CARPE DIEM

Латинската поговорка „carpe diem“ која верувам дека секој од вас ја имал слушнато нè поучува на нешто суштински важно.

Не би сакал да држам лекции за кратковечноста на животот, за грабање на секаква можност која некому му се пружа, зашто многу лесно може некој мислата „зграпчи го денот“ да ја протолкува во прагматично-утилитаристичка насока, како на пример во трката за пари, лов на успех, забрзана живеачка, непрестајно задоволување на потребите, постојана потрага по материјални богатства и задоволства и други пориви.

Клучната идеја на поговорката е од животот да направиме смисла, но, не таква која цели само кон плотните задоволства, туку онаква која цели кон духовните перспективи во кои полнотата на животот би го нахранила духот, а не телото.

Забележуваме дека оваа 2020-та е година на политичко-економски превирања, крах на здравствениот систем, транзиција на образовниот систем во нов амбиент, зголемување на потрошувачката и сиромаштијата, тонење во институционална недоверба, коруптивно судство, одлив на мозоци и разни други претежно неприлични општествени појави. Се разбира, да не звучи дека сите се причина за дното, тука се изземени сите морално подобни луѓе кои се во тие гранки, а сепак се немоќни да се справат со безмилосната и репресивната олигархија. Меѓу каколот има и жито. Житото дава храна за живот, каколот сее смрт со отровот што го шири.

Во моите претходни објави апелирав кон секого што ми е пријател на Фејзбук да направи еден храбар чекор за себе и за своите најблиски, а тоа е да го исклучи ТВ-приемникот. За ова можеби треба време, но, од особена важност е да се направи овој чекор заради менталното здравје, посебно заради запазување на сопствениот морален и интелектуален интегритет. Треба да ни биде јасно дека јавните гласила кај нас (националните ТВ куќи) се еднострани, претставуваат една реалност и никогаш не преиспитуваат ништо, а се најсилното оружје на државната власт.

Според мои лични согледувања на тековните настани, реалноста во која живееме е непосреден диктат на мас-медиумите кои сервираат една фиктивна реалност. Зошто го кажувам ова на ваков начин? Затоа што во демократска средина (ако воопшто се сметаме за таква речиси три децении самостојност), доколку не се проблематизира општиот наратив кој е склопен како матрица и не се отворат поинакви гледишта и заклучоци од друг агол, нема да има напредок, само уназадување и конформизам.

Без audiator et altera pars, како што знаеле да кажат старите Римјани, не можеме да градиме живот. Поговорката значи: нека се слушне и другата страна.

Македонија отсекогаш ми ја симболизирала борбата за слобода, борбата за напредок, непокорот, отфрлањето на смртта и на секаква бесмислица. Значи, држава во која сонцето се виори на знамето. Од нашата татковина зрачи животот и неговата смисла. Тоа денес Македонија го нема. Нема логика, нема разномисленост, нема светлина во мислите, нема морална одговорност, нема живот. Секојдневието е сведено на бројки, црна хроника, безработица, поскапувања, апатија, недоверба, општествено растојание, молк со маски, сокриена емпатија, несолидарност, нестручност, односно тоа е равенка на „смрт на општество“. Значи, каколот царува и нам на сите ни е јасно за што станува збор.

Како можеме да му кажеме на каколот дека не владее со нашите животи?

> Исклучуваме ТВ-приемник, не следиме новини на Фејзбук или Твитер или преку некој новинарски портал, зашто сите го носат истиот отров, мислат дека информираат, но всушност ги умртвуваат човечноста и моралниот повик и агресивно дезинформираат;

> Се насочуваме кон творечки и рекреативни дејности, готвиме некој вкусен кулинарски рецепт, пишуваме некој текст за книга, преведуваме дело, читаме некаква литература, цртаме, сликаме, танцуваме, пееме на глас, играме дружбена игра со најблиските, медитираме, искажуваме молитви, го набљудуваме животот како тече во природата, ги шетаме милениците или нашите најмали членови од семејството и на беспомошниот му подаваме рака;

> Целиме кон едноставните нешта кои се бесплатни, а суштински за да го уживаме природното право на живот од Бог подарено: насмевката, радоста во очите, оптимизмот, харизмата, благоречивоста, трпението, спокојството на духот и многу други духовни богатства на кои забораваме дека во ова невреме се штит против сејачите на смртта. Да се потрудиме да бидеме сите како Исус за кого од дамнешни времиња се зборувало дека бил „светлината на светот“.

Ете така треба да го зграпчиме денот. На таквиот стисок мислеле древните луѓе.

26.10.2020 год.

No comments:

Post a Comment