ВКУПЕН БРОЈ НА ПРЕГЛЕДИ

19 June, 2014

За античката книжевност

Под книжевност се подразбира пишување на книги, односно книжевни дела кои имаат значајна вредност за човештвото. Книжевноста што се создавала на старогрчки и на латински јазик во антиката се нарекува античка книжевност. Книжевноста пишувана на старогрчки јазик се нарекува хеленска, додека книжевноста пишувана на латински јазик се нарекува римска.
Фрагмент од Хомеровиот еп „Одисеја“
кој датира од 1 век пр.н.е.
Димензии: 4.4 цм висина,
1.9 цм ширина.

Според тоа дали книжевните дела се пишувани во стих или проза, античката книжевност се дели на уметничка и прозна. Во уметнички книжевни родови спаѓаат епика, лирика и драма. Тие биле пишувани во стих. Меѓу нив најстара е епиката. Во прозни книжевни родови спаѓаат говорништво, историографија и философија. Овие биле пишувани во проза, а философските дела биле меѓу најистакнатите.

Во антиката книжевните дела ретко биле читани во затворен простор (дома), тие повеќе се слушале или гледале на јавни места, затоа што книгите (најчесто пишувани на папирус) биле недостапни и скапи предмети на древните пазари. Само благородниците што се занимавале со книжевноста (поети, философи, говорници) можеле да си дозволат да купат некој наслов на книга (папирусен свиток).

Во Хелада и во Рим за време на Царството книгите станале луксузен предмет на богатите граѓани. За да не се загубат со текот на времето, книгите биле размножувани со препишување во „антички препишувалници“ (скрипториуми) каде што работеле бројни писари коишто воделе сметка за точноста и читливоста на препишаниот текст од еден на друг папирусен лист.
Фрагмент од папирусен лист со испишан грчки текст
Поради трошноста на папирусот како материјал за пишување, опстанокот на многу книжевни дела бил препуштен на случајноста. Затоа за античката книжевност се вели дека е фрагментарна, односно со други зборови зачувани се само делови од текстот на некоја книга или пак само насловот на книгата.

Толковник на туѓи поими

Епика - книжевна дејност на пишување на епови или епски песни во кои се раскажуваат различни херојски подвизи на боговите, полубоговите и луѓето. Писателите на епските песни се нарекуваат епски поети. Хеленските и римските епски поети ги величаат јунаштвото и славата како најголеми човечки вредности. Зборот епика води потекло од старогрчкиот збор epos (ст.грч. ἔπος) што изворно значи „збор“, а во поширока смисла значи „беседа“ или „јуначка приказна“.

Лирика - книжевна дејност на пишување на песни преку кои лирските поети ги искажуваат мислите, чувствата и расположението. Зборот лирика потекнува од старогрчкиот збор lyra (ст.грч. λύρα) што се однесува на музичкиот инструмент лира.

Драма - буквално „дејство“, а како книжевен род се мисли на драмско дело напишано од антички драмски писател. Драмските текстови ги читале глумците кои истиот текст го користеле за глумење на сцена во антички театар. Во драмите е карактеристично тоа што драмските лица разговараат меѓусебно во директен говор. Зборот води потекло од старогрчкиот глагол drao (ст.грч. δράω) што значи „дејствувам, извршувам“.

Фрагмент - зборот е латинизам и води потекло од латинскиот глагол frango (кршам на делови). Оттука, лат. fragmentum = скршено, одвоено парче.

Философија - буквално „љубов спрема мудроста“, а како книжевен род се мисли на дело напишано од антички философ или мислител кој размислувал за суштинските прашања поврзани со светот и човекот (Што е љубов? Каква треба да биде праведната држава? Дали боговите постојат? Што е добро, а што зло? и др.). Зборот е сложен грцизам од phileo – љубам и sophia – мудрост (ст.грч. φιλοσοφία).