ВКУПЕН БРОЈ НА ПРЕГЛЕДИ

10 February, 2015

Храмот и пророчиштето на богот Аполон во Делфи

Реконструкција на храмот на богот Аполон во Делфи 
Автор: Џовани Руџеро
По пошумените падини на планината Парнас во Хелада лежат светите рушевини на Делфи, најпрочуениот и најпосетениот верски центар во антиката. Во Делфи се наоѓа познатото светилиште посветено на богот Аполон, светлоносецот, дарителот на пророчки и мистични моќи и учителот по уметнички и музички вештини.


На оваа карта се претставени светилишта во Хелада и
хеленските колонии посветени на олимпските богови.
Обиди се да го пронајдеш градот Делфи во кое се наоѓало
светилиштето на богот Аполон. На картата со жолта боја
се обележани градовите чиј заштитник им бил Аполон.

Светилиштето го сочинуваат: храмот на Аполон (денес во рушевини), пророчиштето на Аполон (кое било сместено во внатрешноста на храмот со посебна света подрумска просторија), светите води во пештерата Корикејон (каде што живееле три немејски нимфи, Корикеја, Клеодора и Мелајна, како и шумскиот бог Пан), Касталиските извори,
Рушевини од храмот на Аполон во Делфи
Толосот на Атена Нике, стадионот за тркачки натпревари, светиот пат што водел до светилиштето, театарот, ризниците, мусејонот и др. Храмот посветен на Аполон е изграден во IV век пр.Хр., но според археолошките наоди, тој лежи врз темелите на два постари храма кои претходно биле изградени во VI и VII век пр.Хр. 

Се смета дека во далечната историја ова место било посветено на Кибела (или Реја), божицата мајка, а подоцна Аполон го запоседнал каде што му бил подигнат неговиот храм. Митот раскажува дека папокот на светот и Касталиските извори ги чувала змија позната како Питон, којашто била заклана од Аполон.

Толосот на божицата Атена во Делфи
Толосот на божицата Атена (фотографија лево) во рушевини се наоѓа во непосредна близина на Аполоновиот храм. Бил изграден во 380 год. пр. н.е. од страна на архитектот Теодор од Фокида. Точно не се знае за што се користела градбата, дали за некои верски обреди или за нешто сосема друго. Атинскиот патеписец Павсанија во II-от век н.е. толосот го затекнал во рушевини, но воопшто не споменува дека бил светилиште.

Стадион за тркачки натпревари во Делфи
Според хеленската митологија, Ѕевс од двете страни на светот пуштил два орела во лет за да утврди каде е средиштето (папокот) на светот, орлите се пресретнале и разминале во Делфи, па така Делфи станал средиштето во кое секој Хелен го барал своето духовно засолниште, но и пророштвата за неизвесната иднина која му претстои.

Тркачки стадион во Делфи (фотографија лево) подигнат уште во V-от век пр. н.е. во подножјето на пл. Парнас. Богатиот атински софист и римски конзул, Херод Атик, го помогнал подигнувањето на варовничките седишта кои се зачувани до денешен ден.
 

Ризницата на Атињаните во Делфи
Ризницата на Атињаните (фотографија десно) е меѓу највпечатливите и најважните градби во Делфи. Во неа биле чувани трофеите и заветните дарови кои Атињаните му ги подариле на богот Аполон во негова чест. Ризницата била подигната во V-от век пр. н.е. за да ја симболизира превласта на демократијата врз тиранијата. Атинскиот патеписец Павсанија, пак, тврди дека градбата била подигната во чест на маратонската битка во 490 год. пр. н.е. кога Атињаните успеале да ги совладаат многубројните персиски војски и да обезбедат мир во хеленските територии. Материјалот од кој била изградена бил пароскиот мермер. Оваа ризница одвнатре била целосно украсена со релјефни скулптури и натписи на кои биле отсликани и прикажани настани со митолошка, историска и религиозна содржина.

Црвенофигурален килик (чинија) изработен
во V-от век пр. н.е. на кој е насликана сцена
со пророчицата Питија (лево) седната на
триножник каде што во левата рака држи
чинија со изворска вода, а во десната ловор.
Десно од столбот е свештеникот толкувач на
нејзините пророштва.
Хелените ширум Хелада, па и далеку во колониите, доаѓале на поклонение во Делфи за да му однесат подароци на Аполон и да побараат одговори од пророчиштето сместено во внатрешноста на храмот. Имено, задниот дел од храмот се викал адитон којшто имал подрумска просторија. На триножно столче поставено над подземен процеп седела пророчица по име Питија која пророкувала под дејство на подземните гасови и пареата што испарувале од длабочината на процепот. Во едната рака држела ловорови лисја, а во другата чинија со вода од изворот Касотис каде што го насочувала погледот. Нејзините пророштва не биле јасни и разбирливи, бидејќи под дејство на подземните гасови таа запаѓала во полусвесна состојба, а речениците  кои ги изговарала биле смисловно несврзливи. До неа стоел свештеник кој преведувал на табличка сè што слушал од Питија, а потоа пророштвото го толкувал и им го пренесувал на оние што барале одговори на поставени прашања за иднината (види долу на сликата). Според преданието, преку Питија говорел Аполон, што значи дека таа била посредник во комуникацијата на луѓето со божеството.
Омфалос. Се чува во
Археолошкиот музеј во
Делфи.
Во историјата немало само една единствена Питија, се менувале со текот на времето, но секоја од нив морала да биде чесна и посветена свештеничка на Аполон за да ја здобие оваа посебна улога која ѝ ветувала голема слава низ хеленскиот свет и пошироко.

Во храмот се наоѓал и папокот како симбол за средината на светот, а Хелените го викале омфалос. Се верувало дека папокот го симболизира не само средиштето на светот, туку и местото каде што Аполон го закопал Питон, подземната змија. Според други извори, Хелените верувале дека папокот го симболизира каменот во превивки што Реја му го дала на Крон да го голтне, мислејќи дека е Ѕевс. Денес во делфискиот археолошки музеј се чува копијата на оригиналот.

Книжевни извори:
 

1. Arthur Fairbanks, A Handbook of Greek Religion, American Book Company, 1910

Електронски извори:
 

1. http://odysseus.culture.gr/h/2/eh2530.jsp?obj_id=4927

No comments:

Post a Comment