ВКУПЕН БРОЈ НА ПРЕГЛЕДИ

Први дел: латинска фонетика

Добре дојде на страницата!


Оваа страница ги покрива содржините од почетниот степен на изучување на латинскиот јазик. Според Наставната програма по латински јазик за I година од модуларно здравствено образование, вклучително и од ветеринарната струка, предвидени се следниве модули во кои се обработуваат латинската граматика, анатомските прикази, историско-културолошките теми од древниот Рим и фармаколошкиот сегмент Рецептура:

1. Историјат на јазикот и писмото со латинска фонетика

Се запознаваш со значењето на јазикот, развојот на писмото и воведот во латинската фонетика. Првиот модул е основен, затоа што ќе научиш како да разликуваш класичен од традиционален изговор на гласови во зборовите. Традиционалниот изговор на латинските зборови во здравствената пракса е задолжителен за секое лице од медицинскиот профил и општоприфатен во светски рамки каде што се применува грко-латинската номенклатура. Покрај изговорот, ученикот се запознава и со правилата за нагласување.

Правилниот традиционален изговор и соодветното нагласување на поимите и изразите од латинско (и грчко) потекло е основна и незаобиколна обврска за ученикот, за студентот и за здравствениот работник практикант, за лекарот по општа медицина или за лекарот-специјалист во определена научна област.

Тоа што здравствениот речник се состои од грко-латински поими и изрази се должи на долговековните историски и културолошки околности на Европа и пошироко.

2. Морфологија на име и глагол

Во овој модул во кој е опфатена специјализирана медицинска номенклатура на именските и глаголските категории, ќе го изучуваш нивното спрегнување со падежни и со глаголски наставки познати како деклинации и конјугации. Покрај петте деклинации на имињата од латинско потекло, треба да ја познаваш и грчката деклинација. Латинизираните грчки поими изобилуваат во теоретско-практичната дејност на еден лекар или истражувач, и спрегнување на падежи ќе ти биде од исклучително значење за научиш соодветно да ги запишуваш, прецизно да ги преведуваш и да ги толкуваш во контекст на некаков наод, истражување, во рецепти, упати etc.

Освен дејствителните и трпните залози на глаголот (или актив и пасив) во сегашно време познато како презент, сите останати пет времиња не ти се предвидени да ги изучуваш.

Од глаголските начини, покрај исказниот (индикатив) и заповедниот (императив) во сегашно време задолжително треба да го запознаеш и можниот начин (конјунктив) во сегашно време.

Неменливите зборови, предлозите, прилозите и сврзниците, ќе ги изучуваш одделно.

Од глаголските имиња, ќе ги запознаеш партиципот, герундот и герундивот. Често се застапени во анатомијата, физиологијата и другите научни дисциплини, така што препознавањето и прецизното преведување преставуваат неопходност.

3. Медицината во Рим и рецептура

Фармацијата е неопходна гранка од здравството затоа што нуди решенија за разновидни состојби и заболувања. Оваа тематска област не е строго опфатена со граматички задачи, освен со наложувачките формулации во магистралните рецепти и синтагмите во скратениците за кои се очекува да ги разбираш во целост.

Рецептурата е една од позначајните содржини, ако не и најзначајна, за да се оспособиш за разбирање на пишаната комуникација која се одвива посредно помеѓу лекарот и аптекарот преку рецептите.

Покрај објасненијата за градење на облиците, знаењата можеш да ги обновиш и увежбуваш со редица на прашања и задачи дадени во последните слајдови на дигиталната содржина. Значаен дел од напатствијата и вежбите се извлечени од учебникот по латински јазик за I година за здравствена струка Lingua Latina Medicinalis во авторство на проф. д-р Весна Димовска-Јањатова и проф. д-р Светлана Кочовска-Стевовиќ.

Сите делови од содржините се движат со ползување на долниот алатник. Притискајќи на стрелката надесно напредуваш во слајдовите или ги додаваш деловите од слајдот, додека притискајќи на стрелката налево се враќаш во прегледаните слајдови или ги одземаш деловите од слајдот.

Ако притиснеш на копчето во облик на квадрат со испрекинати линии, го увеличуваш размерот на дигиталната содржина.

По желба, врската до дигиталната содржина можеш да ја споделиш некому за да му покажеш што учиш или да му помогнеш во олеснување на учењето или на неговите студии по латински јазик. Можеш дигиталната содржина да ја споделиш и на некоја друштвена мрежа (Фејсбук, Твитер...), така што со твојата препорака ми помагаш во промовирање на блог-порталот Mythos и на латинскиот јазик. Копчето за споделување се наоѓа на десната страна на алатникот, обележано со црвена стрелка, а изборниот назив за споделување е напишан на англиски јазик Share, обоен во жолт обележувач.

Содржините ти се бесплатни за употреба, така што секоја добра намера да го препорачаш Mythos како отворен образовен ресурс е скапоцен прилог кон класичната наука. Ја имаш мојата неизмерна благодарност!

ПРЕПОРАКА ОД АВТОРОТ:

Ако твојот прелистувач не го прикажува изворниот македонскиот фонт SkolaSansCnOffc на кој се изготвени презентациите вчитувајќи некој друг системски фонт како замена, тогаш задолжително ти препорачувам да ги преземеш и инсталираш четирите формати на твојот компјутер за да избегнеш изместувања од рамки и погрешна големина кои се јавуваат како последица на вчитан системски фонт.

Фонтот SkolaSansCnOffc е авторски во сопственост на македонскиот типограф Ласко Џуроски. Преземи ги сите четири формати за инсталирање.

Редовен: SkolaSansCnOffc-Regular

Редовен-накосен: SkolaSansCnOffc-RegularItalic

Задебелен: SkolaSansCnOffc-Bold

Задебелен-накосен: SkolaSansCnOffc-BoldItalic

Откако ќе заврши целиот процес на инсталирање, престартувај го прелистувачот за да провериш дали се вчитува новиот фонт во дигиталните содржини или, ако нема промена во форматот на фонтот, престартувај го системот.

За обработка на содржините ја консултирав стручната литература од следните автори:
1. В. Димовска, М. Бузалковска-Алексова, М. Чешларов, Е. Џукеска, Liber Latinus I, Алби, Скопје, 2003.
2. В. Димовска-Јањатова, Светлана Кочовска-Стевовиќ, Lingua Latina Medicinalis, Министерство за образование и наука на Република Северна Македонија, Скопје, 2021.
3. В. Димовска-Јањатова, Светлана Кочовска, Elementa Linguae Latinae Medicinalis, Министерство за образование и наука на Република Македонија, Скопје, 2003.

ЗНАЧЕЊЕ И ИСТОРИЈАТ НА ЛАТИНСКИОТ ЈАЗИК И НА ЛАТИНСКОТО ПИСМО. ЛАТИНСКА ФОНЕТИКА.

1. Латински јазик (преземи PDF датотека)


2. Латинско писмо (преземи PDF датотека)


3. Поделба на гласови и изговор (преземи PDF датотека)


No comments:

Post a Comment