Ги Ернст Дебор, францускиот философ, писател и режисер, во своето епохално дело „Општество на глетката“ месијански ги открива импликациите на мас-медиумите во престројувањето на современиот глобален свет.
Претполага, врз основа на тоа како тој ја перципирал реалноста во неговиот период, дека „сè она што непосредно [некогаш] се доживувало со сетилата е отуѓено со претстава“ (изв. Tout ce qui était directement vécu s'est éloigné dans une représentation).
Поединецот доаѓа до уверување дека неговото постоење и неговото општество се согледуваат низ призма на слики произведени и расејани од културната индустрија на таков начин со кој се заситува неговата телесна и ментална околина. Тие слики спонтано стануваат главна одредница (дефиниција) за она што само по себе го претставуваат. На пример, се поистоветуваат со фисиолошка реакција како што се „среќа“ или „задоволство“ или со општествена појава како што се „пријателство“ или „власт“. Тие слики се преобликуваат во супститути на реалноста. Низ овој, веројатно вешто планиран, а не стихиен, спонтан процес, на поединецот му е одземена, односно отуѓена способноста да ги определи условите на неговото постоење. Глетките што сетилно ги восприема, имаат таков modus operandi со што целосно му ја заменуваат, т.е. приграбуваат способноста за себеостварување.
Современото општество поимот „глетка“ (или спектакулум) го објаснува како нејзина забавна, хипнотичка природа да се акумулира, со цел поединецот и толпата да припаднат во пасивна хибернација, да бидат прости набљудувачи на сопствената атомизација или на распрскувањето од јадрото. Во темната ноќ на глетката, како што е Платоновата пештера vis-à-vis мрачната биоскопска сала, дружбените медиуми никнуваат како единствен остров на надежта, тие го зајакнуваат поединецот да го прекројува општественото ткиво и, на крајот, да ги предизвика постојните структури на моќ.
Колку и да е оптимистична силата на дружбените мрежи како контрапункт на новиот светски поредок, не можеме и не треба да го запоставиме фактот дека животот на Земјата во XXI-от век се состои во неспособноста да се избегне непреченото бомбардирање со глетки. Без разлика на околностите во кои се наоѓате, постои голема веројатност телевизијата, економско-пропагандната програма, списанието, логото или компјутерскиот екран да ви го покриваат полето на видик.
Опседнатоста на западната култура со појави, кои споени со технологија акумулираат глетки, создава тло во кое ни се нудат можности да градиме фиктивна реалност наместо непосредно да учествуваме во неа. Телевизиските канали нудат „реални прикази“ (reality shows) кои содржат интимни или опскурни стилови на живот кои се снимаат на камера за да можат набљудувачите посредно да ги консумираат надживувајќи ја својата суштина за која се создадени. Малиот екран успешно ја отвори вратата на пропагандниот политичко-економски Мефистофел, неуморен корпоративен демон чијашто цел му е да ја обликува сегашноста, навидум според потребите на поединеците, за да на крајот, за време на Валпургијската ноќ, им наплати за соработката одземајќи им ја душата (суштината).
Визуелните слики кои нè заслепуваат тежнеат да конвергираат во глетка, а глетката е форма која потполно ѝ овозможила на телеологијата на капиталот да го освои светот и да се претвори во влезница за новиот светски поредок. Маѓепсани со медиумските глетки стануваме лесен плен, така што сè исчезнува во таа спектакуларизирана реалност додека ненаситно ги голта нашите способности преиначувајќи нè во битија кои страдаат од поларна инерција. Тоа е онаа состојба во која ние повеќе не можеме да се спротивставиме, нашиот мозок се прилагодува на таа фреквенција и ние стануваме заробеници на телевизискиот екран и му веруваме на збор.
Ескапизмот и промоцијата на виртуелната дистопија се предвесници на „четвртата индустриска револуцијa“ преку трансхуманистичката агенда на елитата која воопшто не е наивна приказна. Таа работи на етничка, духовна и културолошка демонтажа, а на камшикот со кој престројува пишува damnatio memoriae.
Кога ќе се исполнат зацртаните озлогласени цели на новиот поредок, меѓу кои пандемијата е горчлива увертира, тогаш ќе се спушти завесата на античката трагедија пред гледалиштето што ние го знаеме како театар, или старите Римјаните го нарекувале spectaculum, затоа што ќе биде завршена епизодата на Аристотеловото „општествено битие“.
Светот ќе остане без луѓе и доблести. Тивко и заводливо, а подмолно и безмилосно, во блиска иднина, ќе бидат потопени во технократскиот дистописки универзум, секој нивен поттик, желба, намера, дејство ќе биде слеан во бинарниот проток на информации.
(од мој агол)
15.11.2021 год.

No comments:
Post a Comment