се врати назад во подземниот свет. Така, Персефона сфатила дека била измамена и дека неговата молба била злоупотребена.

Конечно, Ѕевс го пратил богот Хермес сосила да го приведе во подземниот свет и да стави крај на неговата лукавост. Поради многу прекршувања на законот судиите на подземниот свет му изрекле најголема казна. Сторил доста злодела: ги убивал и пљачкосувал минувачите и трговците кои патувале низ Коринт, со тоа прекршувајќи го законот за гостопримство, го посрамотил својот брат, ја открил тајната на богот Ѕевс. Казната за Сисиф била туркање на една тркалезен камен по рид. Овој Сисифов труд бил макотрпен, потта му течела по телото и лицето, уморот го совладувал. Туркајќи го каменот до врвот, штом го досегнал, каменот се враќал назад и се тркалал до подножјето на ридот. Сисиф се спуштал доле и пак го туркал каменот нагоре со цел да го достигне врвот и да ја прекине казната која му ја наметнале боговите. Целта била каменот да го истурка до горе и да го пушти да се истркала на другата страна. Но, ова не успеал да го совлада. Едноставно не му одело од раце.

Една друга митска приказна ни раскажува дека Сисиф имал соперник по име Автолик. Автолик бил крадец над крадците, го крадел стадото на Сисиф. Сисиф не знаел како така му исчезнуваат кравите од стадото, додека истовремено стадото на Автолик станува побројно од неговото. Сомневајќи се во кражба, ги обележал копитата на кравите со ознака „SS“. Ноќе Автолик тргнал во кражба на кравите, а дење по отисоците на копитата веќе му било јасно на Сисиф дека овој го крадел. Повикал сведоци за кражбата и кога пристигнале во шталата на Автолик, ги препознал своите крави по копитата и ги отпратил сведоците да се справат со Автолик.

Во меѓувреме, ја грабнал и силувал ќерката на Автолик, Антиклеја, која зачнала од него. Автолик веднаш ја омажил Антиклеја за Лаерт, кралот на Кефалонците и еден од Аргонауатите, за да не избие срамотилак дека била вонбрачно зачната.

Антиклеја го родила Одисеј, кој бил меѓу најлукавите луѓе во цела Хелада. Доживувањата на јунакот Одисеј се опеани во епопејата „Одисеја“ од епскиот поет Хомер.

(од мој агол како истражувач и љубител на митовите кои се архетипови во колективната свест и го концептуализираат хибрисот, нарушувањето на природниот поредок)

3.3.2020 год.

No comments:

Post a Comment