ВКУПЕН БРОЈ НА ПРЕГЛЕДИ

13 January, 2015

За додекатеонот или 12-те олимпски богови (прв дел)


Палатата на олимпските богови на
врвот на планината Олимп.
Иако боговите носат различни имиња, сепак станува збор за исти ликови на божества на кои им се молеле и клањале старите Хелени и Римјани. Речиси сите народи од далечното минато се сметаат за политеисти, односно многубошци во религиозна смисла. Светот го замислувале како живеалиште на луѓето и на боговите, со таа разлика што боговите имале врховна власт и управувале со човечката судбина. Секоја природна појава како дождот, грмотевицата, силните ветришта, бранувањето на морето, одронот на карпите, земјотресот, како и маките, страдањата и болестите, за античкиот човек биле божествени пројави или казни за човештвото. Бидејќи човекот немал моќ да управува со нив, тој чувствувал потреба дека треба постојано да им се моли, да им се клања, да им искажува почит, да им принесува крвни и бескрвни жртви, со цел да им угодува за да се смилуваат врз неговата судбина и да ја заштитуваат заедницата од непокорливите раце на безмилосната природа.


Во следните редови ќе се запознаеме со Олимпијците, врховните богови кај Хелените и Римјаните, за кои се знае дека ги имало вкупно 12 на број. Нивната власт ја нарекувале Додекатеон од старогрчката сложенка Δωδεκάθεον (δώδεκα = дванаесет, θεοί = богови). За да ги препознаете хеленските и римските имиња на божествата, на почетокот на секој опис на божествата првин е наведено хеленското, а потоа нивното римско име на македонски јазик, по што во загради имињата се напишани на изворен старогрчки и латински јазик.

Сцена од филмот Бесмртните каде што боговите се прикажани
како будни набљудувачи на светот и на животот на луѓето.
Податоци за филмот: http://www.imdb.com/title/tt1253864/
Според Хомер, власта на овие богови била сместена на планината Олимп откако стивнала титаномахијата (борбата со титаните). Планината се протега помеѓу границата на античка Македонија и Тесалија, неколку километри оддалечена од солунскиот залив.

Во 12-те олимписки богови спаѓаат следниве според нивните изворни хеленски имиња: Ѕевс, Хера, Аполон, Артемида, Арес, Хефајст, Атена, Афродита, Посејдон, Хермес, Деметра и Хестија. Покрај овие канонски божества, како владетели од Олимп пристапиле и следниве богови: Дионис и Хад.

Рожби на титаните Крон и Реја се Ѕевс, Посејдон, Хад, Хера, Хестија и Деметра, додека останатите богови од Олимп се деца на Ѕевс, Арес и Хефајст се законски кои ги зачнал со Хера, неговата законска сопруга, Атена самиот ја родил, додека останатите, Хермес, Аполон и Артемида, ги зачнал вонбрачно.

Покрај овие божества, античките писатели често вклучувале херои и некои други богови како членови во составот. Иако некои го вбројуваат, богот Хад никогаш не владеел од Олимп поради тоа што неговата власт била во подземниот свет, а богот Дионис го зазел местото на Хестија која му го отстапила откако одлучила да го заштитува домашното огниште на луѓето вселувајќи се во нивните домови.

Од причина што повеќе да научите за овие натприродни владетели, во написот Ви се претставени сите канонски божества, меѓу кои и боговите Дионис и Хад.

ЅЕВС


Мермерна статуа на
Ѕевс. Ископана е во 1680
год. во Смирна (Турција),
пренесена во Франција.
Десната рака е додадена
подоцна од вајарот Пјер
Грание. Денес се чува
во музејот Лувр во Париз.
Ѕевс или Јупитер (стгрч. Ζεύς, лат. Iuppiter). Владетел над сите богови, луѓето и светот. Мудар и милостив бог со совршено знаење кој владеел од планината Олимп, ги казнувал боговите и луѓето коишто ја кршеле заклетвата или лажеле, но бил одмерен и рамноправен спрема сите. Никој од боговите не смеел да му се спротивстави или да се обиде да го исфрли од престолот. Зависно од неговото расположение, Ѕевс ги управувал временските прилики и го влошувал времето по своја волја. Хелените му придавале разни епитети по кои ја препознавале неговата величина: олимписки - како врховен владетел од Олимп, но и како покровител на олимписките игри во Олимпија, панхеленски - како врховен бог на Хелените, ксениски - како заштитник на гостопримството и гостите, подготвен да се освети на секого што ќе му наштети на гостинот, хоркиски - чувар на дадените заклетви, така што прекршителите на заклетвите имале должност да му подигнат статуа во Олимпија за да се заштитат од неговата казна, агорајски - водел грижа врз деловниот живот на луѓето, а ги казнувал нечесните трговци на античките пазари. Неговата законска сопруга е Хера, кога воедно му била и сестра. Овој инцестуозен брак бил востановен заради задржување на моќта која ја воспоставил Ѕевс откако седнал на престолот на Олимп и го започнал новиот светски поредок. Но, тој бил особен љубител на божиците и жените, така што создавал и вонбрачен пород спротивно на волјата и противењата на Хера.
Уметнички приказ на величествената скулптура на
Ѕевс Олимписки во градот Олимпија на Пелопонес
Неговиот симбол е громот, кој му го сковале Киклопите. Светото животно му е златниот орел наречен Ајтон, кој ја симболизирал снагата, храброста и правдата. Светото дрво му е дабот, но и маслинката. Ширум Хелада и Рим му биле градени мноштво храмови, а еден од најпознатите се наоѓал во градот Олимпија на Пелопонес. Таму хеленскиот вајар Фидија ја извајал неговата величествена скулптура од слонова коска опточена во злато и украсена со скапоцени камења која важела за старо светско чудо. Хелените верувале дека оној што не ја видел статуата на Ѕевс ќе го снајде несреќа низ животот.

ХЕРА

Мермерна римска копија на Хера
според загубен хеленски оригинал
кој бил изработен во V-от век пр.н.е.
Позната е како Хера Барберини, се
смета дека ја изработил вајарот
Агоракрит, ученик на Фидија.
Денес скулптурата се чува во
музејот Пио-Клементино во Ватикан,
Рим (Италија).
Хера или Јунона (стгрч. Ἥρη, лат. Iuno). Законска сопруга на Ѕевс, иако му била сестра. Во ликот била најубавата божица претставена со круна и вел на главата, со шипка во раката која ја симболизира плодната крв и смртта, облечена во елегантен фустан стегнат со појас и со златни сандали на стапалата. Таа уживала во луксузен накит. Ѕевс постојано ја изневерувал со многу божици и смртнички за што таа посредно му се одмаздувала, напаѓајќи ги љубовниците или нивните вонбрачни деца што тие му ги раѓале. Важела за заштитничка на женскиот род и на светоста на бракот. Калинката е нејзиниот растителен симбол кој ја означувал плодноста, а светото животно ѝ е паунот. Откако Хелените го запознале паунот како животно со освојувањето на Александар Македонски низ Истокот, верувале дека во него се втелотворува божицата, па дури и дека нејзината кочија ја влечат пауните. Таа била заштитничка и на кравите, така што античките поети најчесто ѝ го додавале епитетот боопис, што значи „волоока“, поради тоа што имала крупни и темни очи.



ПОСЕЈДОН

Посејдон или Нептун (стгрч. Ποσειδῶν, лат. Neptunus).
Мермерна скултура на богот
Посејдон. Во десната рака држи
тризабец кој е загубен. Откриен
е на ос. Мелос. Се смета дека е
изработен во II-от век пр. н.е.
Денес се чува во Националниот
археолошки музеј во Атина (Грција).
Бог на морето и земјотресите. Боговите и луѓето го сметале за непријатен, алчен и со променливо расположение. Ако бил навреден, веднаш се одмаздувал како во приказната на епот Одисеја од Хомер, кога кралот Одисеј кој, откако го ослепил неговиот син киклопот Полифем, претрпел невидени маки талкајќи по бесконечното море десет години додека да се врати во неговото кралство Итака. Кога бил во добро расположение, луѓето верувале дека ги создавал островите и го смирувал морето. Морнарите му се молеле за безбедно пловење, а како жрвта од бродовите му исфрлале коњи во морето. Посејдон го носел и епитетот гајеохос или земјотресец, бидејќи неговото оружје тризабецот било толку моќно, што при удар предизвикувало земјотреси, бродоломи, одрони на карпи, поплави и бури. Во уметноста хеленските и римските уметници го претставувале во кочија која по морето ја влечат морските коњи или хипокампи.
Кочијата на Посејдон. Римски
поден мозаик од 315-325 год.
н.е. кој денес се чува во
музејот Лувр во Париз (Франција).
На него се претставени богот
Посејдон и Амфитрита во кочија
што ја влечат четири хипокампи.
Хипокампите се митолошки
суштества во облик на коњи кои
наместо задни нозе имаат рибји
опашки. Нивните глави се покриени
со светлечки ореол.
Тој живеел во две палати, едната е небеска, на планината Олимп, а друга е морска, на морското дно за која се сметало дека била украсена со злато, корали и скапоцени камења. Под водата живеел со неговата жена Амфитрита. Посејдон бил снажен бог, со сива боја на кожата и со долга сина коса. Неговиот симбол е тризабецот, а светите животни се делфините и коњот. Според едно митско предание, на првиот коњ на земјата Посејдон му вдахнал живот. Во стариот Рим првин бил почитуван како бог на коњите наречен Neptunus Equester, чијшто храм бил изграден во градот Рим во близина на тркачката патека за коњи наречена Киркус Фламиниус (Circus Flaminius). Но, римскиот војсководец Марк Випсаниј Агрипа
во 25 год. пр. н.е. му посветил и втор храм наречен Basilica Neptuni во Кампус Мартиус (Campus Martius) за победата во битката кај Актиј којашто е извојувана поради негова заслуга. Кампус Мартиус било место за јавни собири и за разни световни и верски свечености меѓу кои на 23 јули се празнувале и Нептуналиите во чест на богот Нептун.





 АПОЛОН


Аполон од Велведере или Питиски Аполон. Оваа скулптура е
римска копија изработена од мермер околу 120-140 год.
Веројатно била копија на бронзениот оригинал на вајарот
Леохар од 350-325 год. пр. н.е. Висока е 224 цм и денес е
еден од најценетите експонати во Ватиканските музеи во
Ватикан, Рим (Италија).
Аполон со исто име кај Хелените и Римјаните (стгрч. Ἀπόλλων, лат. Apollo). Аполон е син на Ѕевс и Лето. Тој ја измислил музичката вештина свирејќи на инструментот лира, а бил предводник на деветте Музи. Бидејќи некои луѓе имаат пророчки моќи се смета дека Аполон ги дарувал со нив, па затоа сите пророштва излегуваат непосредно од него. Тој им помага на луѓето да колонизираат и населуваат нови подрачја, се смета за бог на лекувањето, слободното стрелаштво, поезијата, танцот, разборитоста и пастир на крдата и стадата. Античките народи му додале епитет Фојб (ст.грч. Φοῖβος – светол, сјаен, зрачен) бидејќи понекогаш го споредувале со древниот бог сонце наречен Хелиј. Исто така, неговата моќ е стравотна кога се во прашање човечките маки и страдања. Тој ја пушта чумата да ги коси престапниците, а оттука го нарекле и Сминтеј (ст.грч. Σμινθεύς), како гонител на полските глувци и Парнопиј (ст.грч. Παρνόπιος), како уништувач на скакулците. Во првото пеење на Хомеровата Илијада, Аполон фрла чума крај ахајските воени шатори како казна за престапот на Агамемнон, кој ја заробил Хрисеида, ќерката на свештеникот Хрис. Како бог исцелител Аполон може ритуално да ги прочисти оние што станале виновни поради убиство или некои други неморални дејства. Неговото свето животно е лебед. Еден хеленски мит ја раскажува приказната како Аполон пловел на грб на еден лебед кон земјата на Хиперборејците каде што ја поминал зимата. Други свети животни кои му се припишуваат се волкот и делфинот. Тој секогаш со себе ги носи лакот и стрелите, на неговата глава е крунисан со ловоров венец, држи китара (по можност и лира) и перце како трзалка за жиците. Покрај овие предмети, триножникот е најпрочуениот негов симбол, односно моќта за претскажување на иднината.

Уметнички приказ на богот Аполон со
ореолот на сонцето на главата и лакот и
стрелите кои биле неговото оружје
За тоа како се родил Аполон митот е единствениот сведок. Имено, Аполон не се родил со леснотија. Лето, мајката на Аполон, не била вистинската сопруга на Ѕевс, таа му била љубовница. Хера, кој била законска жена на Ѕевс, од осветољубивост наредила ниту копно ниту вода да не ја трпи или држи Лето каде и да патува, на кое место и да се засолни. Барајќи спас, Лето се засолнила на еден остров наречен Ортигија или Астерија кој не лежел над морската вода, туку лебдел над неа. Само таму не важеле забраните на Хера, бидејќи тоа било единственото копно што се спротивставило на бесот на Хера. Почвата била јалова, без тревни површини за исхрана на стоката и без можности за одгледување на виновата лоза, како и на некои други растителни култури. По раѓањето, Аполон ја облагородил почвата на островот, му подигнал четири заштитни столбови и го нарекол Делос што значи светол. Покрај островот се собрало јато од лебеди во седум кругови кои подоцна станале свети животни за Аполон, а бројот седум го симболизирал седмиот ден од месецот.

Остатоци од храмот на Аполон на ос. Делос
Девет дена траеле породилните маки на Лето која ја молела Хера за помош. Божиците Атена, Деметра и Афродита тргнале од Олимп напомош, но ништо не можеле да помогнат без одобрение на Хера која ја држела Ејлејтија на Олимп. Ејлејтија се смета за божица на успешните пораѓања која ја имала улогата лесно да ги пораѓа божиците и смртничките, нешто како бабица. Трите божици ја повикале божицата Ирида, гласничката на боговите, да ја замоли Хера да го дозволи ова пораѓање во замена за златен ѓердан искован во работилницата на богот Хефајст. Хера, заведена од сјајот на златото се смилувала над неа, го зела ѓеданот и ја испратила Ејлејтија напомош.
 

Неподносливите маки наскоро свршиле откако Лето потпрена на единствената маслинка на островот првин ја породила Артемида, а потоа Артемида веднаш истапила да му помогне на братот ѝ да се породи. Штом се породил, божицата Темида му капнала во устата неколку капки од сокот нектар и го наранила со парче од амбросија при што се случило чудо. Бебето почнало да се развива набрзина и наскоро созреало во младо момче. Лето се восхитила од убавината на нејзиниот син Аполон. Тој веднаш тргнал кон татко му Ѕевс за да добие благослов, но и за да ги види олимпските богови. Ѕевс го дарувал со луксузни предмети, меѓу кои била капата митра украсена со рубини и смарагди и описи од животот на олимпските богови, музичкиот инструмент лира и бела кочија која ја влечат лебеди за да го носат на сите страни на светот преку небесните патеки. Во чест на славата на богот Аполон, жителите на ос. Делос му изградиле величествен храм во негова слава.


 АРТЕМИДА

Дијана од Версај. Римска копија
на хеленски оригинал изработен
од хеленистичкиот вајар Леохар
во IV век пр.н.е. Се чува во
музејот Лувр во Париз (Франција).
Артемида или Дијана (стгрч. Ἄρτεμις, лат. Diana). Божица на плодноста, ловот, дивечот, месечината и заштитничка на родилките и новороденчињата. Нејзиниот татко е Ѕевс, а мајка божицата Лето. Бидејќи нејзиниот брат бил богот Аполон, богот на Сонцето, при раѓањето таа ѝ помогнала на мајка ѝ да го извади братчето од утробата веднаш откако таа се родила. Според античкиот поет Калимах, кога наполнила три години седнала во скутот на нејзиниот татко Ѕевс и го замолила да ѝ исполни шест желби: да остане девица, да носи разни имиња, односно епитети какви што има нејзиниот брат Аполон, да биде носителка на светлината, да носи лак и стрела и кус хитон за да може лесно да лови, да ги поседува малите шеесет ќерки на богот Океан, за да ѝ бидат нејзин хор, како и дваесетте амнисидски нимфи за да ѝ бидат слугинки и чуварки на нејзините песови и лакот. Ја задржала девственоста и чистотата, се посветила на ловот и воопшто не се грижела за радостите на љубовта и на бракот. Оваа оданост кон себе ја барала и од сите други на кои им била заштитничка, особено на горските нимфи што ја следеле. Никому не му простувала за сторените грешки, секого го следела остра казна заради престапи врз нејзините начела, одрекувањето од нејзиното постоење и обожавање. Според митот за Актајон, ова момче било жртва на нејзината казна затоа што ја набљудувал додека таа се капела гола на шумскиот извор.
Уметнички приказ на Артемида
и нејзиното пребивање по горите
во придружба на елените и
ловечките пци
Забележувајќи го неговото присуство, а стравувајќи од срамот поради гласините, го претворила Актајон во елен и го оставила среде 50-те кучиња што го придружувале да му се нафрлат и да го растргнат. Бидејќи одбила да биде заштитничка на градовите, Ѕевс ѝ дал целосна управа врз природата и шумите, така што античките народи верувале дека носи плодност и бериќет таму каде што била обожавана. Особено ѝ се молеле родилките за здавјето на нивните деца, затоа таа го носела епитетот Куротроф или Лохеја. Таа го помогнала раѓањето на нејзиниот брат, така што ја презела улогата на божицата Ејлејтија да го олеснува пораѓањето таму каде што е потребна. Ја нарекувале и Кинтија, поради планината Кинтос на остров Делос каде што божицата Лето ја породила. Во нејзина чест во градот Амаринт на островот Евбоја ѝ приредувале свечености по што таа го добила и епитетот Амаринтија. Бидејќи Аполон бил бог на сонцето и носител на дневната светлина, Артемида станала носителка на ноќната светлина која блескала од месечината. Таа се движела низ шумските појаси во дрвена кочија која ја влечеле четири елена со златни рогови и узди. Уживала да лови низ дивината заедно

Артемида од Ефес. Римска
копија од I-от век пр.н.е. на
скулптура од божицата
која била поставена на
поткровјето на храмот
во античкиот град Ефес кој
се наоѓа во Турција. Храмот
претставувал старо светско
чудо, го викале Артемисион,
но за жал целосно бил
разрушен во незначителни
остатоци до денешен ден.
Скулптурата се чува во
музејот на Ефес (Турција).
со нимфите придружнички и дивите ловечки кучиња, така што мошне невообичаено за неа се раскажува дека била де заштитничка, де ловџика на дивиот животински свет кој го ловела по ливадите, шумите, изворите, реките, горите. Оние што ја ценеле нејзината божествена улога, имале бериќет низ цела година поради плодното земјиште и зголемениот добиток, додека оние што ја умалувале нејзината важност доживувале намален принос во житни и други растителни култури, суша и болести кај домашните животни. За непочитта спрема божицата ни ракажува митот за Ојнеј, кој заборавил да ѝ принесе жртва во градот Калидон на кој таа, впрочем, била покровителка. Оваа немарност скапо ги чинела градот и неговите жители. Артемида испратила огромен див вепар да го опустоши градот, да ја нападне стоката и луѓето. Сите се врздржале од ловот освен Мелеагар, синот на Ојнеј, кој успеал да го совлада. Но, за жал, во една улична тепачка бил убиен при договарање за поделба на пленот на уловениот вепар. Неговата мајка од јад и тага се самоубила, додека неговите сестри поради непрекливиот плач Артемида ги преобразила во птици. Во уметноста била претставувана во кус хитон до коленици, со лак и стрели, а движењето ѝ било надмено. Нејзината става била мошне елегантна на чијашто убавина и величие ѝ се восхитувале старите Хелени. Нејзините симболи се златниот лак и стрела, копјето, месечината, светите животни ѝ се ловџискиот пес и еленот, а од растенијата палмата, кипарисот и ловорот.

 
ХЕРМЕС



Хермес Логиос или Хермес говорник.
Римска мермерна скулптура од I-от век
изработена врз основа на загубен
хеленски оригинал од V-от век пр.н.е. за
кој се претпоставува дека бил излиен во
бронза од страна на атинскиот вајар Фидија.
На главата се забележува крилестата капа
наречена петас, во десната рака веројатно
го држел кадукејот кој е загубен.
Денес се чува во Националниот музеј
во Рим како дел од збирката на уметнички
дела на семејството Лудовиси-Бонкомпањи.
Хермес или Меркуриј (стгрч. Ἡρμῆς, лат. Mercurius). Бог на трговијата и гласник на добрата вест. Тој е син на богот Ѕевс и божицата Маја, се родил во областа Аркадија на Пелопонес на планината Килена. Во пештерата на таа планина, едната од плејадите, Маја, ќерка на титанот Атлант и на морската нимфа Плеона, ја здогледал заводникот Ѕевс, ја обљубил и зачнал. По десет месеци Маја го родила чудесниот Хермес. Од самото раѓање, неговите лудории не стивнувале. Тој искокнал од колевката, излегол од пештерата и почнат да скита низ горската шума. Пресретнал желка, се воодушевил од нејзиниот невообичаен изглед. Ја грабнал желката, ја превртел и телото ѝ го извлекол од оклопот. Оклопот го обвиткал со козја кожа, прицврстил две трски во него и оптегнал седум жици изработени од овчи црева. Така го создал првиот жичан музички инструмент - лирата. Бил познат по неговата брзина, бидејќи носел крилеста капа и сандали. Поради моќта брзо да патува низ небесната шир и по земјата, станува гласник на боговите, а Ѕевс му дал право да патува по небото, земјата и подземниот свет на Хад, каде што ги носел душите на покојниците. Бил поставен за заштитник на меѓите и луѓето кои ги поминуваат, како што се овчарите, краварите, патеписците, писателите, уметниците и атлетите. Ги заштитувал и порочните минувачи на меѓите кои побожно му се молеле, како што се крадците, прељубниците, злосторниците. Кај богот Ѕевс уживал почит поради лукавоста и остроумието кои ги забележал по спорот што се јавил со неговиот брат богот Аполон.
Уметнички приказ на Хермес
(автор: Jacky Tatze)
Според митот, Хермес бил непрекинливо гладен и му здосадил животот во Аркадија (област на полуостровот Пелопонес). Заминал на север и прелетувајќи го копното стасал во областа Пиерија. Забележал стадо кобили кои пасат на ливадата. Знаел дека тие се во сопственост на неговиот брат, богот Аполон, но сепак се решил кришум да ги присвои. Ги зауздал 50-те кобили, го прикрил нивниот траг триејќи ја земјата, па ги повел со себе кон Пелопонес. На патот кон областа Бојотија го здогледал еден селски винар, но Хермес воопшто не се изненадил. Му се приближил и користејќи ја својата божествена става и надмоќ му заповедал на винарот да молчи за тоа што го видел. Наутро стасал во градот Пил. Заклал две кобили, се нахранил со месото сецкајќи го на дванаесет парчиња, по едно парче за 12-те олимпски богови. Разгорел оган од ловорово гранче и парчињата ги испекол како жртвена храна. Откако се изморил, останатите кобили ги сокрил во една пештера, го прелетал целиот пат назад и повторно си легнал во колевката. Утредента богот Аполон забележал дека му го нема стадото кобили, разбрал дека е во прашање кражба, но поради неговата проникливост, ја открил схемата на кадецот и тргнал на југ да ги бара. Го сретнал винарот кој му ги потврдил неговите сомнежи. Гневен и налутен,
Хермес и малиот Дионис. Во
уметноста е познат и како Хермес на
Праксител
. Скулптурата е откриена
во 1877 год. во рушевините на храмот
на Хера во градот Олимпија. Денес
се чува во Археолошкиот музеј во
Олимпија (Грција). Делото му се припишува
на вајарот Праксител кој го извајал во
IV-от век пр. н.е. За овие податоци
имаме сознанија од атинскиот
патеписец Павсанија. Ископувањата
во Олимпија  ги спровел германскиот
археолог Ернст Куртиј во 1875 година.
Скулптурата е изработена од
квалитетен пароски мермер.
Аполон веднаш се упатил на пл. Килена и го обвинил брат му Хермес за кражба и безобѕирност. Побарал Ѕевс, како праведник и судец, да одлучи што ќе стори по случајот. Ѕевс се воодушевил од итроштината на Хермес, меѓутоа за да ја спроведе правдата побарал од него да го врати стадото кобили. Хермес ја извлекол лирата и со цел да го смири бесот на Аполон засвирел на неа. На богот Аполон толку му растреперило срцето од милозвучноста на лирата што побарал од Хермес веднаш да му ја подари. Тој недвосмислено му ја дал лирата, но за возврат сакал да го задржи стадото кобили. Аполон прифатил, па дури и му подарил уште еден предмет - кадукејот. Ѕевс го поставил како владетел над трговијата и патувањето, над сите птици носителки на знаци, над сите кучиња, вепри, стадо овци и лавови. Во митологијата е претставен како витален младич, кој на главата носи рамна раскрилена капа наречена петас и раскрилени сандали кои се подарок од Ѕевс, додека во рацете носи кадукеј (или керикеј), жезло со кое добивал пристап од боговите каде и да оди. Кадукејот на врвот имал крилја, а долу бил обмотан со две змии. За неговите способности сведочат и други митови. За време на војната со гигантите, тој го совладал Хиполит, на татко му Ѕевс му помогнал да го убие чудовиштето Тифон. Успеал, по наредба на Ѕевс, да ја спаси кобилата Ио која ја чувал многуокиот Арго. Тој му засвирел на лирата, го заспал, а потоа ги ослепел сите негови очи. Кога Ѕевс не по своја вина ја изгорел неговата љубовничка Семела, која го носела богот Дионис во утробата, тој го извадил и му наредил на Хермес да го однесе кај горските нимфи Ниси да се погрижат за него.

Хипнос и Танат. На оваа атичка црвенофигурална ваза (кратер)
се прикажани божествата Хипнос (сон) и Танат (смрт) кои го
носат телото на паднатиот тројански јунак Сарпедон во
подземниот свет додека Хермес ги набљудува. Кратерот е
изработен околу 515 год. пр. н.е. Првично бил дел од збирката
на керамички предмети во музејот Метрополитен во Њујорк (САД).
Околу 2008 год. е вратен во Италија за изложување.
Исто така, кога јунакот Одисеј бил заробен кај нимфата Калипсо, Ѕевс го пратил Хермес да преговара со неа за да ја ослободи. Хермес на Одисеј му помогнал и да се избави од волшепствата на нимфата Кирка давајќи му да касне од билката моли. На херојот Персеј му дал оружје - дијамантски срп, како и златните сандали и крилестата капа за да дојде во ложата на горгоната Медуза и да ѝ ја отсече главата. Хермес одиграл главна улога во предизвикувањето на тројанската војна. Тој ги однел трите божици, Атена, Афродита и Хера, на планината Ида да побараат од овчарот Парис да избере на која од нив ќе ѝ го додели златното јаболко - односно која од нив ќе биде изберена како најубава меѓу божиците. На крајот од тројанската војна тој добил наредба да одлета до градот Микена и да го предупреди Ајгист да не ја побара Клитајмнестра за жена, бидејќи од тој брак ќе настрадаат многу луѓе. Античките народи на Хермес му доделиле и други добродетели. Го сметаат за изумител на огнот, писмото, броевите и за дариле на разборитоста, речитоста. Неговите симболи се кадукејот, крилестата капа и сандали, а од животинските симболи посветени му се ждралот, желката и петелот.

(продолжува во друг напис)

Работилница за ученици

Отпечатете ги работните листови. Организирајте се неколку групи од 2 до 3 ученици и обојте ги божествата по Ваша желба. Потоа, со молив или црн маркер опишете ги накратко нивните значајни карактеристики во папирусната рамка. Можете да го украсите и работниот лист со исцртување на типичната хеленска орнаментика. Побарајте од Вашиот наставник да ги истакне работните листови на некое видно место во училницата. Секоја група нека направи кратка презентација.

Потребни средства за работа:
- молив
- гумичка
- дрвени боици или фломастери
- колажна хартија за украсување (обична или самолеплива)
- црн маркер со тенок врв за украсување на работниот лист

Орнаменти

Разни украсни елементи кои биле
користени од хеленските уметници:
меандри (кривулести линии) во разни
дезени, спирали, разграноци, бранови.


Работни листови





Толковник на поими:

Нектар - божествен напиток кој на боговите им пружал бесмртност.

Амбросија - храна за боговите која им пружала бесмртност. Заедно со нектарот, таа била недостапна за луѓето.

Инцестуозен - родоскверднички, се мисли на дејство во кое двајца стапуваат во брак, но се од иста семејна лоза. И титаните и олимпските богови своите рожби ги зачнале во инцестуозни бракови, зашто титаните и олимпските богови се родово врзани. Како први созданија на светот, за да ја продолжат лозата морале меѓусебно да стапуваат во брак и да создаваат потомства.

Политеист - многубожец, човек кој е следбеник на религија или верување во кое се застапува идејата за постоење на повеќе натприродни сили. Оттаму и многубожечката богослужба се нарекува политеизам.


Нимфи - женски божества од понизок ред кои живеат по изворите и шумите.



Книжевни извори:

Mike Dixon-Kennedy, Encyclopedia of Greco-Roman Mythology, ABC-CLIO, Inc., Oxford, 1958
Robert Grevs, Grčki mitovi, Nolit, Beograd, 1995

Електронски извори:
http://www.greek-mythology-pantheon.com/