ВКУПЕН БРОЈ НА ПРЕГЛЕДИ

28 February, 2015

Увод во хеленската и римската митологија

УВОД ВО ХЕЛЕНСКАТА МИТОЛОГИЈА

Една од најразвиените митологии во Европа е хеленската митологија. Тоа е создавана во античкото време и ни ги открива религиозните погледи на Хелените што живееле во Хелада и во средоземјете, нивното верување во многу богови, божици, полубогови, херои и други измислени митолошки суштества како: кентаури, сатири, нимфи, сирени, џинови, чудовишта итн. На основа на хеленската митологија настанала нивната многубожечка религија.
Планината Олимп - живеалиштето на хеленските богови.
Највисокиот врв на планината, Митикас, изнесува 2919 м.
КОЈ ГИ ИЗМИСЛИЛ БОГОВИТЕ?

Хелените сметале дека епските поети Хомер и Хесиод ги создале приказните за боговите и хероите, бидејќи тие ги измислиле, им дале имиња и ги опишале нивните ликови. Сепак, современите истражувачи утврдиле дека имињата на боговите и нивните карактеристики им биле познати на Хелените уште пред времето на Хомер и Хесиод.

Прометеј го создава првиот човек. Римски саркофаг од
IV-от век н.е. Покрај создателот Прометеј, на релјефната

скулптура се прикажани олимпските богови кои се
сведоци на настанот. На почетокот на XIX-тиот век,
саркофагот е откриен во еден мавзолеј во Поѕуоли.
Денес се чува во Националниот археолошки музеј
во Неапол (Италија).
КАКОВ ОБЛИК ИМААТ И КАДЕ ЖИВЕАТ БОГОВИТЕ?

Ларариум
Боговите во хеленската митологија имаат човечки облик, но биле поголеми од смртните луѓе и имале способност да се метаморфозираат (да го менуваат обликот по потреба). Тие биле бесмртни, низ вените им течела златна течност позната како икор, се хранеле со божествена храна амбросија, а пиеле и нектар, нешто како напиток кој ја одржува нивната бесмртност. Кој ќе пробал од нивната храна станувал бесмртен. Боговите живееле на планината Олимп во златна палата каде што имало капија за влез што ја чувале Хорите, ќерки носителки на годишните времиња.

ШТО Е ТОА МИТОЛОШКИ КИЛОС?

Херакле ја убива лернајската
Хидра
. Групната скулптура се
чува пред Хофбург Палата (крило
на св. Михаил), Виена (Австрија).
Хеленската митологија е составена од различни видови на митови: космогониски, теогониски, култни итн. Од култните митови најпознати се митот за јунакот Тесеј, митот за Персеј или митот за Херакле (Римјаните го викаат Херкул). Исто така, некои други митови биле здружени во поголема митолошка целина наречена митолошки киклос или митолошки круг. Таков митолошки киклос е тројанскиот, кој ги обединува митовите врзани за тројанската војна. Оттаму дознаваме како Ахил ја добил својата бесмртност или како тројанскиот принц Парис ја предизвикал тројанската војна со доделувањето на златното јаболко на божицата Афродита.

КОЈ ГО СОЗДАЛ ЧОВЕКОТ? 

Хелените не биле јасни кога станува збор за митови кои раскажуваат за настанувањето на човекот. Според една митска приказна, титанот Прометеј го направил човекот од глина, а божицата Атена му вдахнала душа и го оживеала. Според друга митска приказна, се верувало дека луѓето се едноставно „самоникнати од земја“, како што никнуваат растенијата или како што се раѓаат некои подземни животни. 

ВО КАКВИ ДОМАШНИ БОЖЕСТВА ВЕРУВАЛЕ РИМЈАНИТЕ?

Гениј и семејните Лари
Римската митологија настанала врз основа на хеленската, бидејќи Римјаните веруваат во истите богови, само што им ги смениле имињата. На пример, Хелените врховниот бог го нарекуваат Ѕевс, а Римјаните го нарекуваат Јупитер, а всушност станува збор за ист бог со истите особини. Во римската митологија се сретнуваат и други обоготворени суштества како што се гении, Лари, Пенати и Мани. Римјаните верувале дека секој маж и жена со раѓањето имаат по еден гениј, а тоа е дух кој им вдахнал живот и им бил личен заштитник. Пенатите биле духови заштитници на домашното огниште и на мирот во државата. Ларите биле духови на починатите предци, ги сметале за заштитници на обработливото земјиште, на крстопатите по градовите и селата. Маните биле заштитници на душите на мртвите.

No comments:

Post a Comment