ВКУПЕН БРОЈ НА ПРЕГЛЕДИ

28 February, 2015

Увод во хеленската и римската митологија

УВОД ВО ХЕЛЕНСКАТА МИТОЛОГИЈА

Една од најразвиените митологии во Европа е хеленската митологија. Тоа е создавана во античкото време и ни ги открива религиозните погледи на Хелените што живееле во Хелада и во средоземјете, нивното верување во многу богови, божици, полубогови, херои и други измислени митолошки суштества како: кентаури, сатири, нимфи, сирени, џинови, чудовишта итн. На основа на хеленската митологија настанала нивната многубожечка религија.
Планината Олимп - живеалиштето на хеленските богови.
Највисокиот врв на планината, Митикас, изнесува 2919 м.
КОЈ ГИ ИЗМИСЛИЛ БОГОВИТЕ?

Хелените сметале дека епските поети Хомер и Хесиод ги создале приказните за боговите и хероите, бидејќи тие ги измислиле, им дале имиња и ги опишале нивните ликови. Сепак, современите истражувачи утврдиле дека имињата на боговите и нивните карактеристики им биле познати на Хелените уште пред времето на Хомер и Хесиод.

Прометеј го создава првиот човек. Римски саркофаг од
IV-от век н.е. Покрај создателот Прометеј, на релјефната

скулптура се прикажани олимпските богови кои се
сведоци на настанот. На почетокот на XIX-тиот век,
саркофагот е откриен во еден мавзолеј во Поѕуоли.
Денес се чува во Националниот археолошки музеј
во Неапол (Италија).
КАКОВ ОБЛИК ИМААТ И КАДЕ ЖИВЕАТ БОГОВИТЕ?

Ларариум
Боговите во хеленската митологија имаат човечки облик, но биле поголеми од смртните луѓе и имале способност да се метаморфозираат (да го менуваат обликот по потреба). Тие биле бесмртни, низ вените им течела златна течност позната како икор, се хранеле со божествена храна амбросија, а пиеле и нектар, нешто како напиток кој ја одржува нивната бесмртност. Кој ќе пробал од нивната храна станувал бесмртен. Боговите живееле на планината Олимп во златна палата каде што имало капија за влез што ја чувале Хорите, ќерки носителки на годишните времиња.

ШТО Е ТОА МИТОЛОШКИ КИЛОС?

Херакле ја убива лернајската
Хидра
. Групната скулптура се
чува пред Хофбург Палата (крило
на св. Михаил), Виена (Австрија).
Хеленската митологија е составена од различни видови на митови: космогониски, теогониски, култни итн. Од култните митови најпознати се митот за јунакот Тесеј, митот за Персеј или митот за Херакле (Римјаните го викаат Херкул). Исто така, некои други митови биле здружени во поголема митолошка целина наречена митолошки киклос или митолошки круг. Таков митолошки киклос е тројанскиот, кој ги обединува митовите врзани за тројанската војна. Оттаму дознаваме како Ахил ја добил својата бесмртност или како тројанскиот принц Парис ја предизвикал тројанската војна со доделувањето на златното јаболко на божицата Афродита.

КОЈ ГО СОЗДАЛ ЧОВЕКОТ? 

Хелените не биле јасни кога станува збор за митови кои раскажуваат за настанувањето на човекот. Според една митска приказна, титанот Прометеј го направил човекот од глина, а божицата Атена му вдахнала душа и го оживеала. Според друга митска приказна, се верувало дека луѓето се едноставно „самоникнати од земја“, како што никнуваат растенијата или како што се раѓаат некои подземни животни. 

ВО КАКВИ ДОМАШНИ БОЖЕСТВА ВЕРУВАЛЕ РИМЈАНИТЕ?

Гениј и семејните Лари
Римската митологија настанала врз основа на хеленската, бидејќи Римјаните веруваат во истите богови, само што им ги смениле имињата. На пример, Хелените врховниот бог го нарекуваат Ѕевс, а Римјаните го нарекуваат Јупитер, а всушност станува збор за ист бог со истите особини. Во римската митологија се сретнуваат и други обоготворени суштества како што се гении, Лари, Пенати и Мани. Римјаните верувале дека секој маж и жена со раѓањето имаат по еден гениј, а тоа е дух кој им вдахнал живот и им бил личен заштитник. Пенатите биле духови заштитници на домашното огниште и на мирот во државата. Ларите биле духови на починатите предци, ги сметале за заштитници на обработливото земјиште, на крстопатите по градовите и селата. Маните биле заштитници на душите на мртвите.

18 February, 2015

Елевсински мистерии

ШТО ПРЕТСТАВУВАЛЕ ЕЛЕВСИНСКИТЕ МИСТЕРИИ?

Елевсинските мистерии (стгрч. Ἐλευσίνια Μυστήρια) претставувале тајна богослужба основана во градот Елевсина под влијание на култот на божицата Деметра и нејзината ќерка Персефона која се вршела речиси 2000 години. Почетоците на овие мистерии датираат уште во времето на древните Микенци (староседелците на Хелада), приближно 1800—1200 год. пр. н.е., а се одвивале и низ мрачното доба (1100 – 800 год. пр. н.е), така што опстанале популарни дури низ целиот антички период. Подоцна биле прифатен и од страна на старите Римјани кои ги одржувале во римските градови. Покрај Дионисиите, Ленеите и Панатенеите, кои биле јавни свечености, мистериите биле тајни и затоа за нив малку се знае како се славеле. За секој посветен човек важел светиот завет - молчењето, односно никој не смеел да открие јавно што се случувало за време на мистериите, казната се плаќала сурово со смрт.

ЗОШТО СЕ ОДРЖУВАЛЕ ЕЛЕВСИНСКИТЕ МИСТЕРИИ И КОЈ МОЖЕЛ ДА УЧЕСТВУВА ВО НИВ?

Имено, како што претпоставуваат истражувачите на античките религии, со посветување во мистериите човекот се доближувал до боговите со ветување дека ќе се здобие со божеска моќ и со награда во задгробниот живот. Хелените ширум Хелада, па дури и населението кое живеело во границите на Римското Царство, заминувале на поклонение во Елевсина и Атина со цел да се посветат во мистериите и да учествуваат во тајните обреди. Право на посветување имал секој маж, жена, туѓинец или роб, но само доколку немаат потчинето убиство и доколку го говорат старогрчкиот јазик.

МИТОТ ЗА ДЕМЕТРА И НЕЈЗИНАТА ЌЕРКА ПЕРСЕФОНА КАКО ПРИЧИНА ЗА СОЗДАВАЊЕ НА ЕЛЕВСИНСКИТЕ МИСТЕРИИ

Деметра, Триптолем и
Персефона
Хад, богот на мртвите и подземниот свет, многу се вљубил во Кора, ќерката на божицата Деметра, па од подземјето се искачил на Олимп да го праша неговиот брат Ѕевс дали може да ја земе за сопруга. Ѕевс, несакајќи да ја налути Деметра, му возвраќа на Хад дека ниту се противи, ниту го прифаќа тој брак. Хад, задоволен од Ѕевсовата рамнодушност, се решава самиот да ѝ пристапи на Кора и да ја придобие како негова идна жена во подземниот свет. Тоа и се случило еден ден кога Кора се шетала на елевсинските полјани берејќи булки од земјата. Наеднаш земјата се отворила, од пукнатината излегол невидливиот Хад, кој патем го користел неговиот шлем за да биде незабележан и ја грабнал убавата Кора. Таа во лелек барала помош, но залудно, немало никој во близина да ја избави од оваа неволја. Деметра, кога дознала дека нејзината ќерка исчезнала, ја барала насекаде по земјата. Се распрашувала дури и кај смртниците, престорена во постара жена. Триптолем, синот на елевсинскиот крал Кенеј и Метанејра, ѝ соопштил дека пред девет дена заедно со неговите браќа слушнале женски глас со повик за помош, а и истите осведочиле дека загубиле неколкубројно стадо овци кои ги голтнала самата земја. Кога ѝ рекле дека виделе црна кочија која ја влечеле сиви
Калихорон или Бунарот на убавите
танчерки
.
коњи без возач, Деметра се упатила кај богот Хелиј (Сонце) да признае што видел тој ден. Хелиј го открива виновникот. Деметра веднаш му се насрдила на Ѕевс поради неговата рамнодушност, па како одмазда ја покрила земјата со неподнослива суша и недостиг на храна, бидејќи самата управувала со житните култури и плодноста на растителниот свет. Ѕевс се одлучил да го реши проблемот заедно со неговата мајка Реја. Му пратил порака на Хад преку Ирида, Ѕевсовата гласничка, дека мора да ја ослободи девојката, оти вака со суша и глад ќе пропадне нивната слава врз луѓето, а на Деметра ѝ испратил порака дека нејзината ќерка ќе ја добие назад во светот само под еден услов, доколку не касне од плодовите што растат во подземјето. При враќањето, слугата на Хад, Аскалаф, му открил дека во подземјето Кора каснала седум семенки од калинка неможејќи да ја издржи гладта. Кога Деметра дознала дека нејзината ќерка каснала од подземната храна, се исплашила да не ја загуби засекогаш. Но, Ѕевс одлучил да направи компромис. На Хад му ветил дека Кора, наречена Персефона, ќе живее со него пет месеца во подземјето, додека во седумте преостанати месеци ќе престојува кај нејзината мајка Деметра, во светот на живите. Божицата Хеката се понудила да води сметка за договорот и да ја варди Персефона. Овој мит, всушност, ја објаснува смената на годишните времиња. Кога е Кора кај Деметра, таа е радосна и ги посејува полињата, се грижи за нивното зреење и жетва, ја зголемува плодноста на земјата да раѓа сочни овоштија и зеленчуци за исхрана на луѓето и живиот свет (пролет, лето). Кога доаѓа редот Хад да ја носи кај него во подземјето, Деметра се загрижува и е натажена, го запоставува растителниот свет кој замира без нејзино влијание (есен, зима). Ова кружно будење и замирање на природата е причина за создавањето на култот спрема божицата Деметра и тајните свечености наречени елевсински мистерии.


Прегледајте ја оваа 13-минутна анимирана приказна за Персефона и Хад која на забавен и визуелно впечатлив начин Ви го пренесува митот за Деметра и нејзината ќерка Персефона. (Animated Tales of the World)



РАЗНИ ПОГЛЕДИ ОД ТЕЛЕСТЕРИОНОТ - СВЕТОТО ОБРЕДНО МЕСТО ВО ЕЛЕВСИНА
КОГА И КАКО СЕ СЛАВЕЛЕ МИСТЕРИИТЕ?

Елевсинските мистерии се славеле кон крајот на септември, траеле девет дена, секој ден посветените морале да извршуваат одредени обреди. Пред првиот ден на празнувањето, сите учесници или мисти се собирале во градот Елевсина, 20км североисточно од Атина, од каде што во поворка патувале сè до плоштадот на Атина носејќи со себе свети заветни  дарови наречени хиерá
Притиснете врз картата за да ја видите
местоположбата на Елевсина и Атина
Тука, пред храмот на Деметра, даровите ги собирал високосвештеник Хиерофант и ги сместувал во тајна одаја на храмот. Следниот ден, односно на првиот ден од празнувањето, на градскиот плоштад (агорá) свечено се отворале мистериите и се избирале учесници кои требале да бидат посветени. Вториот, третиот и четвртиот ден се вршеле жртвени обреди во морето покрај пристаништето Фалерон. Имено, секој учесник влегувал во морето носејќи в рака прасенце за прочистување и жртвување. На четвртиот ден, учесниците во поворка се враќале повторно назад кон Елевсина
Плутонион - светилиште на богот Хад во Елевсина
носејќи ги светите заветни радови и еден кип на малиот бог Јакхо. По пристигнувањето одмарале во починка, се прочистувале и се воздржувале од храна сè до приквечерина. Постот го завршувале со напиток наречен „кикејон“, каша смешана со вода, листови од нане и пченични зрна. Зрната во напитокот се симбол на Персефона, ќерката на Деметра, која умира, заминува во подземниот свет и повторно се раѓа. За разлика од Дионисиите, за време на елевсинските мистерии не се пиело вино. Од петтиот до деветтиот ден нема податоци за тоа како се одвивале овие мистерии поради светиот завет на молчење. Според некои сведоштва, мистите (посветените учесници) влегувале во светиот простор наречен Телестерион, каде што се вршеле тајните обреди. Внатре се барало од нив да изговорат одредена реченица (синтема) во вид на лозинка, за да ја покажат нивната подготвеност за тајните обреди. По завршувањето на тајните обреди во чест на мртвите се вршело излевање на посветена вода во источен и западен правец. Потоа посветените се враќале назад во Атина.


Толковник на непознати поими и изрази:

Мистерии - тајни обреди во кои можеле да учествуваат само посветените граѓани (мисти).

Кора - Персефона, ќерка на Деметра, а сопруга на Хад. Ја викале Кора, а името Персефона ѝ го дал Хад.

Хиера - Заветни дарови за кои не се знае како точно изгледале. Тие биле чувани во тајната одаја на храмот на Деметра за да се посветат, а потоа им биле враќани назад на учесниците во мистериите.

Јакхо – младешки бог, син на Ѕевс и Деметра. Го нарекуваат и светлоносец, бидејќи се верувало дека тој го носи факелот за време на ноќното патување на поворката од Атина кон Елевсина. Четата од мисти носејќи го неговиот кип извикувале „Јакхо, о Јакхо!“.

Телестерион - свето место во Елевсина во коeшто се изведувале тајните обреди.

Книжевни извори:
1. R. Gordon Wasson, Albert Hofmann, Carl A. P. Ruck, The Road to Eleusis: Unveiling the Secret of the Mysteries, North Atlantic Books, 2008

Електронски извори:
1. http://romeartlover.tripod.com/Eleusi.html

13 February, 2015

Кумајска сибила

Во антиката познати се повеќе сибили или жени кои имале пророчки моќи да ги претскажуваат идните настани и случувања. Називот сибила е од грчко потекло (ст.грч. σίβυλλα) и значи пророчица. Историографските извори ни откриваат дека во антиката биле познати многу сибили, но, бидејќи не се зачувани нивните вистински имиња, тие биле препознавани по местата каде што се наоѓаат нивните пророчишта и каде што ја извршувале својата света должност по налог на богот Аполон. Меѓу попознатите биле кумајската, еритрејската и делфиската сибила.

Сликарски приказ на кумајската сибила

ЗА КУМАЈСКАТА СИБИЛА

Карта на Јужна Италија
Кумајската сибила е една меѓу првите во античкиот свет. Таа живеела во грчката колонија Кума (лат. Cumae) во близина на Неапол, денешна Италија. Во 1932 год. од страна на Амедео Мајури е откриена пештерата во којашто живеела кумајската сибила, како што тоа ни го пренесуваат античките пишани извори. Пештерата е во облик на трапезоиден ходник долг 131 метар кој на крајот завршувал со правоаголна одаја во којашто седела пророчицата. Во пештерата имало отвори за влез на надворешна сончева светлина поради осветление, но и за слушање на одекот (ехото) на сибила, а постоело верување дека сè уште ги искажувала пророштвата кои требале да се случат и покрај нејзиното исчезнување.

СИБИЛА ВО МИТОЛОШКИОТ ЕП МЕТАМОРФОЗИ ОД ОВИДИЈ

Сибилска пештера
Постои мит во епот „Метаморфози“ од Овидиј кој раскажува дека богот Аполон побарал од младата сибила да му стане љубовничка, а за возврат тој да ѝ исполни некоја желба. Сибила во раката зграпчила грутка песок и побарала од Аполон да ѝ подари толку години живот колку што ги има зрнцата песок во нејзината рака задржувајќи го цветот на младоста. Аполон ѝ ја исполнил желбата, но напротив, таа не му возвратила со љубов. Навредениот Аполон ја казнил со вечна старост и изнемоштеност. Како што стареела нејзината снага, така нејзиното тело се смалувало и на крајот станала толку малечка што продолжила да живее во шише. Подоцна само одекот од нејзиниот глас останал да се слуша.

ЛЕГЕНДА ЗА ДЕВЕТТЕ КНИГИ НА ПРОРОШТВА

Во римската легендарна историја постои запис кој раскажува дека во времето на римскиот крал Лукиј Тарквиниј Горделивиот, кој бил и последен во кралството, во неговиот дворец се појавила непозната старица која со себе носела девет книги. Посакала да се види со кралот за да му продаде нешто. Објаснувајќи му дека во книгите се запишани сите идни настани во кралството, му ги понудила да ги купи за десет таланти злато. Кралот ја одбил понудата, при што старицата фрлила три книги во пламенот да изгорат, а потоа му ги понудила останатите шест за иста цена. Кралот
Последниот
римски крал
Тарквиниј повторно ја одбил понудата сметајќи дека е бесмислена и дека книгите не вредат за златните таланти. Старицата ги фрлила во пламен да изгорат и следните три книги, а потоа му ги понудила останатите три безмалку за истата цена. Потоа кралот се премислил, ѝ ги подал десетте таланти злато и конечно ги купил останатите три книги во кои имал можност да прочита, за жал, само мал дел од пророштвата кои биле во врска со неговото кралство. Откако си заминала од дворецот на кралот Тарквиниј, исчезнала засекогаш. Овие книги биле сместени во внатрешноста на храмот на Јупитер кој се наоѓал на ридот Капитол во Рим, а биле отварани за читање во време на неизвесни политички и општествени настани.


Толковник на непознати поими и изрази:

Делфиска сибила – не станува збор за свештеничката Питија од Делфи, туку за посебна пророчица.

Грчка колонија - места што старите Грци (Хелени) ги населувале надвор од Хелада. Постојат грчки колонии во Мала Азија, покрај Црното Море, во Италија (некогашен центар на римското царство), северните делови на Африка и др. Конкретно, кога станува збор за Кума, се мисли на грчка колонија во Италија.

Талант - стара мерка за тежина. Атинскиот талант изнесувал 24 кг, а римскиот 32 кг. Доколку станува збор за злато, тогаш се подразбира колку килограми злато е еден талант.

Лукиј Тарквиниј Горделивиот (лат. Lucius Tarquinius Superbus) – седмиот и последниот римски крал кој владеел со римското кралство некаде околу 535 до 509 год. пр.Хр. По распаѓањето на кралската династија, Рим станува република.

10 February, 2015

Храмот и пророчиштето на богот Аполон во Делфи

Реконструкција на храмот на богот Аполон во Делфи 
Автор: Џовани Руџеро
По пошумените падини на планината Парнас во Хелада лежат светите рушевини на Делфи, најпрочуениот и најпосетениот верски центар во антиката. Во Делфи се наоѓа познатото светилиште посветено на богот Аполон, светлоносецот, дарителот на пророчки и мистични моќи и учителот по уметнички и музички вештини.


На оваа карта се претставени светилишта во Хелада и
хеленските колонии посветени на олимпските богови.
Обиди се да го пронајдеш градот Делфи во кое се наоѓало
светилиштето на богот Аполон. На картата со жолта боја
се обележани градовите чиј заштитник им бил Аполон.

Светилиштето го сочинуваат: храмот на Аполон (денес во рушевини), пророчиштето на Аполон (кое било сместено во внатрешноста на храмот со посебна света подрумска просторија), светите води во пештерата Корикејон (каде што живееле три немејски нимфи, Корикеја, Клеодора и Мелајна, како и шумскиот бог Пан), Касталиските извори,
Рушевини од храмот на Аполон во Делфи
Толосот на Атена Нике, стадионот за тркачки натпревари, светиот пат што водел до светилиштето, театарот, ризниците, мусејонот и др. Храмот посветен на Аполон е изграден во IV век пр.Хр., но според археолошките наоди, тој лежи врз темелите на два постари храма кои претходно биле изградени во VI и VII век пр.Хр. 

Се смета дека во далечната историја ова место било посветено на Кибела (или Реја), божицата мајка, а подоцна Аполон го запоседнал каде што му бил подигнат неговиот храм. Митот раскажува дека папокот на светот и Касталиските извори ги чувала змија позната како Питон, којашто била заклана од Аполон.

Толосот на божицата Атена во Делфи
Толосот на божицата Атена (фотографија лево) во рушевини се наоѓа во непосредна близина на Аполоновиот храм. Бил изграден во 380 год. пр. н.е. од страна на архитектот Теодор од Фокида. Точно не се знае за што се користела градбата, дали за некои верски обреди или за нешто сосема друго. Атинскиот патеписец Павсанија во II-от век н.е. толосот го затекнал во рушевини, но воопшто не споменува дека бил светилиште.

Стадион за тркачки натпревари во Делфи
Според хеленската митологија, Ѕевс од двете страни на светот пуштил два орела во лет за да утврди каде е средиштето (папокот) на светот, орлите се пресретнале и разминале во Делфи, па така Делфи станал средиштето во кое секој Хелен го барал своето духовно засолниште, но и пророштвата за неизвесната иднина која му претстои.

Тркачки стадион во Делфи (фотографија лево) подигнат уште во V-от век пр. н.е. во подножјето на пл. Парнас. Богатиот атински софист и римски конзул, Херод Атик, го помогнал подигнувањето на варовничките седишта кои се зачувани до денешен ден.
 

Ризницата на Атињаните во Делфи
Ризницата на Атињаните (фотографија десно) е меѓу највпечатливите и најважните градби во Делфи. Во неа биле чувани трофеите и заветните дарови кои Атињаните му ги подариле на богот Аполон во негова чест. Ризницата била подигната во V-от век пр. н.е. за да ја симболизира превласта на демократијата врз тиранијата. Атинскиот патеписец Павсанија, пак, тврди дека градбата била подигната во чест на маратонската битка во 490 год. пр. н.е. кога Атињаните успеале да ги совладаат многубројните персиски војски и да обезбедат мир во хеленските територии. Материјалот од кој била изградена бил пароскиот мермер. Оваа ризница одвнатре била целосно украсена со релјефни скулптури и натписи на кои биле отсликани и прикажани настани со митолошка, историска и религиозна содржина.

Црвенофигурален килик (чинија) изработен
во V-от век пр. н.е. на кој е насликана сцена
со пророчицата Питија (лево) седната на
триножник каде што во левата рака држи
чинија со изворска вода, а во десната ловор.
Десно од столбот е свештеникот толкувач на
нејзините пророштва.
Хелените ширум Хелада, па и далеку во колониите, доаѓале на поклонение во Делфи за да му однесат подароци на Аполон и да побараат одговори од пророчиштето сместено во внатрешноста на храмот. Имено, задниот дел од храмот се викал адитон којшто имал подрумска просторија. На триножно столче поставено над подземен процеп седела пророчица по име Питија која пророкувала под дејство на подземните гасови и пареата што испарувале од длабочината на процепот. Во едната рака држела ловорови лисја, а во другата чинија со вода од изворот Касотис каде што го насочувала погледот. Нејзините пророштва не биле јасни и разбирливи, бидејќи под дејство на подземните гасови таа запаѓала во полусвесна состојба, а речениците  кои ги изговарала биле смисловно несврзливи. До неа стоел свештеник кој преведувал на табличка сè што слушал од Питија, а потоа пророштвото го толкувал и им го пренесувал на оние што барале одговори на поставени прашања за иднината (види долу на сликата). Според преданието, преку Питија говорел Аполон, што значи дека таа била посредник во комуникацијата на луѓето со божеството.
Омфалос. Се чува во
Археолошкиот музеј во
Делфи.
Во историјата немало само една единствена Питија, се менувале со текот на времето, но секоја од нив морала да биде чесна и посветена свештеничка на Аполон за да ја здобие оваа посебна улога која ѝ ветувала голема слава низ хеленскиот свет и пошироко.

Во храмот се наоѓал и папокот како симбол за средината на светот, а Хелените го викале омфалос. Се верувало дека папокот го симболизира не само средиштето на светот, туку и местото каде што Аполон го закопал Питон, подземната змија. Според други извори, Хелените верувале дека папокот го симболизира каменот во превивки што Реја му го дала на Крон да го голтне, мислејќи дека е Ѕевс. Денес во делфискиот археолошки музеј се чува копијата на оригиналот.

Книжевни извори:
 

1. Arthur Fairbanks, A Handbook of Greek Religion, American Book Company, 1910

Електронски извори:
 

1. http://odysseus.culture.gr/h/2/eh2530.jsp?obj_id=4927

04 February, 2015

Богот Дионис и неговиот култ во античка Хелада

Тој е бог на гроздоберот, производството на виното, веселбата и радосниот занес. Хелените го познавале, пред сè, како Дионис (ст.грч. Διόνυσος), а бил познат и под имињата епитети: Јакхо, Ѕагреј, Елефтериј, Сабаѕиј, Лиај и многу други. Во римската митологија го носи името Бакхо.

На оваа црвенофигурална ваза е претставен едноставен опис на богот Дионис. Облечен во долг набран машки хитон, овенчан со лозово венче, со пуштена долгонавеста црна брада и коса во кадрави плетеници, тој заносно танцува во свој ритам. Во десната рака држи рог за пиење на вино, додека во левата држи симболичен жезол наречен „тирс“ кој на врвот има протната шишарка.

Дионис со неговиот тијас. Тијасот е дружината на Дионис кои го следеле насекаде каде што тој се појавувал. Во тијасот учествувале жените Мајнади (едната лево, другата десно од Дионис) и сатирите, двата мажи десно и лево од Мајнадите. Сатирите, според верувањата на старите Хелени, биле шумски духови кои имале карактеристичен изглед. На оваа ваза се насликани вистински мажи кои го имитирале изгледот на сатирите со коњска опашка, јаречко лице и долга брада. Дионис е претставен седнат на почесен престол со кантар во раката полна со вино од која истекува виновата лоза. Вазата е атички црнофигурален кратер-псиктер. Изработен е околу 525 год. пр.н.е., широк 36.2 см, во дијаметар 40.5 см. На вазата е потпишан некој вазен сликар по име Антимен. Денес вазата се чува во музејот Лувр во Париз (Франција).

МИТОТ ЗА РАЃАЊЕТО НА ДИОНИС

Хелените особено му се восхитувале на митот за неговото раѓање, кое било чудесно според преданието. Ќерката на Кадмо, Семела, била неговата мајка, смртничка од човечкиот род, за разлика од таткото на Дионис, кој бил Ѕевс, семоќниот бог и врховниот управител на Олимп. Сопругата на Ѕевс, Хера, дознавајќи за оваа прељуба, се престорила во бабица и се здружила со Семела. Ја наговорила дека таткото на детето што го носи е богот Ѕевс и дека треба да го повика да се појави во сето обличје. Една вечер во нејзината куќа таа го повикала Ѕевс за да потврди дека е таткото на детето. Тој ја молел да се откаже од оваа намера, но бидејќи била упорна ѝ се појавил во вистинскиот божески лик. Ова било смртоносно за Семела, затоа што секој оној што ќе го види Ѕевс со сопствените очи, умира горејќи од пламенот што сјае и сија од неговото божествено тело. Додека ѝ горело телото од пламенот, Ѕевс го извадил недораснатиот Дионис од нејзината утроба и го сместил во неговото бедро, го зашил и затворил процепот, со цел да го спаси неродениот син. Потоа заминал на една планина и неколку месеци подоцна го родил, а потоа го предал на стариот сатир Папосилен и на шумските нимфи Ниси да го израснат и одгледаат во детството. Заради оваа добродетел, Нисите ги наградил воздигнувајќи ги и овекувајќи ги меѓу ѕвездите како Хејади.

На црвенофигуралната ваза (фотографија десно) Дионис е централен лик. Новороденчето излегува од бедрото на богот Ѕевс. Тој е претставен како бебенце кое носи венче од лозови лисја, ги пружа неговите раце за да биде земен во прегратки од страна на божицата која го помага пораѓањето. Ѕевс е наслонет на некој рид, го придржува царскиот жезол околу левата рака. Зад него стои богот Аполон, над него шумскиот бог Пан, а оној што одоздола набљудува нагоре е богот Хермес, кој очекува Дионис да се роди за да го прими и однесе на згрижување и чување кај Папосиленот и Нисијадите (шумските нимфи). Божицата ги испружила рацете за да го грабне Дионис. Се претпоставува дека божицата до Ѕевс е Хера, неговата сопруга, поради царскиот жезол што го таа го носи и дијадемата на нејзината глава. Таа сакала да го грабне бебето, бидејќи тоа е зачнато од љубовницата на Ѕевс, тебанската принцеза Семела.

Вид на ваза: килик (чинија) насликан во црнофигурален стил. Висината на киликот е 13.6 см во дијаметар од 30.5 см. Период: Насликана околу 540 год. пр. н.е. од страна на Ексекијас Тема: Богот Дионис држи кантар со вино во рака, прилегнат во пиратски кораб, додека едрото на бродот е целосно обраснато со винова лоза. Покрај коработ пливаат делфини. Делфините се преобразени пирати кои сакале да го опљачкаат Дионис кога влегол во коработ да патува. Откако им покажал дека е бог, претворајќи се во силен лав и рикајќи громогласно, пиратите се вџашиле и рипнале во морето да се спасат. Дионис ги престорил во делфини како казна. Оваа сцена е опишана во Химната за Дионис од поетот Хомер (стихови 35-53). Вазата се чува во Државната уметничка збирка на антиквитети (Staatliche Antikensammlungen) во Минхен, Германија.

ПАТЕШЕСТВИЈАТА НА ДИОНИС

Папосилен и малиот Дионис. Според митот за
раѓањето на Дионис, откако богот Ѕевс успеал да
го сокрие од гневот на Хера, тој им го предал на
нимфите Ниси да го одгледаат во детството. Исто
така, побарал и Папосиленот да се грижи за него
сè до неговото созревање.
Скулптурата е римска копија на загубен хеленски
оригинал. Изработена е од мермер и се смета
дека изворно ја извајал вајарот Лисип околу
310-300 год. пр. н.е. Денес се чува во Рим, во
Ватиканските музеи.
По созревањето, Дионис го открил одгледувањето на виновата лоза, а потоа и цедењето на драгоцениот сок од гроздовите зрна во вино, но љубоморната Хера го погодила со лудило и бес што го натерало да скита низ далечни земји во Стариот свет. Во Фригија, божицата Кибела го излекувала, го научила на свети обреди, а потоа тој заминал на далечен пат во Азија дури до Индија со цел да ги научи народите како да го одгледуваат грозјето и да произведуваат од него вино. По неговите макотрпни патешествија, се вратил назад во Хелада и ги повикувал луѓето да го обожуваат и да го следат. Некои хеленски кралеви не биле задоволни од намерата на Дионис да се постави меѓу боговите на Олимп, сметајќи дека кај младите може да создаде нескротливо лудило преку неговите учења за безгрижно живеење. Меѓутоа, покрај отпорот, Дионис постепено навлегува во животот на Хелените и го добива почесното место на олимпски бог.

ТИЈАСОТ НА ДИОНИС

Дионис е облечен во кожна носија од леопард, во едната рака држи кантар (античка чаша со големи рачки), рог или киликс (чинија со грозје), а во другата тирс, односно жезол кој на врвот имал поставена шишарка. Според преданието, тој живее во шумските лагови придружуван од страна на мистични суштества, Сатирите, Силенот и Мајнадите кои се неговиот тијас (дружина). За разлика од Дионис, тие имале смртна природа и биле во облик на луѓе со животински карактеристики. Сатирите имале изразено и озарено лице со мали рокчиња или увиени јаречки рогови, зашилени уши, коњска опашка и во некои случаи, наместо стапала, козји копита. Силенот е старец, водач на Сатирите, а Мајнадите се жени кои низ шумата испуштале гласни крици и се хранеле со свежо животинско месо.


Крунисувањето на Дионис
Дел од големиот мозаик од Тиздар, Тунис (Северна Африка).  На него се претставени крунисувањето на Дионис (лево), два сатири и една Мајнада кои на раце го придржуваат опијанетиот Силен. Силенот е старец и мудрец, предводник на сатирите и посветен следбеник на Дионис. Тие го носат да го прикачат на грбот на магарето кое рика. Фотографијата е во сопственост на Dennis Jarvis.

Театарот на Дионис „Одејон“ во Атина
Во стара Атина го нарекувале тетар на Дионис Елевтериј, бил еден од отворените и најстарите театри во Хелада. За време на Дионисиите во него се одржувале драмски натпревари. Хеленските театри биле подигани во широки димензии, особено водејќи сметка за акустичните својства, односно како треба да се изгради за да звукот на глумците и хорот одекнува до последните редови во гледалиштето каде што публиката ги следи претставите. Според сознанијата од древните писатели, овој театар собирал публика од 17.000 гледачи. Материјалните наоди во близината на театарот денес се дел од збирката на предмети и артефакти во музејот Акрополис кој е изграден во близина на тетарот, а се забележува и на фотографијата.

КУЛТОТ НА ДИОНИС

Култот што Хелените го создале и развивале спрема овој бог се состои од одгледувањето на грозјето, гроздоберот и производството на виното. На виното најчесто додавале и други состојки како мед, пчелин восок и разни зачини со цел да го зголемат вкусот и лековитото дејство. Од билките бил додаван отровниот бршлен, фикусот и шишарката што предизвикувале пијаност и заносни движења. Неговиот култ се празнувал за време на Големите и Малите Дионисии, но и на Ленаите. Празниците се одржувале за време на зимските месеци декември, јануари и кон крајот на мај, како навестување на пролетта, односно според Хелените, тогаш кога Дионис воскреснува, што се поврзува со неговото двојно раѓање од Семела и Ѕевс, но и со источните верувања во отелотворение (воскреснување по смртта, реинкарнација).

За време на празниците, луѓето се движеле во поворки од различен вид, му пееле дитирамби, посебни обредни песни во чест на овој бог, а потоа уживале во дејството на виното и занeсно танцувале. Исто така, во Атина, во театарот на Дионис (познат како Одејон), се одржувале организирани драмски натпревари. Дента се изведувале три драмски исполнувања, односно тројцата трагедиографи требале да изведат три трагедии и една сатирска игра пред публиката. Пред започнувањето на трагедијата, во орхестрата од театарот, каде што е жртвеникот, му се принесувала жртва на Дионис, коза или јарец, бидејќи драмската уметност тогаш била неодвоива од верските елементи. Победникот добивал ловоров венец и станувал мошне славен во неговото родно место и ширум Хелада.