Во превод реченицата гласи „Човек сум, ништо што е човечко, од моја гледна точка, не го сметам за туѓо“.
Блескава мисла на Публиј Терентиј Афер (роден 195 година пред Христа), римскиот комичар, со потекло од древната Картагина. Живеел во либиска заедница која Старите Римјаните ја нарекувале Афри пред да биде донесен како роб во градот Рим од римскиот сентарот Терентиј Лукан. Откако добростоечкото семејство на младиот комичар банкротирало, бил продаден. Како припадник на феникиската култура, воспитан во римско-хеленски дух, негувал космополитски погледи.
Откако заминал за родниот крај во Африка никогаш не се вратил назад. Се смета дека починал на 25 години пловејќи во патнички кораб назад кон градот Рим.
Неговата мисла извлечена од драмата Ἑαυτὸν τιμωρούμενος (Себеизмачувач) е манифесто на хуманизмот, на прифаќање на индивидуализмот и на различностите, на длабоко разбирање на слабостите на телото и на душата, на сплотување со човечкиот род. Терентиј, впрегнат меѓу различни заедници, во драмата, свесно или несвесно, го посеал семето на космополитизмот, на мултикултурализмот, раскрстил со етничката самобендисаност.
Мислата на поетот ги расонила заспаните антички идеали и вредности во времето на ренесансата среде коравоста на долговековниот теоцентризам, каде што секоја произволна слободоумна замисла, акт, став и дело биле предмет за распетие, за пламени јазици и инквизициски камшици.
Еквилибриумот ја одржува потребата на современиот човек од една страна да се самоизразува, да се раскрилува горделиво покажувајќи ја убавината на хуманистичкиот дух, а од друга страна, да го доживува, повикува она што сетилно не може да го дофати, меѓутоа, го насетува како Творец, Бог, во едно или повеќе обличја.
Согласен сум со Терентиј дека не треба да давам суд или да омразам нечија слабост, „грешка“, различност, зашто, на крајот на краиштата, тие обвиненија се проекција на моите недостатоци, на мојата фиктивна моралност, пуританска заблуденост, наметнато уверување.
Оттаму, ништо што му припаѓа на човекот не ми е туѓо, ја разбирам различноста и посебноста, ги прифаќам слабостите на душата и на телото, тие биле од искон и секогаш ќе бидат инспирација за некои идни творци на сјајни уметнички дела.
In honore Terentii
(од мој агол)
26.10.2022 год.

No comments:
Post a Comment