Таа животворна сила ја има само нашиот Господ Бог Исус Христос, Кој се овоплоти на земјата за да нè научи што значи да бидеш човек совршен како Создателот, да Му угодуваш на Отецот, да Му искажуваш љубов и вознесуваш молитви во разговор, да Му се заблагодаруваш и во добро и во лошо, зашто, иако не може да нè припои во телесна прегратка, нè припојува во прегратката на срцето, а тука е засолништето на нашата душа. Неговиот живот Го круниса со пролеана крв преку која нè спаси од темнината за да ни покаже дека толку нè возљубил што животот човечки го дал за нас сите, верници и неверници. Едноставно како родител кога се жртвува за своето дете и прави сè за да му го покаже патот, животот и вистината во него.
Ох, само кога би знаел човекот колку Бог е Милостив, колку може да го усреќи, душата да му ја исполни, да му помага, да го води, да го насочува, да го избавува, излекува, да му осветлува пат и да го успокојува, ништо друго не би било повредно и побесценето од сето тоа!
Тогаш, сечиј успех би бил наш успех, сечија радост би била наша радост, сечија тага би била и наша тага, сечија мака би била и наша мака. Тоа му недостасува на овој свет обременет од нечистотија, заведен од неговиот неспокоен непријател, кој не знае за грижа, не знае за помош, не знае за простување, не знае за помирување, не знае за туѓа мака, не знае за туѓа глад, жед, болести, страдања и сиромаштија.
Светот треба да поработи на себе, да погледне кон небесата и да се запраша: Каде тргнав? Го знам ли својот пат? Имам ли излез од сегашната состојба?
Овој свет не ја познава доволно Вистината, Патот не го наоѓа, а Животот воопшто не го почитува, оти нема Љубов во себе.
Вистината, Патот, Животот и Љубовта се човечки мисловни изведенки кои го симболизираат Бога.
7.2.2019 год.

No comments:
Post a Comment