ВКУПЕН БРОЈ НА ПРЕГЛЕДИ

22 September, 2014

За класичните јазици

И старогрчкиот и латинскиот јазик денес претставуваат основа за речиси сите европски јазици, во коишто навлегле многу грчки и латински зборови. Во далечното минато, во антиката, овие јазици биле дотолку значајни што биле задолжителни за секој што сакал да се занимава со трговија, учителство, дипломатија, политика и со многу други дејности. Како што во денешно време англискиот и францускиот јазик претставуваат лингва франка за водење на меѓународна соработка помеѓу земјите во светот, но и за секојдневно комуникација на населението, на еднаков начин старогрчкиот и латинскиот јазик ги сметале за стандард, односно за јазици на учените и на цивилизираните народи.

Развојни степени на грчкиот јазик
Подоцна, со развојот и подемот на римското општество, старите Римјаните изградиле моќна воена снага и ги прошириле границите на нивната цивилизација, така што постепено го наметнале латинскиот јазик како службен за сите народи. 

На старогрчкиот јазик зборувале и пишувале старите Хелени коишто во минатото ја населувале територијата позната како Хелада заедно со островите. Овој јазик има договековна историја, околу 3500 години постоење, можеби и повеќе. Првите грчки записи датираат од времето на микенската цивилизација, околу 1300 год. пр.н.е. Тој јазик во науката е познат како микенски грчки.

Подоцна во раната антика во Европа, околу 800 год. пр.н.е., се употребува старогрчкиот јазик, но не како посебен, туку како сплет од различни дијалекти: ајолски, дорски, атичко-јонски, кипаро-аркадски, лесбоски, памфилски итн. Во времето на македонскиот освојувач Александар Трети Македонски, Хелените го прифаќаат атичко-јонскиот дијалект како заеднички јазик за сите Хелени наречен коине. На овој јазик коине се напишани голем број на книжевни дела од хеленската книжевност, па затоа, денес, ние го знаеме како класичен грчки јазик. Во средниот век од крајот на антиката, старогрчкиот јазик се видоизменува и го добива називот византиски грчки бидејќи станал службен јазик на источното римско царство Византија. Од 1450 год. се појавува новогрчкиот јазик или димотики на којшто денес зборуваат и пишуваат современите Грци. 

Претпочитајте да го користите етнонимот Хелени наместо стари Грци, затоа што тие самите се нарекувале Хелени. Нивната култура што ја развиле се вика хеленска, а територијата која ја населувале се нарекува Хелада.

Латинскиот јазик го добил името по племето Латини, кои го населувале средишниот дел на Апенинскиот Полуостров. Старите Римјани говореле и пишувале на овој јазик, а откако создале моќна цивилизација, секаде каде што освојувале го наметнувале латинскиот јазик како службен за месното население. Дури и во античка Македонија, која во II век пр.н.е. станала римска провинција, античките Македонци биле постепено романизирани и поучувани да живеат во духот на римската култура. За оваа асимилација очигледни сведоци ни се археолошките локалитети низ Македонија: Стоби, Хераклеја Линкестидска, Скупи, Лихнид, Стибера, Антигонеја, Баргала и др. На латински јазик се напишани многу значајни дела од римската книжевност. Тој се употребувал и во средновековието, тогаш важел за јазик на уметноста и на науката, односно за јазик на високите аристократски слоеви.

За латинскиот јазик и романските јазици

Од вулгарниот латински јазик од VI до IX век н.е. настанале ќерки-јазици на коишто тогаш говорел обичниот народ, а тие се следните: италијанскиот, францускиот, шпанскиот, португалскиот, романскиот, каталонскиот и други јазици. Уште ги нарекуваат и романски јазици, а називот романски потекува од латинскиот прилог romanice, што значи „на римски“, односно латински јазик. 

Во средниот век многу популарни љубовни песни се пишувале на вулгарниот латински јазик, па затоа поимот романтичен денес се употребува во таа смисла - текст, музика или слика со љубовна тематика. 

Толковник на непознати поими и изрази
  1. Лингва франка (lingua franca) претставува јазик кој е мост помеѓу народи што говорат на различни јазици. Значи, како што во денешно време говориме на англиски
  2. јазик за да воспоставиме комуникација со некого чиј мајчин јазик не е англискиот, исто така, во далечното минато старогрчкиот и латинскиот јазик биле стандард за комуникација меѓу различните народи на стариот свет.
  3. Под провинција (лат. provincia) се означува секоја територија освоена од римската војска. Откако потпаднала под римска власт, Македонија е именувана како Provincia Macedoniae. 
  4. Романизација е постапка за наметнување на латинскиот јазик и римската култура во освоените територии (провинции) кои потпаднале под римската власт. Романизацијата траела со векови, како што се ширеле границите на Републиката, односно Царството. Сите народи под јаремот на римската власт го изучувале и употребувале латинскиот јазик и живееле според римските закони, правила и обичаи. 
  5. Етноним е назив на припадник на некоја етничка заедница. 
  6. Асимилација е постапка на принудно или спонтано прифаќање на туѓиот начин на живот, јазик и култура. Кога старите Римјаните вршеле асимилација на некое домородно население начинот на нејзиното спроведување бил принуден, под присила.

15 September, 2014

Генеалошка класификација на светските јазици

Што подразбираме под изразот генеалошка класификација?

Ајде да ги објасниме овие зборови!

Генеалошка во себе содржи грчки збор genos што значи род, потекло, сој, додека зборот класификација потекнува од латинскиот збор classis што значи ред, односно подразбира некакво подредување, редење, распоредување. Кога ќе ги поврземе овие два збора од латинско и старогрчко потекло ќе го добиеме следново - распоредување или редење по потекло. Значи ако лекцијата гласи генеалошка класификација на јазици, тогаш од преводот подразбираме дека станува збор за распоредување на јазиците по потекло.

Истражувачите на светските јазици забележале дека многу зборови во одделни јазици биле слични при изговор или пишување, така што навлегувајќи длабоко во структурата на тие одделни јазици дошле до заклучок дека тие биле сродни, слични по своето потекло. За да полесно ја разбереме сродноста на јазиците, да ги погледаме следниве примери:

Зборот „мајка“ во повеќе јазици (стари и современи) што имаат заедничко потекло се јавува во разни облици.

Современи јазици: на германски mutter, на англиски mother, на холандски moeder, на дански moder, на француски mère, на италијански madre, на шпански madre, на португалски mae, на хиндустански ma и др.

Стари јазици: на санскрит matar, на староперсиски mathir, на старогрчки meter, на латински mater, на старословенски мати и др.

Како што може да се забележи, во сите овие јазици иако ги зборуваат многу различни народи од светот, постојат сличности во изговор. Истражувачите потврдиле дека овие јазици имаат заедничко потекло и дека припаѓаат на некои јазични семејства. Така, решиле да ги распоредат овие јазици по нивното заедничко потекло.

Издвоиле 4 групи на јазични семејства, а тие се следниве:

1. Индоевропска група;
2.  Урало-алтајска група;
3. Семитско-хамитска група;
4. Кавкаска група.


Во индоевропската група спаѓаат јазици на кои зборува 46% од населението во светот. Од таа причина, детално ќе ја разгледаме само индоевропската група. Македонскиот јазик спаѓа во едно од јазичните семејства на индоевропската група.

Да прочитаме сега кои јазични семејства постојат во индоевропската група:

*Јазиците што се подвлечени се сметаат за стари и изумрени, односно веќе не се користат во пишан или говорен облик или можеби само на одредени локации или од одредена група на луѓе. Латинскиот јазик, на пример, сè уште се користи службено само во папската држава Ватикан во Рим (Италија).

а) Индиско семејство на кое му припаѓаат следниве јазици: хиндустански, персиски, бенгалски, пенџапски, гуџаратски, ромски, пашту, санскрит и многу други.
б) Иранско семејство: персиски, авганистански, курдски, таџикистански и др.
в) Балтичко семејство: литвански, летонски и старопруски јазик.
г) Словенското семејство е поделено на три гранки: источна, западна и јужна.
  • Источнословенска гранка: руски, украински и белоруски јазик.
  • Западнословенска гранка: чешки, словачки и полски јазик.
  • Јужнословенска гранка: српски, хрватски, бошњачки, македонски, словенечки, бугарски и старословенски јазик.
д) Германско семејство: стариот готски, исландски, дански, шведски, холандски, норвешки, англиски, германски, бургундски, фламански и јазикот јидиш на кој зборуваат Евреите во Израел, Европа и САД.
ѓ) Келтско семејство: ирски, шкотски, велшки, галски и бретонски јазик.
е) Италско семејство: латински, оско-умбриски, венетски, фаликиски.
ж) Романско семејство. Во ова семејство припаѓаат јазици што се развиле од говорен латински јазик, а тоа се следниве: италијански, шпански, португалски, француски, романски и каталонски.

Албанскиот, ерменскиот и сите облици на грчкиот јазик немаат свое семејство, тие се изданок од индоевропското стебло на јазици. За најстар јазик од индоевропската група се смета изумрениот санскрит, додека старогрчкиот бележи повеќе од 35 века постоење, но се разбира не е најстариот јазик на европскиот континент.


Важно е да се запомни дека класичните јазици - старогрчкиот и латинскиот јазик, спаѓаат во индоевропското јазично семејство и ја содржат лексичката основа* во речникот на многу европски јазици. Голем фонд на зборови и изрази од латинско и грчко потекло се користат во секојдневниот и во деловниот јазик, во медицината, правото, земјоделието, новинарството, културата и уметноста, информатиката, астрономијата, технологијата и во разни други научни и општествени гранки во кои дејствува човекот.   

Занимливости:
Јазикот јидиш е од понов датум, создаден во источна Германија. Евреите кои биле печалбари во Германија говорејќи на сопствениот еврејски јазик почнале да собираат туѓи зборови од други јазици, најмногу од германскиот. Подоцна, откако бил збогатен со многу германски зборови, а сè почесто се користел во секојдневна употреба, тој се издвоил како посебен јазик на еврејскиот народ. Инаку, еврејскиот јазик припаѓа во семитско-хамитската група на јазични семејства.

* основа за поимите и изразите што се употребуваат во науката, уметноста и книжевноста.