ВКУПЕН БРОЈ НА ПРЕГЛЕДИ

15 October, 2023

Античко хеленско вајарство

ВАЈАРСТВОТО КАКО СТИЛ НА УМЕТНОСТ

Вајарството е творечка ликовна дејност која има најдолга традиција во речиси сите стари цивилизации на евроазискиот континент. Таа претставува техника на вајање на фигури* од цврст материјал во одреден облик и големина. За разлика од другите древни народи, Хелените се докажале како врвни вајари кои во класичниот и хеленистичкиот период на хеленската историја на вајарските дела им дале совршен (идеалистички) изглед, кој патем го одразувал нивниот општествен и културен развој во закрилата на демократијата. Тие се народ кој преку вајарството, сликарството и градителството создавал облици и вредности на кои се темели западната естетика*.

Развојот на хеленското вајарство се одвива во четири временски периоди, секој со своите одлики:

1. геометриски (околу 900-700 г. пр.н.е.)
2. архајски (околу 700-450 г. пр.н.е.)
3. класичен (околу 480-323 г. пр.н.е.) и
4. хеленистички (околу 323-31 г. пр.н.е.)

Хеленските вајарски дела се сретнуваат во три облика: скулптури*, релјефи* и портрети*. Скулптурите се ликовни прикази кои се јавуваат како едноставни и сложени (монументални).

Бидејќи примерите што следат делумно или воопшто не содржат боја, потребно е да се знае дека тие не биле безбојни, туку биле бојадисани, се разбира доколку материјалот можел да се бојадисува, како мермерот или теракотата*. Бојата исчезнала низ времето или пак некаде се зачувала во бледи нијанси. Полихромијата* била често применувана во античката архитектура и уметност. Современите научни инструменти преку ултравиолетово зрачење овозможуваат да се откријат боите кои биле применети врз некое уметничко дело.

1. Геометриски период на хеленското вајарство (околу 900-700 г. пр.н.е.)

Иако овој период е наречен геометриски поради керамичките вази, кои од тој период имале геометриски шари, истиот поим се употребува и за подемот на хеленското вајарство. Едноставните скулптури се мали уметнички творби на обичниот народ. Се нарекуваат и фигуринки и најчесто биле изработувани од теракота, а поретко од метал. Особено се изработувале во геометрискиот и архајскиот период. Луѓето ги изработувале без да следат некакви правила од вајарскиот занает. Кај обичниот народ постоело верување дека во фигуринките се вселуваат душите на покојниците или пак дека се идоли* на месните божества на кои им се поклонувале. Оттука и голем број на теракотни фигуринки се откриени во некрополите (гробиштата) и во домашните светилишта. Покрај нив, се изработувале и дрвени фигуринки познати под називот ксоанон* кои биле одраз на првобитната човечка уметност во уште поедноставен облик.

Во геометрискиот период во Хелада се утврдуваат првите градови-држави (полиси), се создава фонетското писмо „алфабета“, се развива трговијата и се врши постепена колонизација на Средоземјето. Се удираат темелите на светилиштата на кои им се посветуваат дарови како што се разни камени, глинени или дрвени резби, теракотни или бронзени фигуринки. Темите на коишто работеле геометриските вајари најчесто се воени: вооружен војник, боева кочија, коњи и сл. Ова се должи и на подемот на аристократијата* од којашто се формирала коњаничка војска.

2. Aрхајски период на хеленското вајарство (околу 700-450 г. пр.н.е.)

Во овој период вајарскиот занает постепено се развивал под благо влијание на источните култури, Египет и Месопотамија. Ситните фигури добивале во големина, а обликот постепено има станувал реалистичен, односно наликувал на вистинските предмети и појави во светот. Хеленските вајари изработувале скулптури од мермер, бронза, слонова коска и од злато. Тие скулптури биле слободни или пак врзани за некоја градба, најчесто храм.

Скулптурите од 650 до 625 год. пр.н.е. изгледале делумно вкочането, фризурите им наликувале на вештачки коси, а облеката им била припиена на телото. Нивниот изглед настанал под влијание на египетските скулптури, но за разлика од нивната вкочанетост и смиреност, архајските скулптури имаат живост, очите им се испакнати и широко отворени во кои зрачи животот, рацете им се одделени од половината, а едната нога им е иставена напред. Од слободните скулптури најпрепознатливи се облечените женски ликови наречени Кора и голите машки ликови наречени Курос. За прв пат во хеленската вајарска уметност се забележува блага насмевка на лицето позната како „архајска“.

3. Класичен период на хеленското вајарство (околу 480-323 г. пр.н.е.)

Вајарската уметност од втората половина на VI-от век се развивала во време на големиот атински војсководец и државник Перикле. Во овој период Атина прераснува во водечки хеленски полис со постепен развој на стопанството. Трговијата, морепловството и разновидните занаети станале водечка економска сила на Атина, како и продажбата на робови. Историчарите ова време од хеленската историја го сметаат за златно, пред сѐ заради релативниот спокој и хеленските дострели во уметноста, книжевноста и градежништвото.

Патот кон совршенството

Вајарите од овој период го менуваат стилот на изработка на вајарските дела. Вкочанетите и срамежливите архајски фигури наеднаш добиваат духовна и телесна слобода, тие стануваат динамични*, складни, со убави пластични* изрази речиси доведени до совршенство. Телесната убавина според тогашните вајарски стандарди треба да соодветствува со духовната. На младичите атлети, хероите и боговите особено им се придавале совршени облици во телото, рацете и нозете со цел да ја истакнат нивната убавина. Голите претстави на машкото тело ја симболизирале идеалната античка убавина.

Слободните вајарски стилови започнале со вајарската школа на Хагелад. Од оваа школа произлегле најголемите хеленски вајари, какви што се Мирон, Поликлит и Фидија.
pic name pic name
pic name pic name pic name
pic name pic name pic name
pic name pic name pic name

pic nameВајарот Фидија бил еден од најистакнатите вајари во антиката, неговите дела ги воодушевувале не само тогашните уметници, туку и многу современи научници сè уште се восхитуваат на мајсторската рака на овој антички гениј.

Уметничка претстава за тоа како изгледала монументалната скулптура на богот Ѕевс во Олимпија на Пелопонес според описот на хеленскиот патеписец Павсанија. Едно од неговите најценети дела што воопшто ги создал претставува скулптурата на богот Ѕевс од Олимпија која била од монументален тип, односно во големи размери. Како материјали за изработка го користел златото и слоновата коска (хриселефантинска техника). Според описот кој ни го запишал хеленскиот патеписец Павсанија, кој лично ја видел оваа скулптура во антиката, во неговиот храм во Олимпија тој е изработен во седечка положба на престол, во десната рака ја држи крилестата богинка Ника, во левата држи скиптар (стап) кој на врвот имал застанат и раскрилен орел. Ѕевс бил облечен во химатион (плашт) кој го покривал од бедрата до стапалата, оставајќи ги вешто откриени неговите снажни гради. Лицето, рамењата, телото и мускулестите раце биле целосно изработени од слонова коска, додека химатионот, во фини набори, бил направен од злато. Косата и брадата му биле изработени од злато. Скиптарот бил опточен со скапоцени камења и благородни метали. И неговите сандали биле од злато, како и некои фигури на престолот. Престолот бил изработен од мермер и од црно абоносово дрво. Во вертикала на престолот имало сложени фигурални сцени со претстави на божества, луѓе и животни од митолошките теми.

Компјутерска реконструкција на Ѕевсовиот идол



Павсанија го забележал и запишал натписот на постаментот со потписот на Фидија кој гласел „Ме направи Фидија Атињанинот, синот Хармидов“ (на старогрчки јазик: Φειδίας ὁ Ἀθηναῖος Χαρμίδου ὑιὸς μ’ ἐποίησεν). Ова величествено дело на Фидија, за жал, било уништено многу векови подоцна, по настапувањето на христијанството во римскиот свет. Во битката кај Пидна, 162 год. пр.н.е., кога била уништена македонската антигонидска династија со соборувањето на македонски крал Персеј, римскиот консул Лукиј Ајмилиј Паул Македонски (229-160 год. пр.н.е.) ја посетил Олимпија. При влезот во храмот тој бил така вчудоневиден од величието и убавината на Ѕевсовата скулптура што самиот рекол дека ова што го видел со своите очи ги надминало сите негови очекувања.

Други вајарски дела и нивни римски реплики* кои ја обележале класичната уметност на античка Хелада


Компјутерска реконструкција на метопа

Видео-записот објавен од Британскиот музеј во Лондон прикажува како зачуваната релјефна скулптура (метопата*) изгледала во времето кога била поставена на венецот (фризот) на храмот Партенон. Релјефот се чува во Британскиот музеј.

На релјефот е прикажан кадар од кентауромахија, битката помеѓу хеленското племе Лапити и митските суштества кентаври. Подивеаниот кентавр го струполил младичот на земја, во рацете кренати високо држи грнец за вода (хидрија) за да го разбие од неговата глава. Младичот со трепет и страв го гледа лицето на кентаврот, а кружниот штит од левата рака го држи исправено веројатно со намера да се заштити од ударот кој следи. Вајарот Фидија мајсторски работел на овие релјефи, водел сметка не само да ја отслика историјата и верувањата на својот народ, туку сакал и да го долови психолошкиот миг на ликовите, што секако заслужува голема почит и признание.


4. Хеленистички период на хеленското вајарство (околу 323-31 г. пр.н.е.)

Уметноста од овој период значајно се изменила. Додека во класичното вајарство биле застапени делата на хеленските автори кои го величале слободниот демократски живот на Хелените, во времето на хеленизмот* доаѓа до мешање на народите, продирање на културите и силните влијанија од Истокот, така што хеленското вајарство постепено ја губи својата национална основа во творечките теми. Така, во уметноста на хеленистичките вајари не се изработуваат само скулптури или релјефи со ликови и настани од хеленската историја и митологија, туку се претставуваат божества и митски суштества од религиите на други култури. За ваквата состојба во уметноста, и тоа не само во вајарската, придонеле освојувањата и космополитските идеи* на македонскиот освојувач Александар Трети Македонски.
Но, без оглед на културните влијание од Истокот, облиците и стиловите на уметничко изразување на хеленистичките вајари во својата суштина останале хеленски.
Меѓу прочуените имиња кои ни оставиле значајни дела со извонредна вредност се Праксител од Атина, Лисип од Сикион и Скопас од Парос, но и многу други малку познати и непознати уметници од пергамска, родоска и александриска школа кои работеле на разни проекти за изработка на релјефни облици и скулптури по барање на македонските власти од тоа време.