Што е мит?
Зборот мит потекнува од старогрчкиот збор μύθος (на латински mythus) и наједноставно се објаснува како приказна, она што се кажува, раскажува и прераскажува од поколение на поколение. Бидејќи митовите се создавале со усно прераскажување во долг временски период, најчесто некои приказни имале различни верзии. Не се знае точно кога биле создавани митовите, колку е стара нивната содржина, но се претпоставува дека постоеле уште од времето кога постои човештвото, дури од праисторијата. Античките митови ни опстанале до денешен ден затоа што со појавата на писмото и писменоста тие почнале систематски да се запишуваат и препишуваат од еден на друг материјал за пишување и така се зачувале низ времето за да не останат во заборав за следните поколенија. Во нив се среќаваат разни ликови - бележити луѓе, божества, херои (полубогови), митолошки суштества и чудовишта - кои во реалниот свет не постојат и никогаш не постоеле, бидејќи за нив нема материјални докази. Сите ликови во митовите се митски, односно измислени.
Митот не е обична приказна за забавување на младата публика, како на пр. бајката, тој е, пред сè, света приказна создадена за да се објаснат некои нешта кои на луѓето во далечното минато им биле многу нејасни, тешко несфатливи и недопирливи.
Митолошки суштества и чудовишта |
Тебанскиот крал Ојдип и сфингата |
Преку митот се објаснувале појавите, предметите и одвивањата во природата и светот, затоа што човекот од минатото не се раководел според научните сознанија, туку неговата фантазија била клучот за објаснување на несфатливото. Умот на античките луѓе бил митски, многу поинаков од умот на современите луѓе, тие светот не го восприемале и доживувале како што ние го восприемаме и доживуваме денес.
Како античките народи го доживувале светот и сите негови пројави?
Ѕевс громовник, врховен бог во митологијата на старите Хелени и Римјани. Римјаните го нарекувале Јупитер. |
Што е митологија?
Титанот Прометеј го дал огнот на луѓето и ги научил како да го создаваат. Го сметале за создател на човекот. Тој човекот го создал од глина, а божицата Атена му вдахнала душа. |
Хеленската митологија ја сочинува збирката на митови на старите Хелени, римската митологија ја сочинува збирката на митови на старите Римјани, египетската митологија на старите Египјани, словенската митологија на старите Словени, средноамериканката митологија на Маите, Ацтеките и Олмеците, норвешка митологија на старите германски племиња (Викинзи) и др.
Митските приказни ги има во голем број со обемна содржина. Затоа истражувачите нив ги групирале според темите што ги обработуваат и ги поделиле на следните видови:
1) Космогониски митови, оние што раскажуваат за настанокот на вселената и светот;
2) Теогониски митови, оние што раскажуваат за создавањето и раѓањето на боговите;
3) Есхатолошки митови, оние што раскажуваат за крајот или уништување на светот;
4) Култни митови, оние што го објаснуваат негувањето на некој култ, изведувањето обреди, празнувањето, одржувањето свечености и сл. Тие раскажуваат и за животот и делото на хероите (полубоговите);
5) Лунарни, соларни и астрални митови кои раскажуваат за создавањето на небесните тела (Месечината, Сонцето и ѕвездите);
6) Вегетативни митови, оние што ги објаснуваат промените кои настануваат во природата со смената на годишните времиња;
7) Ајтиолошки митови, оние што го објаснуваат потеклото на некои нешта како што се пченката, тутунот, водата, огнот, животните, болестите и страдањата и др. Во митот за Прометеј се објаснува како луѓето го добиле огнот, во митот за Пандорината кутија се објаснува како во светот се појавиле болестите и страдањата, во средноамериканските култури постојат митови за појавата на пченката.
Атинскиот крал Тесеј во борба со Минотаурот во лавиринтот на критскиот крал Миној. |
Книжевни извори:
1. В. Димовска-Јањатова, В. Томовска, Класичната култура во европската цивилизација, Графички Центар ДООЕЛ, Скопје, 2010
1. В. Димовска-Јањатова, В. Томовска, Класичната култура во европската цивилизација, Графички Центар ДООЕЛ, Скопје, 2010
2. Sylvie Baussier, Mythologies, Éditions FLEURUS, Paris, 2000
No comments:
Post a Comment