ВКУПЕН БРОЈ НА ПРЕГЛЕДИ

08 October, 2014

Што е папирус?



Папирусот претставува материјал за пишување и оправдано е мислењето дека со преработката на египетската билка всушност почнува историјата на книгата. Вештината за изработка на папирусот ја изумиле старите Египќани уште околу 2000 год. п.н.е. и оттогаш папирусот наоѓа широка примена во другите цивилизации на стариот свет каде што писменоста почнала да се развива во полн ек.
Староегипетски папирусен лист
Старите Хелени и Римјани вршеле трговска размена со старите Египќани за да имаат постојан увоз на папирусни листови, затоа што со развојот на писменоста започнува ерата на културно-историскиот подем на древните цивилизации во јужните делови на Европа.

Називот папирус потекнува од речната мочуришна трска ciperus papyrus која растела во изобилство покрај наводнетиот брег на реката Нил во Египет. Зборот е египетски и во превод значи она од реката, а историчарот Херодот во своите историски записи го нарекува библос. Папирусот во антиката се задржал долго како и во средниот век, бил на цена, но подоцна во XII век бил поттиснат од пергаментот. Римскиот историчар Плиниј Помладиот ни оставил сознанија за техниката на изработка на папирусот. 

pic namepic namepic name



Во кратки црти производството на папирусот се одвивало на следниот начин:



Стеблото на трската, бидејќи било високо, го сечеле во должина од 15 до 40 цм. Потоа  срцевината била расцепувана на долги и тенки ленти со ширина од 2 до 3 цм. Лентите биле редени една до друга врз камена подлога во вертикален и хоризонтален распоред под прав агол. Потоа лентите биле целосно посипувани со нилско блато или со лепило од пченично брашно за да се залепат и спојат во текстурата. Мазнењето на папирусот врз камена подлога се вршело со помош на рамни камени орудија. Следно, израмнетата површина се оставала на сончева топлина за сушење. Откако папирусот ќе се исуши, го добива својот тенок облик како лист. Заради заштита и лесно складирање бил свиткуван во облик на свиток (rotulus) што го држат дрвени стапчиња (umbilici) чиишто краеви завршуваат со рачки (cornua).
На папирусниот лист се пишувало со помош на каламус само врз една страна на папирусната површина. Каламусот бил цевче од трска наострено на едниот крај. Подоцна го засекувале наострениот крај за да му дадат еластичност на цевчето, за да може да се испишуваат тенки и задебелени знаци. Мастилото што го употребувале се подготвувало од смола или од гареж во вода. Во антиката се користела само црната боја, но старите Египќани употребувале и мастила во разни пигменти (бои).

02 October, 2014

Развој на писмото и видови на писма

Пештерски луѓе сликаат на ѕидот од пештерата.
Древниот човек чувствувал потреба настаните од неговото време да ги забележи, запази, запише, да им даде печат за да не западнат во заборав за следните поколенија. Иако постоеле усни преданија кои се пренесувале како приказни, митови, песни и анегдоти, сепак се појавила внатрешна човекова потреба она што го набљудува, доживува и помни, а кое има свое значење и вредност, да го зачува за во иднина. Оттука се појавила потребата од писмото кое станало највисок дострел во развојот на првите цивилизации. Со развојот на писмото и писменоста започнува новата ера на човештвото наречена историја.

Цртеж на бик од пештерата Ласко во
Франција, 32.000 год. пр. н.е. Телото на
бикот е прецизно исцртано, како и на другиот
дивеч прикажан во движење.
Пештерски цртежи од пештерата во Шове во Франција откриени
во 1994 год. Се сметаат за едни од најстарите цртежи воопшто
од праисторискиот период на човештвото. Тие датираат од пред
36.000 год. пр. н.е., а вкупно ги има околу 1000 насликани
во пештерата. На фотографијата се прикажани бизони и носорози

во разни движења и во разни пози со уметничка прецизност.
Што е писмо?

Цртеж на стрелци тргнати
во лов на диви животни.
Пештерска уметност од
пештерата Ласко во Франција,
32.000 год. пр. н.е.
Писмо е состав од графички знаци со кои се бележат делови на јазикот. Под делови подразбираме зборови, слогови и гласовиДревниот човек овие делови од јазикот ги бележел со посебни знаци. На почетокот знаците биле разбирливи цртежи и слики кои низ различни временски периоди постепено се менувале и усовршувале преобразувајќи се во симболи.
Врз основа на обликот и функцијата која ја вршат во јазикот, писмата се поделени на три вида:

Пиктографско или сликовно писмо

Ова писмо било примитивно, односно најстаро. Пораката се пренесувала со помош на цртежи и слики наречени пиктограми. Зборот пиктографско потекнува од латин. именка pictura – слика и стгрч. глагол grapho - пишувам, односно пишувам со/преку слика.

Најстарите споменици со пиктограми биле пештерски кои датираат далеку во праисторијата околу 30.000 год. п.н.е. Тие се лесни за разбирање бидејќи преку нив се прикажуваат предмети и појави што ги восприемаме со нашите сетила (човек, животно, копје, садови, сонце и др.).

Пиктограми во сумерскиот,
староегипетскиот
и старокинескиот јазик


На горните фотографии се забележуваат насликани праисториски луѓе опремени со копје, лак и стрели тргнати во лов на диви животни, како и претстава на двајца сликари кои ги украсуваат карпестите пештерски ѕидови. Во историскиот период, кога човекот започнал да ги бележи настаните од неговото време, се појавил поразвиен облик на пиктографско писмо. Многу древни јазици се пишувале со ваков вид на писмо како што се сумерското клинесто, египетското хиероглифско, вавилонското клинесто, асирското клинесто, хетитското клинесто, кинеското, ацтечкото хиероглифско, мајанското хиероглифско и други.

Месопотамија или „плодна област помеѓу две реки“
која се простира меѓу Средоземното Море од запад,
арапската пустина од југ, под планинските појаси
на денешна Турција од север и границата со
денешен Иран од исток. Тука се создала првата
човечка цивилизација, Сумер, помеѓу VI-тото и
V-тото илјадалетие пр. н.е. покрај течението
на две големи реки Еуфрат и Тигар. Сумерците
од земјоделски населби изградиле развиени
градски средишта во кои цветала писменоста,
културата, трговијата и верскиот живот.

Глинена плочка со врежани знаци од
сумерското-клинесто писмо. На плочката
е запишана пресметката во сребро за
владетелот, односно колкаво количество
на сребро е собрано во државната благајна.
Сумерското клинесто писмо се смета за прво писмо во светот. Тоа се појавило околу 3500 год. пр. н.е. во Месопотамија (денешен Ирак), во цивилизацијата на старите Сумерци наречена Сумер. Називот „клинесто“ се однесува на обликот на знаците од писмото кои наликувале на клинци. Првично сумерските пиктограми биле разбирливи слики во јасни облици, но подоцна како што се менувале општествено-економските прилики, се јавила потребата од брзо запишување, така што писмото значително се поедноставило и пиктограмите постепено го добиле клинестиот облик.

Идеографско или логографско  писмо

Ова писмо е поразвиен облик на пиктографско писмо задржувајќи го цртежот како елемент. Терминот води потекло од стгрч. збор idea – мисла и стгрч. глагол grapho - пишувам, односно пишувам мисла со цртеж. Разликатасе состои во тоа што преку идеограмот (цртежот) можеле да се пренесат мислите и чувствата на човекот, она што човекот не може да го восприема со неговите сетила (љубов, вистина, управување, бесмртност и др.), но и некои други јазични концепти како горе, доле, не, да, утре, убаво.

На пример, негацијата не не може да се нацрта, бидејќи таа претставува мисла (јазичен концепт), а не предмет, или бесмртноста, таа не може да се нацрта, само може да се замисли како некаква состојба. Според тоа, древните народи користеле различни симболи со цел „видливо“ да ги изразат овие замислени концепти. Нивното дешифрирање (откривање на значењето) е многу тешко за еден истражувач. За идеографски писма се сметаат меѓу најпрочуените египетското хиероглифско и сумерското клинесто.

Логографското писмо е навидум слично со идеографското, но постои една разлика. Логограмите го заменуваат зборот во јазикот, додека идеограмите можат да заменат неколку збора. Кинеското писмо вообичаено се смета за логографско.

Фонетско писмо

Најразвиениот облик на писмо е фонетското. За него е карактеристично тоа што со еден знак се бележел еден глас или слог. Ако со еден знак се бележи еден слог тогаш тоа писмо се нарекува фонетско-слоговно, а ако со еден знак се бележи еден глас тоа писмо се нарекува фонетско-гласовно.

Какво писмо е фонетско-слоговното? 

Предците на Хелените, Микенците, се служеле со фонетско-слоговно микенско грчко писмо познато како Линеар Б, додека Вавилонците со нивното клинесто писмо, како и современите Кинези со кинеското кое е, исто така, слоговно. 

Како да ги разбереме фонетско-слоговните писма?

Да објасниме сега какви писма се фонетско-слоговните. Во тие писма за еден слог има по еден знак. Теориски, ако еден збор го поделиме, на пример, на три слога, за овие три слога ќе ни биде потребно да испишеме само три знака. Со цел да биде појасно и поткрепено со соодветен пример, ќе се послужиме со микенското грчко писмо или во науката познато како Линеар Б кое, според типот, е фонетско-слоговно.

Испишани знаци на микенско грчко писмо
или Линеар Б на глинена плочка.

Микенците се служеле со ова писмо од 1500 до 1200 год. п.н.е. Тие ги населувале областите на Јужна Грција и островот Крит. Микенските писари ни оставиле пишани документи на глинени плочки со овие знаци кои се дешифрирани, така што сега можеме и да ги читаме за да ја разбереме пораката. Од горенаведените графички знаци на Линеарот Б забележуваме дека со еден знак се обележани слоговите, но и самогласките а, е, и, о, у. На пример, ако на некоја глинена плочка со Линеар Б писмо ги забележиме испишаните знаци:
   
тогаш ги наоѓаме слоговите кои се совпаѓаат со овие знаци од микенското писмо, а тие се a – ke – ro. Спојувањето на слоговите ја гради старогрчката именка „ангелос“, што значи „гласник“.

ВЕЖБА: Ставете се во улога на микенски писар и составете ги следните зборови:

Лекар (стгрч. ἰατήρ, читај „јатер“) i-ja-te ___   ___   ___
Злато (стгрч. χρύσος, читај „кхрисос“) ku-ru-so ___   ___  ___
Мајка (стгрч. μήτηρ, читај „метер“ ) ma-te-re ___   ___  ___
Жито (стгрч. σίτος, читај „ситос“) si-to ___   ___
Богови (стгрч. θεοῖ, читај „тхеои“) te-o-i ___   ___   ___
Лек (стгрч. φάρμακον, читај „фармакон“) pa-ma-ko ___   ___   ___ 

Староперски јазик и неговото клинесто писмо 

Староперсискиот јазик спаѓа во индоевропска група на јазици, во индоиранско семејство, односно во иранската гранка на јазици. Тој се говорел уште од подемот на Првото Персиско Царство под водство на ахајменидската кралска династија, околу VI век п.н.е. Кралот Дариј наредува да се воведе клинесто писмо како знаковен јазик за испишување на староперсиски текстови. Персијците, иако биле под влијание на Старите Сумери и Акадјани, сепак не ги прифатиле знаците од нивното клинесто писмо, туку создале нови. Во следниот пример можете да исчитате една реченица од автентичен староперсиски текст. Забележете ги знаците во облик на клинци. За секој знак има по еден слог (или глас). Затоа староперсиското писмо спаѓа во фонетско-слоговни писма.



Какво писмо е фонетско-гласовното?

Нашето писмо кирилица се смета за фонетско-гласовно. Во фонетско-гласовните писма за секој глас има по еден знак. Еве на пример, зборот „радост“. Колку гласа изговараме при искажување на овој збор? Р А Д О С Т – значи 6. За секој глас во нашето кирилско писмо има по еден знак или буква. Може и два гласа да се изговараат со еден знак како што е тоа случај со некои други јазици (буквата „щ“ во бугарскиот јазик која се изговара со „шт“). Како и да е, таквите писма важат за фонетско-гласовни. Во вакви писма се издвојуваат грчкото, латинското, кирилското, фојникиското, глаголското, корејското, готското, коптското, лидиското, етрурското и други.
 Хелените го создале старогрчкото писмо врз основа на фојникиското некаде при крајот на IX век пр.н.е. и првин пишувале од десно кон лево, па од лево кон десно. Тој модел на пишување се нарекува бустрофедон. 





Фонетско-гласовни писма


Фојникиско писмо кое претставува
основа на грчкото писмо со
изговорот на знаците

Грчко писмо и изговор
на знаците
http://upload.wikimedia.org/wikipedia/commons/d/d0/Early_cyrillic_alphabet_without_explenation.png
Кирилицата е фонетско-гласовно писмо најверојатно
составено од епископот Климент Охридски за да им
се овозможи на словенските народи да ги пишуваат
словенски гласови
(џ, ш, ѓ, ќ, ж) за кои немало

соодветна замена во латинското или грчкото писмо.
Кирилицата е составена од грчкото литургиско писмо
(23 знаци) и од глаголицата (14 знаци) за оние
гласови за кои нема замена во грчкото писмо.

Латиница во архаичен и класичен римски формат.
Знаците од латиницата биле мајускулни, односно
само големи. Подоцна во историјата, од раниот
среден век започнува ерата на минускулите,
односно малите знаци од абецедата.

Глаголицата била првата словенска
азбука создадена од браќата Кирил и
Методиј во IX век, содржела 38 знаци
и била користена за пишување на
најстарите црковни книги.


Дали знаете кои биле Фојникијците?

Фојникијците (или Феникијци) живееле во областа Фојникија која се наоѓа во денешен Либан. Тие го создале првото фонетско-гласовно писмо, коешто старите Хелени го употребиле за да го создадат старогрчкото писмо. Писмото на Фојникијците содржело знаци само за согласките, па затоа старите Хелени, откако го усвоиле фојникијското писмо, одвоиле одредени знаци да им служат како самогласки.