ВКУПЕН БРОЈ НА ПРЕГЛЕДИ

24 December, 2014

Космогониски митови во хеленската митологија

Космогониските митови раскажуваат за настанување на светот и вселената. Најчесто овие митови се сметаат и како теогониски, затоа што во создавањето на светот учествуваат боговите, кои се или создатели на светот и поредокот или самите се раѓаат во текот на создавањето. Ваквите митови во разните култури се сметаат за свети, бидејќи го објаснуваат потеклото на сите нешта, односно на предметите, појавите и промените во природата. Вселената или космосот за античкиот човек не била пространа темна празнина, туку нешто големо, недофатно, што има божественост во себе. Сите богови кои настанале на почетокот се нарекуваат протогени или првородени.

Во хеленската митологија се сретнуваат три космогониски митови кои на сопствен начин го опишуваат настанувањето на светот и на боговите:

1. орфички 
2. пелазгиски (хомерски) и
3. олимпски

Црноличната божица Ноќ (Никта) која е мајка
на сите созданија според орфичкиот космогониски мит.

Според орфичкиот мит, орфичарите раскажуваат дека на црноличната божица Ноќ, од која и Ѕевс трептел, ѝ се додворувал ветерот, па затоа зачнала од него и снесла големо сребрено јајце во страшната темнина на бескрајниот простор. Од јајцето се испилил Ерос, богот на љубовта. Ерос бил златокрилест и двополен. Имал четири глави, така што во одреден миг рикал како лав или бик, шиштел како змија или блеел како овен. Ерос ослободен од космичкото јајце ја создал земјата, небото, сонцето, месечината и водата. Со светот владеела божицата Ноќ сè додека нејзиниот жезол (скиптар) не преминал во рацете на небесниот бог Уран (Небо).


Евринома и нејзиниот
исконски танц низ морето
Според пелазгискиот мит, на почетокот божицата Евринома се подигнала од празниот простор, но бидејќи не нашла ништо цврсто на што би стапнала, ги одвоила водите од небото и почнала да танцува осамена низ брановите. Танцувајќи се движела кон југот, а северниот ветер што го предизвикувала со својот танц ѝ се прикажал како нешто ново, како поттик за создавање. Вртејќи се го пробивала ветерот протривајќи го со раката, а потоа се случило чудо! Ветерот се преобразил во змија наречена Офион. Со цел да се стопли, Евринома продолжила упорно со танцувањето, што кај Офион предизвикало љубовна страст. Тој ја обвиткал со неговото долгонавесто тело, се споил и ја зачнал. Така Евринома забременила.


Офион и космичкото
јајце
Потоа Евринома се претворила во прекрасна гулабица и лежејќи над брановите извесно време снесла космичко јајце. По нејзина заповед Офион седумпати го обвиткувал јајцето да го стопли. Откако долго време го загревал, јајцето се распукало, а од внатрешноста се избиле децата на Евринома, а тие се сонцето, месечината, планетите, ѕвездите и копното со планините, реките, дрвјата, растителниот и животинскиот свет. По создавањето, Евринома и Офион за свој престол ја избрале планината Олимп. Офион еднаш ја навредил Евринома кога рекол дека е единствениот заслужен создател на светот. А таа налутена веднаш му возвратила нагазувајќи го на земја и избивајќи му ги острите заби. Потоа го фрлила во длабочината на земјата наречена Тартар.

Тогаш за управители на сeдумте вселенски сили ги поставила човеколиките титани и титанки: Теа и Хиперион владееле со Сонцето, Фојба и Атлант со Месечината, Диона и Криј со планетата Марс, Метида и Коеј со Меркур, Темида и Евримедонт со Јупитер, Тетида и Океан со Венера и Реја и Крон со Сатурн. Луѓето како последни созданија настанале самоникнати. Првиот бил Пелазг, таткото на сите луѓе. Тој изникнал во областа Аркадија на Пелопонес (јужна Хелада), а по него изникнале сите луѓе. Ги научил да градат колиби, да се прехрануваат со жито, а од свинска кожа да изработуваат облека за затоплување на телото.


Уран
Според олимпскиот мит раскажан од епскиот поет Хесиод, на почетокот од хаосот (темната празнина) се издигнала Гаја (мајка земја) и во сон го родила Уран (татко небо) без да биде зачната од некого. Гледајќи ја со љубовен копнеж високо над планините, Уран го пролеал плодниот дожд во нејзините таинствени пукнатини, а таа ги родила тревата, цвеќињата и дрвјата заедно со дивите ѕверови и птиците. Овој дожд ги излил реките од земјата, а шуплините ги наполнил со вода. Така настанале реките, морињата, езерата и океаните.


Гаја
Првите деца што таа ги родила биле титаните и титанките, но џиновски по својата големина. Последниот титан што го родила бил итриот Крон. По овие новородени деца, Гаја на Уран му ги родила хекатонхејрите (стораки џинови со педесет глави) Бријареј, Гиг и Кот, а потоа и киклопите (тркалезнооките џинови) Бронт, Стероп и Арг, познати ѕидари и ковачи на оружје. Тие живееле во Тракија, а нивните синови живееле во Сицилија, каде на нив наишол Одисеј талкајќи по морето.

Атлант, еден од титаните, кого
Ѕевс го казнил вечно да го држи
небото (Уран) бидејќи му се
спротивставил во борбата против
титаните (титаномахија).
Штом Уран ги здогледал, се згрозил од децата на Гаја, па ѝ наредил да ги внесе во најдлабоката утроба на земјата, во Тартар, за да не ги гледа тие грдосии пред неговите очи. Гаја мошне се налутила, затоа што си ги сакала сите свои деца без оглед на нивниот обличје. Чувствувала стомачни болки, оти не можела да ја издржи тежината на хекатонхејрите и киклопите кои врескале одвнатре и барале излез. Затоа се решила да му се одмазди на Уран. Од земјата исфрлила скован сребрен срп и му го дала на Крон да го употреби во посебна прилика. Гаја го завела Уран да легне врз неа и да ја зачне. Пред да започне љубовниот чин се појавил титанот Крон и му го отсекол половиот орган. Уран вреснал од болка, се повлекол и го напуштил престолот на кој владеел како небесен татко. Од крвта што се излеала се родиле страшните еринии, гигантите и мелоските нимфи. А од семето кое се излило во океанот се родила божицата Афродита, иако се сметало дека била ќерка на богот Ѕевс.

Титанот Крон удобно седи на небесна кочија што ја влечат
змееви. Во десната рака држи срп како симболика на божеството
и како оружје со кое го совладал татко му Уран. Римјаните го нарекуваат
Сатурн. Бакрорезот е изработен од Пјетро Бонато во XIX-тиот век во Рим.
Така Гаја му го доделила почесното место на Крон да биде господар на светот. Неговата сестра Реја му станала сопруга. Времето кога владеел Крон античките народи го сметале за Златно Доба, кога имало благосостојба и праведност. Но сепак, Крон не бил многу праведен. Тој неговите браќа хекатонхејрите и киклопите повторно ги заробил во Тартар како што тоа го направил татко му Уран. За вратарка ја поставил Кампа, еден женски змеј која го имала клучот. Неговите родители го проколнале дека и неговите деца што ќе ги има со Реја ќе се обидат да го симнат од престолот на којшто владее. За да ја избегне оваа казна, Крон ги голтал едно по друго сите деца што Реја му ги раѓала: Деметра, Хера, Хад, Хестија и Посејдон.

Ѕевс во битка со Крон
Штом го родила последното дете Ѕевс, Реја ја замолила Гаја да го сокрие во некоја пештера каде што Крон нема да има можности да го пронајде. Гаја го сокрила во пештера на планината Дикта (на островот Крит), а таму побарала помош од нимфите да го раснат и вардат, а од козата Амалтеја побарала да го дои додека да порасне и да стане моќен бог. Имено, боговите раснеле за брзо време. Во меѓувреме, Реја во превивки замотала еден камен и му го подала на Крон да го проголта мислејќи дека е дете. Додека сè уште бил новороденче Ѕевс постојано плачел. Гаја поставила чувари наречени Курети кои танцувале и плескале со рацете со цел да го прикријат звукот на детскиот плач. Кога Ѕевс закрепнал и станал снажен Гаја му дала напиток за повраќање за да му го подари на својот татко. Ѕевс се појавил пред Крон и му го дал напитокот. Од течноста Крон исповратил сè, првин каменот, а потоа сите проголтани деца, браќата и сестрите на Ѕевс. Ѕевс потоа стапил во војна со титаните и титанките позната во хеленската митологија како титаномахија.

Ѕевс во титаномахија. На сликата е прикажан богот Ѕевс како со
молњите го соборува чудовиштето Тифон. Оддалеку се забележуваат
титаните како фрлаат карпи кон децата на Крон кои откако ќе ги
совладаат ќе воспостават нов поредок во светот. Сликата е во
сопственост на Карлос Парада и Мајкар Ферлаг, основачи на Greek
Mythology Link
(
Genealogical Guide to Greek Mythology
Copyright © 1997 Carlos Parada and Maicar Förlag.
)

Атена во битка со гигантите. Таа се обидува
да ги нападне, но тие се свртуваат во бег. Гигантите
носат лавовска кожа на рацете со која се обидуваат
да се заштитат. Овој мермерен релјеф бил поставен
во нимфајонот во античкиот град Афродисијас во II-от
век н.е. Денес се чува во Археолошкиот музеј во
Истанбул, Турција.
Совладувајќи ги титаните, ги фрлил во Тартар, а ги ослободил само Атлант, Епиметеј, Метида, Океан и Прометеј кои не се кренале на војна против него, а за возврат ги ослободил хекатонхејрите и киклопите кои на Ѕевс, Посејдон и Хад им сковале оружја. Громот му послужил на Ѕевс да го убие чудовиштето Тифон коешто Гаја го родила да се бори против боговите, Посејдон го добил тризабецот, а Хад невидливиот шлем. Во војната против Ѕевс се приклучиле и гигантите, кои имале голема снага, но биле совладани благодарение на херојот Херакле кој би повикан да им помогне од страна на Ѕевс. По завршувањето на војната, Ѕевс со неговите браќа Посејдон и Хад влечеле ждрепка за да ја поделат власта над светот. Ѕевс ја добил власта на небото и земјата, Посејдон на водата, а Хад на подземниот свет. Својот престол боговите го поставиле на Олимп и започнал нивниот поредок.

Толковник на поими:

Орфичари - следбеници на орфичките мистерии кои биле тајни верски собири за кои малку се знае и нема зачувано доволно податоци. Орфичарите создале свој космогониски мит за настанок на светот.

Никта - божица Ноќ.

Тартар - најдлабоката точка на земјата, темна и студена бездна.

Нимфи - женски заводливи божества кои имале прекрасен лик и пребивале  по шумите, изворите, планините, долините и секаде каде што цветала природната убавина.

Гиганти - џинови, кои се родиле од крвта на Уран, а биле жестоки противници на Ѕевс. Тие носеле човечки лик со таа разлика што нозете им биле преобразени во рибји риги со репови. Откако Ѕевс ги совладал титаните, првородената божица Гаја ги повикала да го надвладеат Ѕевс, но не успеале да го уништат. Војната со гигантите во хеленската митологија е позната како гигантомахија.

Книжевни извори:

1. В. Димовска-Јањатова, В. Томовска, Класичната култура во европската цивилизација, Графички Центар ДООЕЛ, Скопје, 2010
2. Sylvie Baussier, Mythologies, Éditions FLEURUS, Paris, 200
3. Robert Grevs, Grčki mitovi, Nolit, Beograd, 199

17 December, 2014

Мит, митологија и видови на митови

Што е мит? 

Митолошки суштества и чудовишта
Зборот мит потекнува од старогрчкиот збор μύθος (на латински mythus) и наједноставно се објаснува како приказна, она што се кажува, раскажува и прераскажува од поколение на поколение. Бидејќи митовите се создавале со усно прераскажување во долг временски период, најчесто некои приказни имале различни верзии. Не се знае точно кога биле создавани митовите, колку е стара нивната содржина, но се претпоставува дека постоеле уште од времето кога постои човештвото, дури од праисторијата. Античките митови ни опстанале до денешен ден затоа што со појавата на писмото и писменоста тие почнале систематски да се запишуваат и препишуваат од еден на друг материјал за пишување и така се зачувале низ времето за да не останат во заборав за следните поколенија. Во нив се среќаваат разни ликови - бележити луѓе, божества, херои (полубогови), митолошки суштества и чудовишта - кои во реалниот свет не постојат и никогаш не постоеле, бидејќи за нив нема материјални докази. Сите ликови во митовите се митски, односно измислени.

Тебанскиот крал Ојдип и сфингата
Митот не е обична приказна за забавување на младата публика, како на пр. бајката, тој е, пред сè, света приказна создадена за да се објаснат некои нешта кои на луѓето во далечното минато им биле многу нејасни, тешко несфатливи и недопирливи.

Преку митот се објаснувале појавите, предметите и одвивањата во природата и светот, затоа што човекот од минатото не се раководел според научните сознанија, туку неговата фантазија била клучот за објаснување на несфатливото. Умот на античките луѓе бил митски, многу поинаков од умот на современите луѓе, тие светот не го восприемале и доживувале како што ние го восприемаме и доживуваме денес.

Како античките народи го доживувале светот и сите негови пројави?

Ѕевс громовник, врховен бог во митологијата
на старите Хелени и Римјани. Римјаните го
нарекувале Јупитер.
Громот за нив било оружјето на богот Ѕевс кое грмело кога врховниот бог бил лут и гневен, земјотресите настанувале кога богот Посејдон бил вознемирен така што со тризабецот ја протресувал земјата, љубовта се јавувала кога богот Ерос предизвикувал љубовна жар кај заљубените, пролетта настапувала кога божицата Деметра ја оживувала природата поради враќањето на нејзината ќерка Персефона од подземниот свет, сите зла на светот дошле поради грешката на убавата жена Пандора која од љубопитност отворила ќупче од кое излетале сите грди нешта поради кои човештвото и светот страдале, луѓето знаат да го создаваат огнот затоа што титанот Прометеј ги научил на таа вештина овозможувајќи им топлина, готвена храна, оружје и други удобства што произлегуваат од огнот, денот го најавува божицата на мугрите Хеја или Аврора кај старите Римјани и многу други примери. Значи, да заклучиме, митовите претставувале средство со чијашто помош древните народи ги толкувале и објаснувале промените и појавите во природата и светот за кои немале објективни сознанија зошто постојат.

Што е митологија?

Титанот Прометеј го дал огнот на луѓето и ги
научил како да го создаваат. Го сметале за
создател на човекот. Тој човекот го создал од
глина, а божицата Атена му вдахнала душа.
Збирката на митови или приказни распоредени според темите што ги обработуваат, а ја сочинуваат раскажувачката традиција на една култура, се нарекува митологија. Митологијата е и научна област која ги истражува митовите на разните култури во светот поделени по подрачја каде што се создале и пренесувале.

Хеленската митологија ја сочинува збирката на митови на старите Хелени, римската митологија ја сочинува збирката на митови на старите Римјани, египетската митологија на старите Египјани, словенската митологија на старите Словени, средноамериканката митологија на Маите, Ацтеките и Олмеците, норвешка митологија на старите германски племиња (Викинзи) и др.

Митските приказни ги има во голем број со обемна содржина. Затоа истражувачите нив ги групирале според темите што ги обработуваат и ги поделиле на следните видови:
 
1) Космогониски митови, оние што раскажуваат за настанокот на вселената и светот;
2) Теогониски митови, оние што раскажуваат за создавањето и раѓањето на боговите;
3) Есхатолошки митови, оние што раскажуваат за крајот или уништување на светот;
4) Култни митови, оние што го објаснуваат негувањето на некој култ, изведувањето обреди, празнувањето, одржувањето свечености и сл. Тие раскажуваат и за животот и делото на хероите (полубоговите);
5) Лунарни, соларни и астрални митови кои раскажуваат за создавањето на небесните тела (Месечината, Сонцето и ѕвездите);
6) Вегетативни митови, оние што ги објаснуваат промените кои настануваат во природата со смената на годишните времиња;
7) Ајтиолошки митови, оние што го објаснуваат потеклото на некои нешта како што се пченката, тутунот, водата, огнот, животните, болестите и страдањата и др. Во митот за Прометеј се објаснува како луѓето го добиле огнот, во митот за Пандорината кутија се објаснува како во светот се појавиле болестите и страдањата, во средноамериканските култури постојат митови за појавата на пченката.

Атинскиот крал Тесеј во борба со Минотаурот
во лавиринтот на критскиот крал Миној.
Хеленската митологија лежи во основата на верскиот систем во Хелада. Приказните служеле како верско четиво кое на Хелените им раскажувало за бурното минато кога светот настанал, кога се родиле првите богови, луѓе, херои, разни суштества, кој го создал човекот, каде заминува по неговата смрт, кој ги научил луѓето да го создаваат огнот итн. Имено, тие длабоко верувале во тоа што го слушале од нивните предци, биле убедени дека севишните богови управуваат со нивните судбини и со светот. Хелените и Римјаните постојано им изразувале почит со молитви, жртвувања и празнувања, се труделе да живеат правично и побожно затоа што верувале дека така би се смилувале над нив и би им помагале да ги остварат желбите и очекувањата кои водат кон спокоен и среќен живот.

Книжевни извори:

1. В. Димовска-Јањатова, В. Томовска, Класичната култура во европската цивилизација, Графички Центар ДООЕЛ, Скопје, 2010
2. Sylvie Baussier, Mythologies, Éditions FLEURUS, Paris, 2000

13 December, 2014

За античкото говорништво


Покрај уметничките книжевни родови, епиката, лириката и драмата, кои биле пишувани во стихови, во Хелада се развиле и прозните книжевни родови, меѓу кои позначајно место има говорништвото. Говорништвото претставува книжевна дејност на составување говори (или беседи) кои се читаат јавно во посебни пригоди со цел да се убедат присутните слушатели.


Солон
При крајот на VII век пр.н.е. во Атина, сиромашните граѓани или демосот добиваат поголеми права за учество во јавниот политички живот. Претходно со Атина управувале само еупатридите, угледните семејства. Ова им го овозможил државникот и законодавецот Солон (стгрч. Σόλων, околу 638 – 558 год. пр.н.е.), кој се смета за татко на атинската демократија.

Тој донел закони со кои ги поништил долговите на сиромашните граѓани, го укинал должничкото ропство со мерка наречена сисахтеја и им овозможил да учествуваат и да гласаат во атинското собрание, главно средиште за управување со државата.

Во една прилика Солон пред јавноста прочитал една лирска песна преку којашто ги повикува неговите сограѓани, Атињаните, да се оттргнат од беззаконието и вршењето на злочин и неправда.

Еве една строфа од таа песна сочувана во фрагменти:


(Размислувајте: Според советот од песната, која била еден вид говор, Солон ги советувал Атињаните своето богатство да го најдат во самите себе, во чесноста, праведноста, искреноста, умешноста, љубовта кои се најголеми доблести, додека парите сами по себе не се богатство, нив секој ги зема и разменува од ден на ден, тие не стојат цврсто на едно место)

Демостен
Автор: Jean Jules Antoine
Lecomte Du Nouy
Така постепено, со развојот на атинската демократија се создава и потребата на граѓаните јавно да говорат и да расправаат по одредени важни прашања во Собранието, во судницата и во други пригоди. Секој што сакал да држи јавен говор, да ги убедува Атињаните во некоја одлука, предлог или мисла, требал да ја научи вештината на јавно говорење.

Со говорништвото се занимавале само мажите, а на жените им била забранета оваа дејност. Секое момче кое ќе наполни 18 години добивало можност да учествува во Собранието како претставник. Меѓутоа, иако претставниците на Собранието имале право да држат говори, секој од нив не бил внимателно слушан. За да се привлече вниманието, треба да се познава вештината на јавно говорење и убедување со говор, да се учи реторика. Корените на реториката се јавуваат кај софистите.

Во периодот на атинската демократија (V век пр.н.е.) се појавиле и патувачки учители наречени софисти (ст.грч. σοφίζω – мудрувам) коишто наплаќале за нивната работа. Ги учеле младите како да држат солиден и квалитетен говор пред јавноста, како да пишуваат говорнички текстови (политички, судски или свечени) и како да го бранат своето мислење. Тврделе дека вештиот говорник, за да дојде до некоја цел, треба да го накити својот говор, да влијае врз умот и срцата на слушателите и така да ги придобие за себе. Тие своите предавања ги држеле во приватни домови или на јавни места. Меѓу прочуените софисти се истакнал Горгија, првиот софист во Атина, кој откако дошол како пратеник во 427 год. пр.н.е. од Леонтина (во долна Италија, порано била хеленска колонија) и се истакнал со својот украсен говор, станал мошне прочуен и баран учител меѓу богатите Атињани кои му нуделе голема парична сума за да ги поучува нивните синови на оваа вештина. Покрај Горгија, меѓу познатите софисти биле и Протагора, Продик, Хипија и Исократ. Исократ (стгрч. Ἰσοκράτης, 436-338 год. пр.н.е.), се занимавал исклучиво со реторика, односно бил учител по говорништво, а никогаш јавно не настапувал да држи одреден вид говор. Го основал првото реторско училиште. Фотографијата на која е претставена статуата на Исократ е поставена во Версајската градина на големиот Версајски дворец во Франција. Ја изработил францускиот вајар Жан Дедје.

Со една реченица, да се биде вешт и влијателен говорник бил единствениот пат во тоа време за да некој стане државник, законодавец, војсководец и да приграби моќ, слава и богатство за себе. За разлика од оние што учеле како да држат говор, атинскиот државник Перикле бил природно надарен говорник кој не ја изучувал реториката. Историографот Диодор Сикулски вели  дека Перикле ги преовладувал сите свои сограѓани во вештината на јавно говорење. Хеленските писатели толку го величале што му ја додавале придавката „олимписки“ тврдејќи дека „го држел Ѕевсовото оружје, громот“, додека ги држел своите говори пред Атињаните. Римскиот историчар Квинтилијан вели дека Перикле темелно ги спремал своите говори и секогаш пред да излезе нешто до проговори пред јавноста се упатувал во храм и се молел на хеленските богови да не изговори некој погрешен збор. На фотографијата е прикажана биста на атинскиот водач Перикле која се чува во музејот Пио-Клементино во Ватикан (Рим, Италија). Бистата е римска копија на загубен хеленски оригинал од 430 год. пр.н.е. Според пишаните извори, ова биста ја изработил хеленскиот вајар Ктесила. На постаментот на класичниот грчки јазик пишува Περικλῆς Ξανθίππου Ἀθηναῖος односно Перикле Атињанинот, синот на Ксантип.


Сликата (лево) под наслов Периклева доба е насликана од страна на историскиот сликар Филип Фон Фолц во 1853 год.

Во неа е прикажан атинскиот водач Перикле како држи посмртен говор во 490 год. пр.н.е. во чест на загинатите атински војници во една од битките кои се одиграле за време на пелопонеските војни. Но, со овој говор не им била изразена честа само на загинатите војници. Великиот поборник на демократијата говорел и за полисот Атина со пофални реченици во прилог на демократскиот систем што постоел во неа. Говорот што го држел Перикле пред Атињаните бил составен од страна на историчарот Тукидид во неговото дело Историја на пелопонеската војна кое денес се смета како основен извор на информации за научниците кои се занимаваат со истражување на античката историја.

Хеленскиот философ Аристотел во своето дело Реторика ги поделил јавните говори на следните видови, според пригодата за која се наменети:

1. Политички (советодавни) говори

2. Судски говори

3. Свечени (пофални) говори

Политичките говори (стгрч. γένος συμβουλευτικόν или δημαγωγικόν) биле најпопуларни во антиката, па и денес. Тие се одржувале во Собранието во Атина, во Сенатот во Рим или, пак, пред војската. Во овие говори говорникот ги поттикнувал присутните граѓани да направат или да прифатат нешто за што ќе ги убеди дека е полезно, корисно за сите, или пак ги одвраќал од нешто за што ќе ги убеди дека е штетно за сите. Значи говорникот дава совет за нешто што смета дека е штетно и треба да се отфрли или нешто што смета дека е корисно и треба да се прифати. Тие совети се однесувале на државните трошоци и приходи, војната, мирот и одбраната на државата.

Судските говори (стгрч. γένος δικανικόν) се воделе во судовите, а целта на говорникот била да ги убеди оние што судат дека некое сторено дело е праведно или неправедно со цел да одбрани некого или да го обвини. Овие говори особено се воделе според пишаните и непишаните закони, односно ако некое дело е неправедно (кражба, убиство, измама, клевета, безбожништво) говорникот го обвинувал, а го бранел делото за кое сметал дека е праведно.

Свечените говори (стгрч. γένος ἐπιδεικτικόν или πανηγυρικόν) се одржувале во разни пригоди: празници, собири, културни настани.  Говорникот го одржувал говорот со цел нешто да пофали или да куди, убедувајќи ги присутните граѓани дека нешто е чесно или пак дека нешто е срамно. Најчесто со овие говори се пофалувала доблеста на некој човек: праведноста, дарежливоста, мудроста, храброста, великодушноста, чесноста.

Како писатели на говори (логографи) во хеленското општество се истакнале Лисија, Демостен и Исократ, а откако говорништвото ќе стане популарно и во Рим, меѓу повлијателните римски говорници се докажал Кикерон, кој бил и философ.

Демостен

Демостен (стгрч. Δημοσθένης, 384-322 год. пр.н.е.), најславниот говорник и државник од Атина.

Бил логограф, писател на говори, а еден од неговите најпрочуени говори е Третиот говор против Филип во којшто ја искажува големата омраза спрема власта на Филип Втори Македонски и продорот на македонската војска во хеленските колонии во рамките на Македонското Кралство.

Скулптурата на Демостен е римска копија на хеленскиот оригинал од Полиеукт (околу 280 год. пр. н.е.). Римската копија е изработена во периодот меѓу 384-322 год. н.е. и се чува во Новата глиптотека на Карлсберг (Ny Carlsberg Glyptotek) во Копенхаген, Данска.

Марк Тулиј Кикерон

Марк Тулиј Кикерон (лат. Marcus Tullius Cicero, 3 јануари, 106 год. пр.н.е. –7 декември, 43 год. пр.н.е.), бил еден од најпознатите и најистакнатите римски говорници, а се занимавал и со пишување на говорнички и философски текстови.

Прекарот „Кикерон“ го добива од латинската именка „cicer“, во превод наут или леблебија, поради засекот што го имал на неговиот нос. Имено, неговите предци имале карактеристичен засек на носот како што го има мозолчето на леблебијата, како што ни пренесува историчарот Плутарх. Но, поголема е веројатноста прекарот да води потекло од продажбата на овие мешункасти плодови, кои биле трговско занимање на неговото семејство. Кикерон не сакал да го менува прекарот кога влегол во политичкиот живот на Рим сметајќи дека истиот поскоро ќе му донесе слава одошто потсмев.

Според Плутарх, Кикерон бил одличен ученик, неговите постигнувања во областа на образованието бргу се расчуле низ целиот град Рим. Тој ја љубел поезијата, не заостанувајќи во другите општествени дисциплини.

Toj бил воодушевен од хеленската култура, така што неговата последна желба била да биде погребан во Хелада. Ги почитувал и читал старите хеленски философи од времето на Платон и творел во духот на хеленската философска мисла.


Толковник на непознати поими и изрази:

Демос (стгрч. δῆμος) – селани, занаетчии и трговци кои го сочинувале сиромашниот слој во Атина.

Еупатриди (стгрч. εὐπατρίδες) – тие се аристократи, владеачки семејства, од угледни татковци кои живееле далеку во минатото. Се верувало дека нивниот род води потекло од хеленските богови.

Логографи – писатели на говорнички текстови.

Реторика (стгрч. ῥητορικὴ τέχνη) – е збир од правила за држење на убав говор, односно со каков говор најдобро ќе се придобие слушателот и ќе се убеди во нешто. Кога оној што ја изучува реториката ќе почне да држи јавни говори се вели дека се занимава со говорништво, ги научил правилата на убаво и убедливо говорење.

Сеисахтеја
(стгрч. σείω = тресам и ἀχθός = товар) - биле збир од законски радикални мерки со кои се укинале сите долгови, должниците биле ослободени од должничкото ропство, земјата била конфискувана, така што личната слобода повеќе не можела да биде врзана под синџирот на долгот. Овие законски реформи биле уведени од страна на Солон и во 594 год. стапиле на сила во Атина. Солон стекнал исклучителна моќ и граѓанска доверба за да ги направи овие стопански промени.

Книжевни извори:

1. В. Димовска-Јањатова, В. Томовска, Класичната култура во европската цивилизација, Графички Центар ДООЕЛ, Скопје, 2010
2. Quintilianus, Institutiones, XII, 9

Електронски извори:
1. http://myancientworld.tumblr.com/post/8136818167/the-age-of-pericles-by-philipp-von-foltz-1853
2. http://www.cordula.ws/authors/cicero.html