Ајде да почнам вака, од коренот.
Сложенка од грчко потекло, παρά (читај пара; покрај, при) и σῖτος (читај ситос; жито, храна), што би значело оној што седи спроти мене на трпеза и се храни заедно со мене, оној што ми се додворува и добива нешто на готово, оној што е прикраден и се храни без мое сознание и во погрдно значење, оној што ползува нешто од мене без да ми подари нешто за возврат, се здобива со мое внимание, има интерес од моето знаење, прима моја услуга, ја заслужува мојата наклонетост, се насладува со моето страдание, а потоа ме изоставува, игнорира или во најлошо сценарио, ме турка од работ кон бездната немилосрдно и бездушно, затоа што го наполнил мевот со она што му било насушно додека сум го делел залакот со него на софрата. По мене доаѓа друг, друга жртва, која станува предмет од интерес, и сè така во недоглед до окончување на животот.
Впечатокот е дека заедницата буи од паразитски ликови кои по обичај копнеат да бидат вечни шмукачи на цицалката, неблагодарни жртвувачи и растурачи на животи, затоа што не научиле самостојно да се носат со животните предизвици и проблеми, ниту, пак, да бидат благодарни на она што им се придало од други. Доживотно цицаат нечија експертиза, идеја, поддршка, внимание, а не раѓаат никаков плод во интерес на заедницата.
Паразитот може да биде некој ваш близок, може да биде група на луѓе, односно поединци од групата на луѓе, во колективи, организации.
Симптоматологијата на паразитот ќе ја забележите во следните карактеристики на личноста, на суптилно рамниште:
- се кити со туѓи перја;
- не носи одговорност за постапките, туку ја префрлува на друг;
- гази поединец или група на луѓе за да придобие нечие признание или наклонетост;
- наведува и упропастува млади лица да станат паразитски настроени, да добиваат награди/признанија на готово без знаење и труд, т.е. sine merito (без заслуга);
- се насладува кога гледа или слуша како другиот страда или е во непријатност;
- опсипува некого со песимизам крадејќи му ја насмевката и љубовта кон животот;
- сее некому страв и неизвесност крадејќи му ја надежта и напредокот;
- искористува нечиј глас како би приграбил моќ и слава честопати заборавајќи да му ги исполни потребите на гласачот;
- вреднува некого сè додека се ползува од неговиот труд и компетентноста;
- оспорува нечија амбиција или обесхрабрува иницијатива за да ја оправда сопствената некадарност;
- фатил корен во одредена државна/општинска установа и мисли дека е незаменлив, еден и единствен;
- ужива протекција од надредени општествено-идеолошки паразити иако е неплоден на работното место или неодговорен/непримерен кон заедницата со која е во содејство;
- полага право на „туѓ терен“ незаслужно или противзаконски;
- научен секогаш да бара цицка за опстанок, некаде да се приклемчи, некаде да се усука, некаде да го намести задникот и да продолжи со своето орално задоволство;
- неблагодарноста е неговиот заштитен знак;
- тој е бесрамна вошка општествено-бескорисна, бучна кога е во прашање саможивноста, прв истрчува кон целта, гази секаква душа пред себе, не знае од емпатија, не се солидаризира, нема осет и не се радува на туѓ успех.
Од претпазливост, кога се работи за некаков предлог, за некаква идеја или задолжение, го поставувам прашањето cui bono? (во чија полза?, кому му оди во прилог?)
Искуството ме учи дека паразитот е подло прикриен ентитет, симулира добротвор, изигрува паметна глава, се самопрогласува за лидер, а, всушност, логиката му работи пресметливо, каде, како и од кого? Ништо не продава, се наметнува и граба неуморно таму каде што му се може. Како опитен кореограф, способен е да постави таква сцена местејќи некого да ја управува неговата игра од почеток до крај. Во мизансцената паразитот саможивник ги ужива туѓите плодови со слатка насмевка на лицето.
Наспроти креатурата, среќавам мал број на души кои се ненаметливи, кротки, едноставни, свои, самоодржани, благодарни, продуктивни, полни да споделат знаење и искуство, посветени, предадени на другите, храбрат и подаваат рака за да подигнат некого една степеница погоре. Тие се како пчелки, работливи, цврсти, полезни за сите, се пружаат несебично, прават нешта од љубов, ја четкаат реалноста во различни бои, не се лепат отровно на нечија аура, раѓаат здрав плод каков што е медот, за наслада на сите не барајќи ништо за возврат.
Ги исполнува тоа што даваат од себе колку што можат. Тоа е нивната смисла. Тука ја наоѓам смислата. Тука се пронаоѓам себеси.
Во она другото, гнездото на паразитизмот, е гнилежот и смртта.
(од мој агол)
16.11.2022 год.

No comments:
Post a Comment