ВКУПЕН БРОЈ НА ПРЕГЛЕДИ

25 March, 2015

За живеалиштата на Хелените и Римјаните

ШТО Е КАРАКАТЕРИСТИЧНО ЗА РИМСКАТА КУЌА ИЛИ DOMUS ROMANA? 

Карактеристично за римската куќа или стручно domus romana, како што ја викале Римјаните, е тоа што таа речиси ретко имала прозорци, но затоа имала отвор од градината и атриумот од каде што навлегувал свежиот воздух и дневната светлина. По правило, домусот немал отворено дворно место. Единствениот двор се наоѓал внатре во куќата наречен перистил. Во римската куќа не живее само римското семејството, туку и робовите со нивните семејства кои им служат на господарите на куќата. Повеќето куќи биле градени без кат, но доколку имале прв кат, тогаш на катот се ѕидале само неколку соби (кубикулуми) во помали димензии кои претежно служеле како соби за спиење. Бидејќи римските куќи биле само сопственост на богатиот римски сталеж, во нив се вмрежувале и водоводните керамички цевки преку акведуктите за дотур на вода. Само богатите Римјаните ја имале таа привилегија да поседуваат приватна бања наречена balnea за капење и рекреација.

ОД КОИ СОСТАВНИ ДЕЛОВИ Е ИЗГРАДЕНА ЕДНА ТИПИЧНА РИМСКА КУЌА?

Пресек на домус со неговите составни делови
Римската куќа се состои од следниве делови/простории: таберни (деловни простории под наем), вестибулум (ходник), атриум (претсобје), кубикулуми (собички), кулина (кујна), триклиниум (трпезарија), таблинум (работна просторија), перистилиум (внатрешен двор со градина) и екседра (дневна соба за гозби и одмор). Во пресекот на сликата десно може да се разгледа распоредот на простории во домусот.


ОПИС НА ДЕЛОВИТЕ ОД РИМСКАТА КУЌА

Целосен изглед на римската куќа. Во планот под сликата на куќата
се обележани деловите од куќата по броеви.

Јануа се главни влезни врати во куќата. Помеѓу нив се наоѓаат две продавници таберни.

Таберна e продавница, односно деловен простор којшто се изнајмувал под кирија од господарот на куќата. Најчесто  имало по две продавници меѓу влезот на куќата. Понекогаш таберната била користена и како шупа за складирање на куќни предмети. Таберните биле отворени кон улицата, а затворени за влез во куќата. На сликата иако не е прикажана нивната отвореност однадвор, таберните се наоѓале помеѓу влезот на куќата, десно и лево од вестибулумот.

1. Вестибулум е ходник низ кој се поминува при влегување во куќата. Во вестибулумот често имало насликано куче како фреско со натпис caveo canem, што значи чувај од кучето, како предупредување за непоканетите гости. Но, се среќава и ликот на Пријап, богот на плодноста, за кого се верувало дека ја заштитува стоката и овошните градини од наездата на крадците и злонамерниците.

2. Атриум претставува централен дел од куќата, таму каде што некогаш било домашното огниште. Подоцна овој простор се преобразува во претсобје. Во средиштето се наоѓа плиток базен наречен имплувиум (број 3), таму каде што се собирала дождовницата, бидејќи над базенот имало кровен отвор (комплувиум). Во атриумот се наоѓал и ларариум, мал олтар посветен на куќните божества (lares familiares).

4. Кубикулум е собичка наменета за спиење на господарите на куќата и нивните робови. Вакви собички имало насекаде низ куќата, особено на првиот кат. Најчесто собите имале по еден кревет и мало ковчеже во кое се чувале личните предмети. Кубикулумите немале немале врати, туку само пространи завеси заради приватноста.

6. Таблинум е соба за прием на купувачите кои соработувале со таткото на семејството. Таму била неговата канцеларија и место за деловни разговори.

5. Ала е проширено крило од атриумот. Не е доволно објаснето за што точно служело ова проширување.

Кулина е кујна во која робовите приготвувале разновидни јадења за домаќините. Имало камена печка каде што готвеле ручек во метални казани на жар. На сликата кујната била прилагодена во една од собичките кубикулуми.

Триклиниум претставува трпезарија. Во повеќето римски куќи имало неколку трпезарии, така што домаќините можеле да бираат каде ќе јадат во текот на денот. Под влијание на хеленската култура Римјаните се научиле да јадат прилегнати на лежалка наслонети на перница. Оттука и називот триклиниум, бидејќи станува збор за три лежалки меѓу кои имало мала кружна маса. На сликата триклиниумот бил прилагоден во една од собичките кубикулуми, често покрај внатрешната градина.

8. Перистилиум е внатрешен четириаголен ходник кој во средината бил опколен со градина наречена хортус над која немало кровна конструкција зашто била отворена кон небото. Градината била оградена со мермерни столбови и украсена со разновидно зеленило и цвеќе, најмногу рози, темјанушки и лилијакрини, но и со убаво изработени скулптури или мали фигурини. Перистилот бил место за рекреација и одмор за членовите на семејството, но и за поканетите гости во куќата.

7. Екседра е дневна соба спроти перистилиумот којашто се користела за обилни ручеци, забави и слободни активности од животот на старите Римјани. Екседрата била мошне украсена со ѕидни слики, како и со столбови кои биле прилепени на ѕидот.

КАДЕ ЖИВЕЕЛЕ НАЈБОГАТИТЕ СТАЛЕЖИ ОД ВРЕМЕТО НА СТАРИОТ РИМ?

Највисоките сталежи во стариот Рим наречени патрикии поседувале живеалишта познати како римска вила или villa romana. Се граделе за време на Римската Република и Римското Царство.

Според римскиот историчар Плиниј Постариот, постоеле два вида на римски вили:
а) градска вила или villa urbana
б) селска вила или villa rustica

Реконструкција на Villa Romana del Casale
Градската вила била живеалиште на богатите или истакнатите римски аристократи. Често се градела во близина на градовите кога имало потреба да се патува во градот и тоа во времетраење од еден до два дена изминат пат.

Селската вила била вообичаена селска куќа во која живееле слугите и робовите кои се занимавале со земјоделски дејности назначени од сопствениците на вилата. Селската вила биле дел од градската, но само сезонски била посетувана од работниците.

Римска вила
Во подоцнежниот период на Римската Република започнал трендот на изградба на вили низ цела Италија, особено во годините по диктатурата на Сула. За време на Царството, градските вили биле богато декорирани со мозаици, скулптури, фрески, како што се Вилата на царот Хадријан во Тиволи или Вилата на Папирусот во Херкуланеум. Римскиот философ и говорник Марк Тулиј Кикерон поседувал дури седум вили, додека Плиниј Помладиот три или четири.

КАДЕ ЖИВЕЕЛО СИРОМАШНОТО РИМСКО НАСЕЛЕНИЕ?

Инсули (лат. insulae) се повеќекатни трошни куќи направени за вселување на сиромашното градско население ширум римското општество. Тие биле евтини за изнајмување и биле подигани на неколку ката, највисоки до 6 или 7 катови. Плебејците живееле во нив, бидејќи се сметале за граѓани од средниот и нискиот општествен слој.

Инсули - повеќекатни трошки куќи како живеалишта на сиромашното
римско население. Биле подигани од трошен и неквалитетен градежен
материјал, така што честопати биле изложувани на опасност од пожар и рушење.
Поради неквалитетниот градежен материјал, најчесто биле мета на пожари што било чест случај во тоа време. Преку нив немало вградена кујна и систем за снабдување со вода кој би претставувал еден вид заштита од опожарување, освен до ниските катови каде што имало водоснабдување и системи за загревање. Откако во градот Рим избувнал прочуениот пожар во 64 год. н.е. за време на владеењето на римскиот цар Нерон, по негова наредба била забранета изградбата на висококатните инсули.

Овие куќи биле и подложни на рушење поради кревките материјали од кои биле ѕидани, од дрво и ќерпич (плитар). Отворите од собите кои наликуваат на прозорци всушност овозможувале влез на воздух и светлина, но немале рамки со стакла за затворање на отворот како во современите домови.

Животот виреел низ улиците покрај инсулите. Приземните дуќани
секогаш биле полни со купувачи и продавачи на разни стоки и
услуги. Трговијата била значајна стопанска гранка во стариот Рим.
Во приземниот дел имало деловни простории за вршење трговски дејности. Тие се нарекуваат таберни (лат. tabernae).

Во една обична инсула можело да се сместат 40 станари, односно околу 10 семејства ако се бројат по 4 члена во едно семејство. Нејзината површина изнесувала приближно 330 м2.

Најпожелни биле долните катови поради допирот со водата и системот за загревање, но затоа биле и најскапи за изнајмување. Од друга страна, повисоките катови биле најнепожелни од причини што немало вода и греење и поради тоа што требалo станарите да се искачуваат по скалите до нивните домови. Поради недостаток од кујнски простор и бањи, Римските граѓани кои живееле во инсулите биле принудени често да посетуваат јавни бањи за хигиена и ресторани за прехранување, а поради тесниот простор во собите кој не пружал посебна комоција, избегнувале секојдневнен престој во нив, така што ги посетувале форумите (градските плоштади) заради општење со јавноста и рекреативни активности.

ВО КАКВИ КУЌИ ЖИВЕЕЛЕ ХЕЛЕНИТЕ?

Составни делови на една вообичаена хеленска куќа
Како денешните домови, и во времето на старите Хелени живеалиштата им служеле за спиење, готвење, оброци и одржување на личната чистота. Ги подигале врз цврсти темели од камен, но ѕидовите биле градени од слаб градежен материјал, од плитарот. Покривите ги изработувале од керамички плочки, како што тоа се прави и денес. Собите биле планирани околу внатрешен двор кој, поради отвореноста, го задржувал студениот воздух заради разладување на другите соби во текот на жешките летни денови. Во секоја куќа управувал таткото на семејството кој уживал најголем углед и имал посебна приватна соба. Хелените не ги украсувале домовите како што тоа го правеле Римјаните, но имале засебни простории за жени и за мажи. Гинајкејонот (види слика) е интимна просторија за жените, девојките и девојчињата за водење на женски разговори, шиење, ткаење и
Надворешен изглед на хеленската куќа
чување на децата, додека андронот (види слика) е наменет исклучиво за мажите и момчињата кои уживале во долги разговори, гозби и забава. Во андронот се одвивале прочуените гозби наречени симпосиони. Во куќата имале корито за капење и бунар за снабдување со вода, за разлика од Римјаните кои биле далеку понапредни со нивните системи за пренос на вода наречени акведукти.


Андрон - соба наменета за мажи и момчиња
Реконструкција на андронот (види слика лево) во Вилата на добрата среќа во градот Олинт (Халкидики), соба наменета само за мажи кои уживале во вечерни гозби (симпосиуми).

Симпосиум буквално значи „заедничко пиење“ со оглед на тоа што во тие ноќи се пиело вино во изобилство. Симпосиумите ги организирал домаќинот на домот кој ги повикувал пријателите и познаниците да прослават по повод некоја победа, натпревари или верски празници.

На сликата се гледаат мажи потпрени на перниче во полулежечка положба кои уживаат во гоштевањето додека некој авлетист ги забавува со музика. Робовите готват во кујната, а робинките го носат јадењето. Во тоа време Хелените јаделе во испружени во легла. Римјаните го презеле овој обичај од нив
.


 КОМПЈУТЕРСКА 3Д-РЕКОНСТРУКЦИЈА НА ДОМУСОТ
И ИНСУЛИТЕ







ГАЛЕРИЈА НА РИМСКИТЕ ЖИВЕАЛИШТА

Книжевни извори

1. Peter Connolly, The Ancient City Life in Classical Athens and Rome, Oxford Oxford University Press, 1998

Електронски извори

1. https://sites.google.com/site/ad79eruption/history/the-roman-house

No comments:

Post a Comment