„А го создаде Господ Бог човекот од прав земен и му дувна во лицето дух животен; и човекот стана жива душа.“
(Битие, 2:7)
Иако чинот на создавањето е за нас луѓето непојмлива енигма, неодгатлива тајна, несфатлива со јазикот на нашиот ум, сепак, тој радосен чин е искра и блаженство.
Човекот е украс на сите Бојжи созданија, круна на целокупното творештво, она видливо и она невидливо. Му го подарил на човекот Својот образ за да може како единечна жива душа да ги пројавува во себе начелата на Создателот. Колку е таа вистина утешна, охрабрувачка, надежна, достоинствена и просветлувачка!
Ние не сме сами. Ние сме чеда на Оној што нè извајал, Негово сме подобие на земјата по која чекориме. Наша должност како синови е да го штитиме Лицето кое ни е подарено со добра намера и со многу љубов.
Да запомниме дека Божјите начела според кои е соткаено духовното човеково ткиво се разумот и, посебно, слободната волја. Никогаш не смееме да дозволиме овие начела да бидат поништени, упропастени, обезличени и уценети. Должност ни е да се бориме против злото кое по секоја цена не стивнува, постојано демне и наоѓа начини да ги разори.
Сведоци сме на сурово невреме во кое се врши обезличување на човекот со перфидни и груби пристапи, каде што слободната волја и разумот се оковани во прангите на извикана лага, горчлива уцена, празна бесмисленост и непрестајна налудничавост.
Слободната волја и разумот се огледало на благословениот човек, тие се како лозови разграноци кои го украсуваат влезот на куќата, како мед пролеан на суво парче леб, како капки роса на лист од полски цвет.
Ништо не ќе има смисла ако ја предадеме слободната волја во канџите на мракот кој ни се претставува лажно како борба против невидливиот непријател и спасение од чума. Тие пристапи се подло оружје вперено против нас и против Создателот, не за да се совлада несовладливото, туку за да се одземе дарот кој ни е поклонет со раѓањето. Секој што има очи и уши, а гледа и слуша одвнатре, ќе го разоткрие оружјето на непријателот на човекот.
Да не ги предаваме овие небесни благодети за коишто нашите предци гинеле низ историјата со намера да ги зачуваат, за никакви минливи нешта да не се откажуваме од овие скапоцености, ниту за ручек или вечера во ресторан, ниту за пијалок во кафуле, ниту за блесок на големите пазарни центри, ниту за патување во туѓина, ниту за привилегија, ниту за статус, ниту за какво било материјално добро. Сите тие земски добра треба да бидат неограничени и пристапни, затоа што му припаѓаат на човекот, тие се создадени за и од човекот, тие се одраз на неговите цивилизациски дострели и творечката моќ на неговите раце и ум.
Да не дозволиме злото да направи поделби според некаков си статус, едните уценети да чекорат слободни, а другите со слободна волја да завршуваат во резервати, затоа што, на крајот, сите ќе бидат изиграни, особено уценетите надевајќи се дека злото ќе ја донесе повторно светлината на стариот живот.
Меѓу оние што не сакаат да ја прокоцкаат слободната волја се наоѓа нечиј татко, мајка, брат, сестра, пријател, пријателка, сопруг, сопруга, ќерка, син, љубовник, љубовничка и секој ближен. Да не ги предаваме на мракот, на изолацијата, на отфрленоста, на лажните клевети, на недокажаниот остракизам, на псевдонаучните постулати, на грдото лице на новото нормално, на бездушноста на политичките марионети.
Смислата на постоењето е во слободата да се смееме, да дишеме, да трчаме, да патуваме, да се движиме насекаде, да мислиме и да се изразуваме слободно, да затропаме на сечија врата и да бидеме поканети без уцена, без ограничувања. Ние сме наследници на светот и секој агол, секое возвишение, секој плод, секој извор, секое зеленило, секој зрак на светлината, нам ни е не само достапен, туку ни е подарен со голема љубов.
Зарем сме толку слепи да не ја гледаме вистината пред себе?
Зарем ќе му дозволиме на стравот да ни го одземе човечкото достоинство?
Наша должност е да се бориме против злото, наш повик е да го чуваме убавото Лице од грдотијата на ропството и на трансхуманизмот!
(од мој агол)
27.11.2021 год.

No comments:
Post a Comment