ВКУПЕН БРОЈ НА ПРЕГЛЕДИ

06 December, 2014

За античката лирика

Митскиот свирач и пејач Орфеј и неговата жена Евридика

Во хеленската митологија се раскажува за Орфеј кој бил меѓу првите поети и свирачи на лира. Тој бил Тракиец, неговиот татко бил тракискиот крал Ојагар, а неговата мајка била музата Калиопа, ќерката на Мнемосина, божица на сеќавањето. Но, подоцнежните митографи најверојатно ја преиначиле верзијата на митот, па за негови родители ги сметале богот Аполон и една од деветте музи. Аполон му подарил лира со седум жици, но Орфеј додал уште две за да бидат точно колку што е бројот на музите. Музата Калиопа, мајката на Орфеј, заедно со Аполон го поучувале Орфеј како да свири на лира и да создава милозвучна музика. Снагата на музиката што ја создавал Орфеј со лирата била толку волшебна и чудесна што додека пеел и свирел на својата лира јата од птици кружеле над неговата глава, рибите отскокнувале од морињата, реките ги запирале своите текови, карпите се треселе, дрвјата се поместувале и му се приближувале за да го заштитат од сонцетo, а дивиот животински свет се собирал до него и спокојно го набљудувал. Дури митот пренесува и дека мелодијата од лирата ги пренела дивите борови стебла од Пиреј (пристаниште во Атина) кон Тракија.

Ликовна претстава од животот на лирските поети Сапфо и Алкај
насликани од страна на холандскиот сликар Лоренс Алма-Тадема
во 1881 год. н.е. (масло на платно). На сликата Алкај свири на
лира и пее, а Сапфо и нејзините придружнички внимателно го слушаат.

Лириката како книжевна дејност на пишување на лирски песни го добила своето име од стариот хеленски музички инструмент лира затоа што во антиката лирските песни се пееле само во придружба на музика и танц. Преку лирската песна хеленските и римските поетите ги изразувале своите чувства и мисли за животот, љубената личност, татковината, боговите и др. Лирското творење станува книжевна уметност кај Хелените, а подоцна под нивно влијание се развива и римската лирика.

Секој музички инструмент го добил своето име врз основа на некоја приказна од хеленската митологија, така и за создавањето на лирата постои еден мит. Богот на веста, Хермес, изработил инструмент од желкин оклоп, црева и трски со цел да украде 50 крави од светото стадо на богот Аполон. Меѓутоа, Аполон набргу ја открил кражбата, така што Хермес ова го надоместил давајќи му ја лирата. Тој го усовршил свирењето на лирата, но на оваа вештина го поучил митскиот пејач Орфеј, а потоа му ја подарил и лирата. Лирата била соодветен инструмент за стекнување на основно музичко образование, додека професионалните музичари свиреле на китара, поинаков жичен музички инструмент.

Бог Аполон со лирата.

Вклучете го видеото да слушате реконструкција на звукот на античката лира од страна на музичарот Михаел Леви 

Музиката под наслов „Лирата на Аполон III“ (The Lyre of Apollo III) е компонирана врз основа на зачуваните музички фрагменти (Kolon Exasimon, Anonymi Bellermann 97) под покровителство на Luthieros Ancient & Modern Music Instruments.



Античката лирика се дели на: 

1. Хорска - лирското пеење го исполнува хор (група луѓе);
2. Монодиска - лирското пеење го исполнува еден глас. Хорските лирски песни се пееле пред луѓето при различни пригоди. Тие се делат на два вида: обредни и световни. Обредните хорски лирски песни се пееле најчесто во чест на некое божество, херој или некој бележит човек, додека световните се пееле само на некоја вообичаена пригода од животот на луѓето.

Во обредни лирски песни спаѓаат следниве:
а) химна – песна во чест на некое божество или некој бележит човек;
б) пајан - песна посветена на богот Аполон;
в) партенија - посветена на божица Артемида;
г) дитирамб - песна што се пеела во чест на богот Дионис.

Во световни лирски песни спаѓаат следниве:
а) тренос - тажачка, оплакување на покојник;
б) епиникија – победничка, величање на победник во војна или на олимписки игри;
в) епиталамија – свадбена;
г) сколион - гозбена.  Од хеленските лиричари, најпознати се Алкај, Сапфó и Пиндар, а од римските Катул, Хоратиј, Овидиј.

Гај Валериј Катул (84 - 54 год. пр.н.е.)
Гај Валериј Катул
Слика на римскиот лирски поет Катул (лат. Gaius Valerius Catullus), околу 84 год. пр.н.е. – 54 год. пр.н.е. Пишувал претежно љубовни песни. Многу малку се знае за неговиот живот. Се претпоставува дека е роден во Верона во 84 год. пр.н.е. во богато и угледно семејство. Таткото на Катул бил пријател на консулот Гај Јулиј Кајсар. Тој починал во Рим во 54 год. пр.н.е., живеел 30 години. Го сметале за еден од „новите поети“ (неотерици), кои сакале при изразување на сопствените чувства и мисли слободно да се изразуваат, колоквијално, односно со јазикот на секојдневието. Неговите песни се кратки, но богати со мудрост и ученост. За постоењето на Катул и неговите песни се дознало од еден ракопис случајно откриен во Верона околу 1305 год. Тој ракопис содржи точно 116 зачувани песни.

Неговата поезија извршила длабоко влијание врз творештвото на подоцнежните европски поети. Тоа се наѕира во песните на Хоратиј и Овидиј, кај ренесансните англиски поети како што се Роберт Херик, Џон Милтон, а во 20-тиот век кај Томас Кемпион, Вилијам Вордсворт и Луис Зукофски.  

Фрагмент бр. 51 од љубовната лирика на Катул

Римскиот поет Катул оваа песна ја посветил на некоја девојка по име Лезбија, Римјанка којашто за него била предмет на голема љубов, но, за жал, недостижна од разни причини.
Песната не е целосно објавена, туку само неколку стихови за читање на час. Обиди се да ја читаш на изворен латински јазик со рецитирање. Побарај помош од наставникот за правилниот латински нагласок при читањето. Преводот на песната е слободен, без препев и стилско дотерување.


Сапфо (615 - 550 год. пр.н.е.)
Сапфо
На фотографијата (десно) е прикажана хеленска поетеса Сапфо. Овој мермер е изработен од францускиот вајар Жан-Жак Прадие во 1852 год. Денес се чува во националниот музеј Музеј Орсеј (Le musée d'Orsay) во Парис, Франција. За животот на оваа хеленска поетеса малку се знае. Родена е околу 615 год. пр.н.е. во аристократско семејство на хеленскиот остро Лезбос. Пишаните извори укажуваат на тоа дека во нејзиното семејство имала неколку браќа, дека била мажена за некој благородник по име Керкила со кого имала ќерка по име Клеида. Поголемиот дел од животот го поминала во градот Митилена (ос. Лезбос) каде што раководела со музичко училиште за млади жени. Тоа првенствено било посветено на култот на Афродита и Ерос. Сапфо добила огромно признание за нејзината посветеност во работата како учителка и поетеса. Според една легенда која ни ја пренесува Овидиј, таа се фрлила од гребен кога некој млад морнар по име Фаонт ѝ го скршил срцето. За разлика од ова предание, другите историчари од римско време пишуваат дека таа починала во староста, околу 550 год. пр.н.е.
Фрагмент 44 од Papyrus Oxyrhynchus X 1232 на
кој е зачувана лирска песна на поетесата Сапфо.
Фрагментот е во сопственост на Фондот
за истражувања во
Египет - The Egypt
Exploration Fund
.
Во антиката ја величале како прочуена поетеса, Платон ја нарекувал „десеттата муза“. Нејзиниот лик бил вгравиран дури и на кованите монети. Таа пишувала во посебен стиховен состав наречен „сапфички метар“, за кој се смета дека самата го измислила. Нејзиното книжевно творештво било собрано во девет книги околу III век пр.н.е., но делата на Сапфо речиси целосно се загубиле низ вековите, што од негрижа, природни катастрофи, но и поради забраната за препишување на античките дела во средновековието кои најчесто биле сметани како безбожнички. За среќа, во XIX-тиот век покрај долината на реката Нил во Египет откриени се египетски ракописи во кои се запазени стихови на поетесата Сапфо. Овие ракописи биле користени како хартија за превиткување на мумии, ковчези, свети животни. Сапфо е една од ретките жени поетеси за кои знаеме од антиката, но се смета и за една од најодликуваните лирски поети низ вековите. Таа составувала монодиски лирски песни наменети за пеење само од страна на едно лице во придружба на инструментот лира.

Пиндар (522 – 443 год. пр.н.е.)
Пиндар
На фотографијата е прикажана биста на поетот Пиндар, римска копија на хеленски оригинал од V век пр.н.е. Се чува во Националниот археолошки музеј (Museo Archeologica Nazionale) во Рим, Италија. Тој е роден во аристократско семејство на Дајфант и Клеодика во селото Киноскефале во близина на градот Теба (Бојотија, Хелада) околу 522 год. пр.н.е. Родословието на неговото семејство влече корени од благодорничката фела на тебанските Ајгиди, кои, пак, се непосредни потомци на Кадмо, легендарниот основач на Теба. Пиндар бил оженет со Мегаклеја со којашто имал три рожби, ќерките Евметида и Протомаха и синот Дајфант. Современиците на Пиндар го сметале за човек приврзаник на Персија за време на медиската војна (490-480 год. пр.н.е.), но овие политички погледи не му попречиле да стане еден од најпрочуените и најпрославуваните поети во Хелада и во хеленските колонии по Средоземјето, особено по завршувањето на војната. Тој постојано патувал во хеленскиот свет под финансиска поткрепа на неговите покровители (патрони). Познато е неговото гостување во дворот на тиранот Хиеронт во Сиракуза (Сицилија) во 476 год. пр.н.е. каде што се запознал со некои од најистакнатите поети од тоа време како што се трагедиографот Ајсхил и лиричарот Симонид, неговиот престој во дворовите на тиранот Терон од Акрагант (Сицилија) и на Аркесилај од Кирена (Северна Африка), како и посетата на делфиското пророчиште и Атина. Учените кругови од тоа време го сметале за еден од најдобрите класични хеленски поети. Тој е еден од ретките антички поети кој зад себе оставил голем број на творби, но, само 45 од неговите епиникии (победнички оди) се целосно зачувани во изворниот облик, додека останатите негови творби опстанале посредно, во облик на цитати напишани од други автори или од папирусните фрагменти откриени во периодот од XIX-тиот до XX-тиот век покрај долината на реката Нил во Египет. Неговата прва ода ја составил кога имал 20 години, додека последната кога има 72 години. Плодните творечки години кога најмногу создавал се сметаат оние од 480-460 год. пр.н.е. Починал во градот Аргос во 443 год. пр.н.е. на 79-годишна возраст.  
Атлети во натпревар по борење за време на олимписките игри
Пиндар составувал епиникии по нарачка на семејството на победниците, пријателите или донаторите и тие биле пишувани исклучиво за хорско пеење за чествувањето на атлетите победници на олимписките, питиските, истмиските и немејските игри. Покрај епиникиите како световни хорски песни, составувал и песни од обредната лирика како што се пајани и химни за разни верски свечености, но за жал тие не се целосно зачувани до денес, туку само се цитираат во делата на другите автори или, пак, се зачувани во папирусните фрагменти откриени во Египет. Една интересна историска анегдота во која се споменува Пиндар се вели дека античкиот македонски крал Александар Велики кога упадна со својата армија во градот Теба целосно ја срамнил со земја освен куќата на Пиндар која била поштедена зашто тој му посветил епиникија на македонскиот крал Александар Први Филхелен како победник во олимписките игри во 504 год. пр.н.е.

Толковник на непознати зборови: 
  1. Обреден - придавка од обред која се однесува на некаква постапка или вршење на нешто што има свето значење или му служи на верското учење. На пр. крштевањето е обред во христијанството. Обредот го заменува и зборот ритуал од латинско потекло. Обредот како религиски чин е многу стар, разни облици на негово спроведување се документирани уште од појавата на човекот, во праисторијата.
  2. Световен - нешто што се однесува на човечките дејности кои се надвор од подрачјето на религијата. Световна работа е на пр. свадбата или спортот, бидејќи тие немаат допирни точки со божественото. Иако кај Хелените и Римјаните некои спортови или свадбени свечености се одвиваат со посебни почести кон боговите, сепак, во суштина тие се човечки активности и се вршат во интерес на луѓето, на нивниот живот.
  3. Лиричар - лирски поет или творец на лирски песни.
  4. Патрон - заштитник или покровител, оној кој парично ги помагал и поттикнувал интелектуалните дејци и уметниците од антиката да работат во полето на науката, уметноста и книжевноста. Патроните најчесто биле богатите аристократи или владетели.
  5. Ода - песна. 
Книжевни извори:
  1. В. Димовска-Јањатова, В. Томовска, Класичната култура во европската цивилизација, Графички Центар ДООЕЛ, Скопје, 2010.
Електронски извори:
  1. http://www.poets.org/poetsorg/poet/sappho
  2. http://www.sappho.com/poetry/sappho.html
  3. http://www.poets.org/poetsorg/poet/gaius-valerius-catullus
  4. http://www.poetryfoundation.org/bio/pindar
  5. http://www.ancient-literature.com/greece_pindar.html
  6. http://www.ancient.eu/Lyre/

No comments:

Post a Comment