ВКУПЕН БРОЈ НА ПРЕГЛЕДИ

27 November, 2014

За античката епика

Називот епика води потекло од старогрчкиот збор epos (ст.грч. ἔπος) што изворно значи збор, а во поширока смисла означува беседа или јуначка приказна.

Епиката е книжевна дејност на составување на епови или епски песни во кои се раскажуваат различни херојски подвизи на боговите, полубоговите и луѓето. Писателите на епските песни се нарекуваат епски поети. Основното обележје на епиката е раскажувањето или нарација, според кое таа се разликува од другите книжевни родови. Во далечното минато, пред пронаоѓањето на писмото, епиката била дел од усната книжевна традиција, односно епските песни биле пеени од колено на колено за да не западнат во заборав. Основната содржина на епот е митот, односно некоја митска приказна. Затоа во епските песни најчесто се спомнуваат боговите, митските суштества, чудовиштата, полубоговите, бидејќи тие произлегле од митовите.

Хеленските и римските епски поети ги величаат јунаштвото и славата како најголеми човечки вредности. Меѓу најпознатите хеленски поети се Хомер со еповите „Илијада“ и „Одисеја“ и Хесиод со „Теогонија“ и „Дела и дни“. Од римските најпознати се Вергилиј со епот „Ајнеида“ и Овидиј со „Метаморфози“.
На оваа фреско-слика е прикажан Ахил како триумфира над Троја.
Зад двоколката на која се вози го влече мртвото тело на Хектор,
син на Пријам, кралот на Троја. Ахил подоцна се сожалил на
таткото и му го вратил телото на Хектор за да го погреба
како што му доликува со сите почести. Автор на фреска:
Франц Мач, околу 1895 г., Ахилејска палата, Корфу, Хелада.
Хомер е еден од најстарите епски поети прочуен по долгите епски песни „Илијада“ и „Одисеја“ за кои се смета дека ги составил околу VIII век пр.н.е., а текстот за првпат бил запишан на папирус во VI век пр.н.е. Насловот „Илијада“ се однесува на градот Илион, другото име за Троја. Поетот не ја раскажува историјата на градот Троја, ниту ја прераскажува Тројанската војна, туку ги раскажува настаните што се случиле пред градот Троја во десеттата година од војната. Овој еп се нарекува херојски. Првото пеење на „Илијада“ започнува со следните стихови:

Гневот, божице, спеј го на Ахила, синот Пелеев,
пустиот гнев што им задал н’Ахајците безбројни бољки
(Хомер, Илијада, 1-2, во превод на д-р М.Д. Петрушевски)

Статуа на Калиопа, муза на
епската поезија, изработена
од францускиот вајар Жак
Oгустен Пажу. Се чува во
Националната галерија на
уметност во Вашингтон, САД
Како што може да се забележи, поетот за да твори се обраќа на некоја божица за помош којашто треба да му даде вдахновение. Тоа е божицата Калиопа, муза на епиката. Калопа е ќерка на Мнемосина, божицата на сеќавањето, па оттука таа ги знае настаните од минатото и му помага на поетот да се потсети на таа прочуена војна што се одиграла покрај ѕидините на градот Троја. Кога поетот се обраќа до божеството за да добие „моќ на уметничко творење“, таа особеност се вика инвокација (повикување). И во другите епски дела се среќава инвокацијата:

Мажот воспеј ми го, Музо, преитриот, што ми се многу
наскитал откога г’урнал тројанското градиште свето

(Хомер, Одисеја, 1-2, во превод на д-р М.Д.Петрушевски)

Одисеј и сирени. Сцена од „Одисеја“ каде што
сирените-чудовишта го напаѓаат коработ на Одисеј.
Одисеј е приврзан со јаже на греда за да го
избегне нивниот милозвучен глас кој волшебно
ги заведувал неговите војски. Сирените, со тела
на жена и птица, ги мамеле морепловците покрај
нивниот остров затоа што се хранат со човечко месо.
Вазната е црвенофигурална, датира околу 480-460
пр.н.е. и се чува во Британскиот музеј во Лондон.
Во епот „Одисеја“ се раскажува за 10-годишните патувања на јунакот Одисеј по егејското море по завршувањето на Тројанската војна. Одисеј претрпел многу маки и страдања додека успее да се врати назад во неговото кралство на островот Итака каде веќе 20 години го чекаат неговата жена Пенелопа и пораснатиот син Телемах. Овој еп се нарекува авантуристички.

Во антиката, епските песни биле јавно пеени или читани, затоа што нивната намена имала културолошко значење, ја поттикнувало храброста и моралот кај луѓето кои постојано биле под воени напади и неизвесен живот. Дури и македонскиот цар Александар Македонски се восхитувал на херојството на Ахил, Одисеј, Хектор, Ајант уживајќи во читањето на Хомеровиот еп „Илијада“. Хеленскиот мислител Аристотел му ја подарил книгата за да го бодри и да му го крева воениот морал во престојните походи што му следеле.

Тројанецот Ајнеј и неговиот татко.
Ајнеј го зел в раце неговиот татко Анхис за да побегнат од опожарената Троја за која повеќе немало надежи за спас. Покрај нив од лево е божицата Венера, жената на Анхис, а мајка на Ајнеј. Од десно се забележува богот Амор како придружник на Венера. 
Oва е една драматична сцена од Вергилиевиот еп „Ајнеида“ насликана од сликарот Симон Вуе во техника масло на платно околу XVII-тиот век.
Денес сликата се чува во Музејот на уметност во Сан Диего, САД.


Хомер
Хесиод
Биста на епскиот поет Хомер, се чува во Британскиот музеј во Лондон. Таа е римска копија на хеленистичкиот оригинал кој е загубен. Потекнува од 2 век пр.н.е., а пронајдена е во античкиот локалитет Бајај во Италија. Се смета дека римските вајари направиле копија на оригиналната биста што се чувала во големата библиотека во Пергам, Мала Азија (денешна Турција).


П. Вергилиј Марон
П. Овидиј Насон
Римски епски и лирски поет Овидиј (лат. Publius Ovidius Naso), 43 год. пр.н.е. - 17 год. н.е., познат по неговото епско дело „Метаморфози“ (Преобразби).
Римска мермерна биста на римскиот епски поет Вергилиј (лат. Publius Vergilius Maro), 70 год. пр. н.е. - 19 год. пр. н.е. Бистата се наоѓа во Неапол, Италија, покрај гробот Вергилиј. Вајарот на бистата го претставил младешки изглед на поетот.

01 November, 2014

Што е пергамент?

Пергамент е материјал за пишување направен од посебно преработена животинска кожа од теле, овца или коза. Се користел во голема мера во антиката и низ средновековието за пишување и препишување на многубројни книжевни дела. Како што ни пренесуваат пишаните извори на римскиот историограф Плиниј Постариот во неговото општонаучно дело Природознание (C.Plinii Secundi, Naturalis historiae, XIII, 70), потребата од овој нов материјал за пишување се појавила поради соперништвото помеѓу двата културни средишта, градот Пергам во Мала Азија и градот Александрија во стариот Египет.

Пергамското кралство и градот Александрија

Приказната за откривањето на пергаментот накратко вели вака:
Околу 150 год. п.н.е. египетскиот фараон Птоломај V на пергамскиот цар Евмен II од Пергам одбил да му извезува и продава папирус стравувајќи библиотека во Пергам да не ја достигне и надмине славата на неговата библиотека во Александрија. Поради недостиг на папирусни листови, кралот Евмен II ги повикал вештите мајстори од градот да измислат нов материјал за пишување за да книжевните дела продолжат непречено да се пишуваат и препишуваат постепено збогатувајќи ја збирката на книги во пергамската библиотека.

Пергаментот својот назив го носи од името на градот Пергам кое било престолнина на некогашното Пергамско Царство. Денес градот Пергам претставува археолошко наоѓалиште во близина на градот Баргама во западниот дел на Турција.

Коптски манускрипт
од Стариот Завет
кој датира од X век н.е.
За разлика од градот Пергам, градот Александрија била средиште на културата и образованието не само во стариот Египет, туку и низ целиот стар свет. Прочуената александриска библиотека била изградена токму во тој град, нејзините складови содржеле неизмерен број на папирусни ракописи на кои биле напишани скоро сите знаења од старите цивилизации, каде што многубројни научни и уметнички списи биле предмет на истражување. За жал, таа до денес не е сочувана, бидејќи била неколкупати рушена и опожарувана. 

Според археолошките наоди, денес во науката е познато дека пергаментот не настанал ненадејно во определено време. За употребата на кожата како материјал за пишување биле запознаени уште и старите Египќани пред повеќе од 4000 години. Постојат зачувани фрагменти на кожни свитоци кои датираат од шестата египетска династија, околу 2300 год. п.н.е. и еден кожен свиток од времето на Рамзес II.

Сепак, за разлика од грубо обработената кожа, пергаментот е поинаков материјал за пишување, тој внимателно се обработувал, се чистел од сите непотребни состојки на кожата (влакна, мрснотии). Тој е потраен и погуст од папирусот. Додека на папирусот се пишувало само од една страна, на пергаментните листови се пишувало од двете страни што е голема предност и основна причина зошто папирусот бил истиснат од пергаментот.

Растегната кожа на дрвена
рамка стругана и тенчена
од страна на работник
Постоеле повеќе техники на преработка на кожата. Едната од нив се одвивала на следниот начин: одраната кожа од животното се ставала во вода од гасен варовник неколку дена за да омекне и за да полесно се извлечат влакната и маснотиите. Потоа се миела во варовна вода, а откако ќе се истругала со остар предмет се растегнувала на дрвена рамка за да се исуши. Тогаш со камен се стругала и измазнувала. На крајот кожата повторно се натопувала со варовна течност и била спремна за пишување. Откако ќе се исуши кожата, се обликувала во лист за пишување, а групата листови за пишување се подредувале во целини затворени во кожен повез наречен кодекс. Врз пергаментот се пишувало со каламус, но во средниот век каламусот го заменило перото.

Пергаментот бил на висока цена по древните пазари и имал некои предности што ги немал папирусот, а тоа е можноста да се пишува со мастила во разни бои и да се отстрани првичниот слој со текст за да потоа се пишува нов. Во случај на недостиг од овој материјал, што често било причина, писарите го отстранувале првичниот слој за да потоа испишат текст со нова содржина. Тогаш пергаментот добива ново име наречено палимпсест (стгрч. παλίμψηστος), збор кој потекнува од старогрчкиот јазик со значење на „повторно кинење“, palin (повторно) и psao (кинам). Остранувањето на мастилото се вршело со стругање и плакнење.

Кодекс - облик на книга
кој бил предвесник на
современата книга
Современата технологија придонела многу древни ракописи напишани на палимпсест да се откријат преку ултравиолетово зрачење со посебен електронски уред. Со примена на оваа техника се откривал ракописот на првичниот слој кој во минатото бил откинат. Пример за ова е Архимедовиот палимпсест кој бил откриен под еден византиски молитвеник под технички назив евхологиј. Архимед бил прочуен хеленски математичар од Сиракуза (антички град на ос. Сицилија) кој вршел разни истражувања. Сопствените истражувања ги запишувал на папирус. Препишувачката дејност на древните школи ги зачувувала неговите ракописи со векови, така што тие го преживеале бурното минато „сокривајќи се“ под верски текст. Благодарение на оваа предност, многу палимпсести ни ги откриле древните книги за кои не сме знаеле дека постојат.

Во видеото е прикажан оригиналниот кодекс од Архимедовиот палимпсест кој содржи вкупно 174 пергаментни листови.

Видеото е во сопственост на музејот Волтерс Арт (The Walters Art Museum).


Занимливи податоци за пергаментот:
  • Називот пергамент не се употребувал сè до IV-тиот век н.е.
  • Во Хелада го нарекувале дифтерија, додека во стариот Рим мембрана. И двата називи едноставно значат кожа.
  • Називот пергамент за прв пат се споменува во 301 год. н.е. во списокот на цени на производи на царот Диоклецијан и тоа како membrana pergamena, што во превод значи кожа од Пергам. Ова ни кажува дека зборот пергамент бил добро познат уште во тоа време.
  • Сè до V-тиот век н.е. постоела непрекинлива борба над тоа кој материјал ќе преовлада во светот на писменоста, дали папирусот или пергаментот. Се разбира, превласта ја имал пергаментот поради неговите предности.
  • Со оглед на тоа што пергаментот пружал можност да се пишува на двете страни, повеќе не било потребно листовите да се виткаат во свитоци. Тие се ределе една врз друга и се чувале во затворен кожен повез наречен кодекс. Така многу речници и енциклопедии биле практични за читање, додека свитокот ја немал таа предност.
  • На Соборот во Никеја, во 325 год. н.е., римскиот цар Константин Велики наредил да се напишат 25 копии на пергаментни листови за секое новозаветно евангелие од Светото Писмо.
  • Од V-ти век речиси сите книги од Светото Писмо се препишувале од папирусни на пергаментни листови со цел да се вечно да бидат зачувани.
  • Magna Carta Libertatum, односно
    Големата повелба на слободите
    е важен историски документ во
    кој писмено се ограничила моќта
    на англискиот крал Џон (XIII век).
    Бунтот на крупните земјопоседници
    го принудиле кралот да ги запре
    неговите претерани барања.

    Повелбата била целосно напишана
    на пергаментни листови.
    Во времето на пишувањето на исламската верска книга Коран сите тогашни книги биле пишувани на пергамент, така што и Коранот е за прв пат запишан на пергамент. Најстарите зачувани пергаментни списи од Коранот се чуваат во истанбулскиот музеј Топкапи Палата и на прв поглед наликува као да биле напишани вчера.
  • Папирусот постепено бил заменет со новиот материјал за пишување - хартијата. Овој процес на замена во Средниот Исток почнал од IX-тиот век, а во Европа од XII-тиот век. Но, бидејќи пергаментот бил многу поквалитетен од хартијата, значајните текстови сè уште биле препишувани на пергамент за да не се загубат низ времето.
  • Во XV-тиот век, германскиот научник Јохан Гутенберг ја измислил печатарската машина. Од 140 примероци на Светото Писмо, 35-те отпечатени примероци биле на пергамент.
  • Од XV-тиот век, пергаментните листови се користеле само како повез на хартија или како подлога за сликање на портрети, најчесто поради природната боја на кожата.
  • Magna Carta Libertatum или Големата повелба на слободите била напишана на пергамент.
  • Хартијата, иако е лесно достапна и евтина, сепак е лесно кинлива и подложна на палење за разлика од пергаментот, така што важните документи во некои земји сè уште се пишуваат на пергамент.