Многу нешта ќе поминат, и убави, и слатки, и горчливи, и болни, и тажни, остануваат само сеќавањата.
Тие се вгнездени во душата, тие тивко шепотат за мојот живот, за луѓето кои сè уште се со мене и за оние кои билe околу мене, кои ме напуштиле, си заминале или едноставно се одделиле од разни причини, оставиле трага, ме промениле, ме расположувале, ме разочарале, ме научиле, ми дале сила, ме охрабриле, ми се нашле кога ми било потребно.
Им благодарам, од дното на душата. Имало причина зошто ни се вкрстиле животите.
Најјасните и најсилните сеќавања се оние што болат, како да сведочат за вистината, што бевме, а што сме сега, каде тргнавме, а каде пристигнавме. Трепери болката што извира од срцето и ти соопштува дека ништо нема поголема вредност од самите тие одблесоци на минатото, колку и да се страдателни или исполнителни, тие се шептачи на моето постоење.
Кога ќе ги затворам очите понекогаш, ги гледам сите тие одблесоци, душата ми се радува, срцето ми се разгорува, но истовремено почнува да боли, да боли, и така постепено солзите се слеваат низ лицето, непрекинато течат, секоја слика која поминува долива капка солза. Му благодарам на Бога што ми ги дал солзите за да тајно ги пролевам кога ме носат сеќавањата.
Самиот си замислувам и се прашувам дали би постоело време, кога игрите, радостите, погледите, мирисите и тие места, и тие луѓе за кои сме живееле вистински и кои сме ги неповратно загубиле или оставиле, би се сплотиле во една стварност, една вечна стварност, непрекинлива, неодминлива, бесконечна.
Ако тоа може да биде желба, ете, го молам Севишниот нека ми ја овековечи, затоа што вечноста е таму каде што ми е срцето.
(нешто од мене)
31.1.2020 год.
No comments:
Post a Comment