Болести на македонската аксиологија

Неколку типа на болести на современата аксиологија во нашиот образовен систем каде што на наставникот „не му се дозволува“ автономија во вреднување на постигнувањата на ученикот:

1. Правило на порамнување (симетрија)

Сите оценки ТРЕБА да се петки.

2. Аномалија

Тројка меѓу сите петки е недозволива како годишна оценка. Често притискаат за време на советите и однадвор. Особено силни притисоци се чувствуваат кога тие деца им припаѓаат на некои функционери, бизнис-партнери на училиштето или блиски лица на релевантните субјекти во училиштето.

3. Солидаризација

Ученик кој не учи, не исполнува домашни и училишни задолженија, не е редовен, ништо не го инспирира, со континуиран слаб успех, антисоцијален тип со изразена форма на малолетничко насилство, од дисфункционално или социјално загрозено семејство, од некоја чувствителна етничка заедница или е со инклузивно-медицинска проблематика. Му следува годишен успех доволен (2), а ретко и повисок успех, без поправен испит. Наставникот е ставен во положба да се солидаризира со него за да нема непријатности на работното место.

4. Лош закон

Забраната за повторување на ученик во нижите одделенија која веројатно се оправдува со „избегнување на стрес, трауми и чувство на инфериорност во однос на другите“. Кога јас бев ученик, имаше повторувачи до четврто одделение, па не се сеќавам некој да ги носел тие трауми во адолесценцијата и понатаму, освен пејоративот „повторувач“ што беше некаква етикета за личност која не се труди и не учи. И во вишите одделенија речиси нема повеќе повторувачи, а тоа е показател дека во системот отсуствува филтрација и репаративна методологија.

5. Vis maior (виша сила)

На ученик со изразен слаб успех, нередовен, неисполнителен, нетрудољубив, дури и со недисциплинирано поведение, ако му припаѓа на некое добростоечко и влијателно семејство, од „незгодни“ или „конфликтни“ родители, од родители блиски на наставникот или од родители/роднини вработени на високи државни позиции со цврсти партиски односи, третманот во најголем број на случаи е поинаков. Му следува доволен (2) како преодна оценка наместо недоволен (1) и поправен испит, а некогаш и повисока оценка под притисок. Наставникот е ставен во положба необјективно да го оцени за да нема непријатности на работното место, некаква притаена одмазда или опструкции.

Драги мои пријатели, ова е реалноста. Затоа, поради овие болести од кои страда нашето образование, знаењата и трудот се маргинализирани и некомпетентноста царува на клучни работни позиции.

Има ли решение?

13.6.2021 год.

No comments:

Post a Comment