Теорија на заговор

Што означува кованицата „теорија на заговор“?

„Теорија на заговор“ е мошне силен реторички конструкт кој се употребува за поништување на каква било рационална мисла.

Се применува секој пат кога сакаме да укажеме на тоа дека интересот на одредена владејачка гарнитура има некоја скриена агенда и дека причините за разни интервенции или војни, всушност, не се вистинските причини. Доколку сугерираме дека лажат, автоматски станувавме виновни за создавање на теорија на заговор, дека живееме во светот на мечтите, мисловните фикции, затоа што сме програмирани да прифаќаме дека званичниот извештај de facto е непобитна вистина.

Постојат две претпоставки за кованицата „теорија на заговор“:

Првата претполага дека е скована од ЦИА (Централна агенција за разузнавање на САД), затоа што поимите „теорија“ и „заговор“ никогаш претходно не биле споени како синтагма.

Втората претполага дека кованицата е забележана во еден запис од 1870 год., но ЦИА го додала погрдното значење од 1967 год. за да ги наруши угледот и преиспитувањата на сите оние што се сомневале во званичната верзија за атентатот на Џон Ф. Кенеди, односно дека неговиот атентатор Ли Харви Освалд своеволно го избршил убиството на претседателот, а не под нечија наредба.

Денес најзастапена претпоставка за создавање на кованицата е токму втората, затоа што големите сомнежи за атентатот предизвикале општ револт и дури недоверба спрема истражните органи на САД. Од тие причини, се верува дека ЦИА намерно ја создала одбивната конотација на изразот користејќи го како алатка за политичка пропаганда.

Во званичниот документ кој ЦИА го објавила во 1976 год. по барање на Њујорк Тајмс врз основа на Законот за слобода на информирање, каде што, впрочем, ги изнесува сомненијата поврзани со Вореновата комисија, изразот „теорија на заговор“ го употребува во множина (conspiracy theories) оти имало повеќе тези. Атентатот независните истражувачи го сметале како заговор против Џон Ф. Кенеди, па оттаму се појавиле разновидните теории на заговор.

Поинаквите претпоставки за убиството на претседателот во тоа време не се восприемале како нешто достојно за потсмев, нагрдување и нарушување на угледот на независните истражувачи.

За жал, во денешно време кога ги имаме информациите на дланка, наместо да ги процесираме, анализираме и простудираме алтернативните гледишта, често како механизам на одбрана или желба да останеме во зоната на комфорот, ги етикетираме како „теории на заговор“ и поради додадената негативна нота на изразот се потпираме само на оние званичниве сервирани од контролираните медиуми.

3.5.2020 год.

No comments:

Post a Comment